Nevermind (Нирвана, 1991)
дизајн: Роберт Фишер и Кирк Ведл
Спенсер Елден никогаш нема да го заборави неговото прво пливање. На само четири месеци, тој бил едно од неколкуте бебиња кои се појавиле на јавниот базен во Пасадена, на аудиција за корица на албумот на Нирвана.
„Му ја покажав сликата со бебето на Курт", изјавил дизајнерот Фишер, „нему му се допадна, ама сакаше и нешто повеќе. Почнавме да нафрламе секакви идеи, и Курт на шала предложи рибарска јадица. Минавме цел ден размислувајќи што се' можеш да ставиш на јадица. Иако Курт никогаш не ми даде објаснување за дизајнот, претпоставувам дека голото бебе ја симболизираше неговата сопствена невиност, водата туѓата околина, а јадицата и доларите неговиот креативен живот и влезот во корпоративниот свет на рок музиката".
Елден, кој сега има 20 години, вели: „Повеќето од денешните бендови не прават ни приближно толку колку што Нирвана направи на тој албум, и секогаш ќе бидам среќен што бев дел од него".
Велвет Андерграунд и Нико, познат како „Банана албумот" (1967)
дизајн: Енди Ворхол
Со сета почит кон Чикита, најпознатиот бренд банана е онаа зрелата на корицата на деби албумот на Велвет, која може дури и да се излупи.
Сликата била направена од едноставен црно-бел ацетатен филм. За таа да биде уште попровокативна од првичната асоцијација на гениталии (тип: машки), Ворхол ја додал и белешката: „Излупете бавно, и видете". Под стикерот ѕиркало розово овошје, кое асоцирало на нешто меснато.
Но за Verve Records албумот бил продукциски кошмар. „Некој мораше да седи со саати, со купишта албуми, рачно да ги вади жолтите стикери и под нив да лепи розови", вели уметничкиот директор на Ворхол, Рони Катрон.
Од 1968 верзијата со бананата што може да се лупи е напуштена. Оригиналите сега чинат до 500 долари по парче. А бананата ја има на сè, од слики, до маици.
Who's next (Ху, 1971)
дизајн: Џон Кош и Итан Расел
Идејата била членовите на бендот да се измочаат на бетонскиот столб, како некаков личен потпис. Но за беља баш тогаш никому не му се мочало. Според Расел заради тоа на столбот е истурена дождовница.
Во 2003 VH1 ја прогласи оваа корица за втора најдобра на сите времиња.
Dark side of the Moon (Пинк Флојд, 1973)
дизајн: Хипгнозис и Џорџ Харди
Иронично е што бенд кој некогаш пееше „Не ни треба образование" на насловната на нивниот најдобро продаван албум има илустрација од - учебник.
„Призмата ја претставуваше и разновидноста но и чистотата на нивниот звук", вели дизајнерот Сторм Торгерсон. „На посвесно ниво, таа некако доликуваше на бенд со репутација на одлично лајт шоу на нивните концерти."
London Calling (Клеш, 1979)
дизајн: Реј Лоури и Пени Смит
Зелено и розево никогаш не треба да одат заедно - вели стандардното модно правило. Но токму оваа комбинација стана легендарна откако се најде на славниот албум на Клеш.
Дизајнерот Реј Лоури изјавил дека намерата била да се одаде почит на оригиналниот, непознат гениј кој ја создал првата рокенрол плоча на Елвис.
Што се однесува до самата фотографија, онаа на која Пол Симонон го крши басот, тој изјавил дека му е криво што во напад на бес заради тоа што концертот не одел според неговите очекувања си го уништил инструментот. „Требаше да го извадам резервниот, тој не беше толку добар колку овој. Кога ја гледам сега сликата посакувам да го имав малку поткренато лицето".
The Joshua Tree (U2, 1986)
дизајн: Стив Аверил и Антон Корбејн
Дрвото Џошуа е бавнорастечка грмушка со остри листови, карактеристична за пустините на американскиот југо-запад. Именувана е од група 19-вековни мормони - формата на дрвото ги потсетувала на библиската приказна за Џошуа кој стигнува до рајот.
Токму овој чуден, безвременски аспект на ова дрво ги натерало членовите на бендот да дојдат во националниот парк Death Valley во Калифорнија. Фотографијата на Корбејн станала совршена илустрација за рок химните на овој албум. „Тоа е веројатно најстариот жив организам во пустината", изјавил тапанарот Лери Мулен јуниор. И навистина бил стар штом паднал и умрел во 2000. Фановите на U2 од тогаш одржуваат храм во пустината за да оддадат почит на славното дрво.
Licenced to Ill (Бисти бојс, 1986)
дизајн: Стив Бирам и Ворлд Б. Омс
Приватните авиони и фаталните авионски несреќи се главата и писмото на рокенрол паричката на славата. Идејата на Бисти бојс им дошла кога читале за луксузниот приватен џет на Лед Цепелин. „Бисти бојс беа само група мали момци и сакаа да имаат авион. Сакав да го истакнам но и да си поиграм на саркастичен начин со тој рокенрол начин на живот, претерувањата и уништувањето", изјавил продуцентот Рик Рубин.
Колаж уметникот Омс го составил авионот на Бисти бојс од фотографски елементи (една американска авио компанија подоцна се жалела дека личи на нивен авион), а потоа рачно ги поминал со креони растворени во вода.
Белешка: Идентификацискиот број на авионот на опашката, 3МТА3, се чита „eat me", на огледало.
THE FREEWHEELIN' BOB DYLAN (Боб Дилан, 1963)
дизајн: Дон Ханштајн
„Кога ја сретнав, тоа беше како да влегов во приказните за 1001 ноќ. Имаше насмевка која можеше да осветли улица полна луѓе" - вака Боб Дилан ја опишува Сузи Ротоло, неговата девојка од 1961-1964, во неговите „Хроники". Фотографијата на среќниот пар е направена во февруари 1963, кога Дилан имал 21 а Ротоло 19 години. Локацијата е Гринвич вилиџ.
„Не сликав со намера тоа да биде корица", се сеќава Ханштајн. „Земав со мене само една ролна колор филм, и повеќето од сликите на неа не беа добри".
Ротоло почина во 2011.