Како Стивен Фрај ги натера Ирците на референдум

Фрај во едно интервју од пред три години го нарече Господ „глупав, злобен и каприциозен“. Еве ги денес Ирците, се изјаснуваат по тоа прашање.

Дeнeс, 26.10, Ирците ќе гласат на референдум за отстранување на одредба од нивниот устав која забранува богохулие. Исто како и одлуката од мај да се тргне забраната за абортусот, и онаа од 2015 за легализирање на истополовиот брак, и овој референдум може да придонесе за уште поголемо оддалечување на земјата од нејзиното традиционално католичко наследство.

Гласањето, кое се одвива истовремено со ирските претседателски избори, ќе се однесува на бришење на одредницата „богохулно“ од Членот 40 од Уставот, кој вели дека: „Објавувањето или изговарањето на богохулна, бунтовна или непристојна содржина е прекршок кој ќе биде казнет во согласност со законот“. Неодамнешна анкета покажува дека нешто над половина од јавноста би го поддржала укинувањето на богохулието како основа за гонење, а четвртина сè уште немаат одлучено како ќе гласаат.

За волја на вистината, во практиката никој во Ирска до сега нема одговарано за богохулие. Но неодамнешен обид воопшто да се покрене постапка беше доволен за прашањето да се актуелизира на национално ниво.

Имено, во 2015, кога британскиот комичар Стивен Фрај се појавил на ирската телевизија, водителот на шоуто го прашал што би му рекол на Господ кога би го сретнал во задгробниот живот. Фрај одговорил: „Зошто би почитувал некој каприциозен, злонамерен, глупав, Бог кој создал свет полн со неправичност и болка?“. Тој тогаш беше обвинет за прекршување на ирските закони за бласфемија, а ирската полиција отвори истрага.

Целиот случај наскоро правно беше батален, но тој сепак отвори јавна дебата за реалниот ефект на овие закони. Така, здружение на 14 цркви - вклучително и католичката - ја прогласи уставната клаузула за „генерално непотребна“ и повика на нејзино отстранување.

Ирска е една од 69-те земји во светот чии закони забрануваат бласфемија, иако казната таму е меѓу најниските (максимум 25.000 евра) и најмалку применуваните. За разлика од неа, во Пакистан, неодамна избраниот премиер Имран Кан летово водеше кампања за одбрана на строгите закони за богохулие во оваа земја. Тој изјави дека сака да спроведе и кампања за воведување меѓународни закони за бласфемија во Обединетите нации. Во 2010, Пакистанка-христијанка беше осудена на смрт за наводно навредување на пророкот Мухамед, а во моментов оечкува одговор на нејзината жалба. Во Индонезија, жена-будистика била осудена на 18 месеци затвор затоа што се жалела дека муслиманскиот повик на молитва бил прегласен. А во 2017 поранешен гувернер на Џакарта бил осуден на две години затвор заради коментари во врска со Куранот.

26 октомври 2018 - 11:51