Пропагандата и дезинформациите што се појавуваат против финската влада најчесто коинцидираат со воените вежби и слични презентации на руската армија на руско-финската граница. Финската формула за справување со неспоредливо поголемиот сосед има 3 точки:
- Силниот систем за јавно образование.
- Долгата историја на балансирање со Русија.
- Сеопфатна владина стратегија која дозволува одбивање на координираната пропаганда и дезинформации.
"Најдобриот начин да одговориш многу помалку се сведува на коригирање на информацијата, отколку на имање сопствен позитивен наратив и држење до истиот," објаснува директорот на Центарот за глобален ангажман на Харвард, Џед Вилард.
Токму Вилард моментално на темава работи со шведската влада, а претходно бил ангажиран од Финците за да им помогне во "развивање јавна програма за дипломатија за разбирање и идентификување зошто лажните информации стануваат вирални и како да се спречи пропагандата". Откако во октомври 2015 финскиот претседател алармираше дека "против Финска се води информативна војна", во јануари 2016 кабинетот на премиерот избра 100 владини претставници од најразлични нивоа и ги вклучи во програма за идентификување и разбирање на ширењето информации, базирана на советите на Вилард.
Самата приказна на Финска суштински значително се разликува од онаа на мноштвото "загрозени" земји. Финска има хомогена популација од 5,4 милиони луѓе, земјата редовно се наоѓа на највисоките позиции на листите на ОЕЦД за квалитет на живот, има еден од најсилните социјални системи во светот, и го има најдобриот образовен систем според бројките на Светскиот економски форум. Ваквото поднебје кај Финците создало силно критичко размислување, што само ги надополнува напорите на властите за одбрана од надворешно влијание "насочено кон поткопување на довербата во институциите".
Историски, Финска има минато повеќе од еден век под руската империја, па осамостојување, па повеќе обиди на СССР за освојување на земјата за време на Втората светска војна, по што следуваа неколку децении Студена војна, а по падот на Берлинскиот ѕид таа е главната руска мета во нападите на единството на ЕУ. Сето ова "прави Финска да има трезвено разбирање за мотивите на Кремљ."
Поранешниот фински амбасадор во Москва, Рене Најберг, свесен за поголемата слика, објаснува дека Финска сепак не е главната мета на Русија, "вистинската намера е Германија... Меркел е главното јадење, ние сме само гарнир".
Форин полиси го наведува случајот со "Приказната за Лиса" како школски пример за капацитетот на Москва за информативна војна. Во јануари 2016, медиуми на руски јазик објавија дека 13-годишна Германка со руско потекло била силувана во Берлин од мигранти. Веста се шири пред германските власти да имаат време да ја проверат информацијата, и таа е преземена од меинстрим медиумите во Германија и низ светот, и предизвика протести низ Германија од анти-имигрантски групи и тамошни Руси. Кога веста се покажа дека е лажна, неколку руски телевизиски канали го обвинија Берлин дека се обидува да ја заташка целата работа со силувањето на девојчето.