Објаснувањето за привлечноста на Трамп за луѓе кои претходно гласале за Обама се базира на две истражувања. Првото, од Џорџ Вашингтон Универзитетот, ја следи расната, религиозната и културолошката поделба на гласачите и нивното влијание на изборите 2016. Второто, на политикологот Ли Друтман, детално ги анализира овие поделби и ги става во контекст на демократската и републиканската партија.
И двете студии, иако тргаат од различни стартни точки, заклучуваат дека прашањата за расата, религијата и американскиот идентитет се критични за исходот во 2016, посебно меѓу гласачите на Обама кои преминале кај Трамп.
Аналитичарите повторно се изненадени од кампањата на Трамп, конкретно од тоа што ним им изгледала хаотична, ама завршила работа кај гласачите. Според нив цаката била во тоа што Трамп успеал да ја забележи потребата на политичкиот пазар и да излезе во пресрет.
Околу дилемата за пребеганите гласачи на Обама (околу 9% од гласачите на Трамп на претходните избори гласале за Обама) одговорот на студијата од Џорџ Вашингтон Универзитетот е дека Трамп ги има освоено на идентитетот:
"Ставовите кон имиграцијата, кон црните Американци, и кон муслиманите повеќе се поврзуваат со гласање за Републиканците во 2016 отколку во 2012.
Или поинаку кажано, Обама го освои вториот мандат со поддршка на гласачи кои имаа негативен став кон црнците, муслиманите, и имигрантите."
Откритието што оди контра сржта на досега востановената логика е дека "37% од белите гласачи за Обама имале неповолни ставови кон муслиманите", додека 33% изјавиле дека нелегалните мигранти се само трошок. Сосема друга студија од минатата година покажа дека 20 до 25 проценти од белите гласачи на Обама биле против мешани бракови.
Тоа како белците почнуваат да и даваат толку изразена улога на расата и идентитетот во време кога Америка по втор пат има избрано црнец за претседател, се објаснува со два фактори: "експлозија" на протести против полицијата во периодот од 2012 до 2016; и појавата на движењето Црните животи се важни, кои предизвикуваат сериозна поделба во општеството.
Друтман ја прави поделбата по идеолошка линија: либерали, конзервативци, либертаријанци и популисти. Како што на Обама му успева да зграби дел од популистите, така на Клинтон не и успева да ја задржи истата демографија. Причините за ова почнуваат со настани од времето на владеењето на Обама, кои кампањата на Трамп ги нагласува за на крај оваа група да одлучи дека идентитетот (понудата на Трамп) го вреднува повеќе од економската помош (понудата на Хилари).
Згора на ова Трамп, крајно лабав кон партиската идеологија, нема проблем да загази во левичарскиот пристап на економијата, па кога Хилари ветува инфраструктурен план од 600 милијарди долари, Трамп вади ист таков план во вредност од 1.000 милијарди долари.
"За прв пат во историјата популистите не мораа да ги приоретизираат своите вредности. Тие можеа да изберат либерални економски гледишта и бел идентитет, и го направија тоа," пишува Џамел Буи во Слејт.
Она што моментално е слабост на Трамп е што стана премногу врзан со републиканската партија и нивното гледиште за тоа како треба да биде уредена земјата. Процената на Буи е дека ако продолжи со ова, Трамп во 2020-та ќе биде само уште еден републикански кандидат, без можноста за маневар што ја имаше во 2016.