Магиското повторување на тие бижутериски мантри против турбофолкот и другите омилено омразени топоси на не-нивните култури, споено со ужасниот недостаток на смисла за забава и хумор, на таквите намќорни кругови им ги направи недостапни и невидливи цели алтернативни светови кои со претерана радост, претеран очај, претеран вињак и дим живеат под нивниот радар.
Синан Сакиќ беше еден од најголемите во тој паралелен андеграунд свет. Ако го преживееш неговото (се разбира претерано) вокално јадикување и мекетање, некој дел од твојот (претерано човечки) ДНК по некое време ќе почне да се штима на таа атмосфера. Или просто ќе се запрепастиш какви сè феномени има на светов и какви сè болки и страдања тие трпат. Пушти ги емоциите да се распашаат, додај вињак и дим, и ете те и тебе меѓу нив.
Замислете, без пуштање на радио, без голема дистрибуција и промоција, без интернет и вирални трикови, Синан на средина на 80-ти продавал по 300.000 касети.
После еден еден негов концерт, човек има кажано:
„Видиш, тоа е тој свет, свет на тешки текстови, виртуозни солажи, маргинални општествено-економски групи и нивните супкултури, свет на отфрлените и презрените“.
Баш така.
Синан Сакиќ беше роден 1956 година во ромско семејство од Лозница. Почина на 62 годишна возраст, нa 1 јуни 2018 во Белград.
Со син кримос и убиец, на крајот од животот призна дека вискито и комарот му го имаат упропастено животот а за да издржи концерт, му треба и нешто дрога.
Еве еден обид да се објасни тој феномен
„Ми имаат кажано дека Синан често плаче додека пее, во што и сама се уверив, благодарејќи на Јутјуб. Ама има една снимка кајшто ја пее Сине мој со Мухарем Сербезовски и кајшто плаче некако поинаку, полично и попотресено. Нешто тука ми беше чудно па изгуаалв „синот на Синан Сакиќ“. Првиот резултат ме пресече: „Синот на пејачот Синан Сакиќ правосилно е осуден на 12 години затвор, затоа што го убил Драгољуб Деспотовиќ и се обидел да го ликвидира Радомир Лазиќ после една кафанска тепачка во мај 2002“.
Синан знае за што пее, па макар пеел лошо, како што и лошо пее. Но тоа го прави искрено, раскопчувајќи се пред публиката, да му се видат душата и срцето. Тој глас е неподнослив бидејќи доаѓа од најцрната темница на маргините и несреќата, од сиромаштијата која здогледала троа светлина и потрчала по него, па создала потомство кое се вратило во мракот, меѓу отпадниците. Бидејќи темнината им е природна средина, светлоста, очигледно, ги пржи.
Јована Глигоријевиќ
За крај, Синан Скарфејс Сакиќ:
„Синан е рокенрол. Тоа не може да биде сељана.“