Логиката која ја следат голем број аналитичари е дека изјавата на Ердоган од почетокот на 2018 дека Република Турција е продолжетокот на Отоманската империја, наведува на тоа дека и лидерот на земјата е аналогија на Калиф.
Иако Ердоган фино се има снајдено за генеза на својата кандидатура за глобален лидер на муслиманите, неговата намера има сериозен непријател во форма на Саудиска Арабија и нејзините владетели.
Дописникот од Блискиот Исток за Индепендент, Базфид, Форин полиси, Борзу Даргахи објаснува дека „аналитичарите сакаат да зборуваат за ’непомирливиот историски судир’ меѓу иранските шиити и саудиските сунити. Во реалноста, идеолошкиот раздор меѓу Саудиска Арабија и Турција, а не Иран, е она што е далеку подлабоко вкоренет. Тука се работи за иднината на Блискиот Исток“.
Ова се базира на тоа дека судирот Иран - Саудиска Арабија е прилично нов, додека Отоманите против Вахабистите / Ал Сауд, и ривалство кое трае со векови.
Ако денес судирот е во тоа што Турците пред цел свет ги исцинакрија Саудијците за убиството на Кашоги, или фатија да работат со Катар во време кога кралството е под опсада од Саудиска Арабија, во 19-от век имаме директен воен судир меѓу двете страни и токму Отоманските Турци се одговорни за уништување на првата Вахабистичка империја во 1818.
Иако денес Саудиска Арабија е „Чувар на светите места“ (Мека и Медина), номинацијата на Ердоган за се-муслимански лидер има други аргументи со сериозна тежина: кај муслиманската јавност тој не важи за колаборатор на Американците, а не е ни приближно опседнат со Иран и ривалството меѓу сунитите и шиитите, плус веќе соработува со Иран и Катар.
„Без разлика колку Турција од неодамна изгледа како диктатура со избори, нејзините државни институции се далеку постабилни и робусни во споредба со непостојните демократски институции на саудиската апсолутна монархија, што исто така го прави попривлечен модел,“ пишува Абхинав Пандја во израелски Хаарец.
Тој споменува неколку арапски и турски новинари и аналитичари според кои Ердоган до 2023 планира да ја обнови институцијата калифат.
Тука во сликата се вклопуваат и муслиманите од Индија, кои со речиси 190 милиони луѓе се втората по големина муслиманска популација во светот (пред нив е само Индонезија). Главна помош во придобивање на индиските и општо јужно-азиските муслимани е Јужно-азискиот центар за стратешко истражување (ГАСАМ на турски), предводен од турскиот исламист а моментално заменик министер за Европа во турската влада, Али Сахин. ГАСАМ редовно организира конференции и средби на кои кани свештеници од Јужна Азија „чија цел е ширење на исламистичката идеологија на партијата на Ердоган кај индиските муслимани“. Под нивна закрила се случува и размена на кадри и знаење меѓу некои од најистакнатите исламистички дејци на Ердоган и муслимански верски лидери од Индија.
Во тинтрањето на индиските муслимани се вклучени и глобалните турски медиуми, кои посебно сакаат да посветат внимание на неправдите извршени од индиските власти во оспорениот Кашмир, што е горлива тема во Индија. Турција од Западот го има преземено стандардното финансирање НВО организации кои тераат туѓа агенда во родните држави. За возврат, победата на Ердоган на изборите во јуни 2018 доведе до масовни прослави низ цела Индија и Кашмир.
На официјално ниво двете држави се трудат да бидат барем коректни. Ердоган и Муди се сретнаа во 2017, и беа идентично срдечни на неодамнешниот Г20 самит. Во оваа протоколарност, Турција и понатаму ја попречува Индија во големите меѓународни институции (советот за безбедност на О.Н.), а Индија истовремено е силно наклонета кон Саудиска Арабија.
„Каква е веројатноста дека муслиманската заедница во Индија ќе падне на шармот на Ердоган?
Прво, Турција и големото мнозинство на индиските муслимани се не-арапски муслимански заедници, а и двете ја следат истата Ханафистичката школа на сунитски ислам. Токму оваа школа е предноста што Турција ја има врз Саудиска Арабија, чија далеку по туѓа Вахабистичка школа наидува на повеќе отпор од локалните ханафиситчки школи и индиската муслиманска култура.
Второ, постои традиција на длабока почит кон Отоманскиот калифат. По бунтот од 1857, за да го избегнат британскиот прогон, неколку индиски свештеници бараат и добиваат прибежиште на Отоманска територија.
Трето, културата и темпераментот на индиските муслимани се такви што бруталните и екстремистички методи на калифат налик оној на ИСИС или саудискиот вахабизам има мала привлечност, што веќе се докажа како факт со тоа што од втората најголема муслиманска популација на светот само 112 Индијци патуваа за да му се приклучат на ИСИС.
Турската умерена верзија на политички Ислам, и Ердоган како лидерска фигура, се попривлечни за индиските муслимани. Како што Ердоган ја засилува авторитарната природа на своето владеење, и е се покомфорен во називот ’Султан’ неговите аспирации да биде признаен во границите на Турција како транснационален лидер на муслиманскиот свет - Калиф - растат.
А како што хинду национализмот се засилува во Индија, а муслиманите се чувствуваат се позагрозени, тие може да најдат некој помоќен поддржувач во странство кој ќе ги засили нивните интереси, права, безбедност и идентитет,“ порачува Пандја во текстот за Хаарец.