"И покрај распространетата толеранција, во Холандија секогаш постоела некоја омразена општествена група. Прво тоа беа Турците, потоа невработените што се на социјална помош, па Мароканците, за денес најголем непријател да е исламот," објаснува Давор Коњикушиќ во текстот за Новости.
Ваквата автентична омраза успешно беше раширена од Пим Фортујн, инаку универзитетски професор, кој успеа со муабетот околу муслиманите како главен непријател на холандското општество да опфати голем број незаинтересирани гласачи и невработени претежно од ниските слоеви.
"Од таму тргна целата манипулаторска приказна на десничарите како Вилдерс или Ле Пен, кои користејќи ги аргументите на левицата, на масата и продаваат отровна нетолеранција. Еден месец пред изборите во 2002, Фортујн беше убиен од активист за заштита на животните, што на десницата на некој начин и даде крила. Оној заспан слој излезе да гласа во знак на револт и Холандија на почетокот од 2000-те добие десничарска власт. За среќа нивната некомпетентност доведе до тоа тие да се распаднат, но семето на десницата беше посеано во холандските глави и доби глас кој потоа го презеде Вилдерс," објаснува Тања Матиќ, новинарка која со години живее во Холандија.
Проблемот во холандската политика е и во тоа што иако левицата собра 45% од гласовите, таа е поделена на толку многу мали партии, заради што не може да се организира за владеење. Наспроти нив десницата е прилично обединета и освојува стабилни гласови.
Она што не е јасно околу холандскиот страв од бегалците е тоа што земјата е 12-та на листата најбогати земји во светот (пред Франција, Британија и Германија), ги има некои од најпрометните пристаништа во Европа, и има обемна колонијална историја, што длабоко се има замешано во денешната демографија на земјата.
Еден од холандските капацитети за сместување бегалци е Бијлмербајес, крајно прописен затвор, опколен со канали со вода, сместен во северниот дел на Амстердам.
"Во отворениот дел на затворот, во културниот центар Лолалик, се наоѓаат најразлични иницијативи што се трудат да ги интегрираат бегалците во пазарот на труд. Лолалик всушност е типичен пример за гентрификација на постојниот простор, но и добро место да се види целото лицемерие на постојниот систем и однос кон бегалците.
Една од неодамнешните сулуди идеи за интеграција на бегалците е отворање амам во кој бегалците ќе им ги тријат грбовите на посетителите," објаснува Коњикушиќ.
Инаку на бегалците освен што им е забрането да работат во земјата додека чекаат да се реши нивниот статус, тие не смеат ниту да почнат да учат холандски "затоа што на тоа се гледа како на давање лажна надеж на бегалците, со сулуда претпоставка дека ќе почна да пристигнуваат уште повеќе луѓе ако властите овозможат учење на јазикот."
Овој отпор кон бегалците, надополнет со финансиската криза, на нас (Балканот) се одразува со одредено разочарување и незаинтересираност.
"Впечатокот е дека и покрај сите обиди балканските држави да се засилат во политичка, економска и општествена смисла, не им се помогна многу. БиХ, Косово и Македонија и понатаму се во проблеми, Србија е во променлива состојба, а и на Хрватска не оди најдобро. Исто така, Балканот не е во интересот на меѓународната јавност. Од друга страна, оние кои дојдоа во Холандија по војните во поранешна Југославија претставуваат најдобро интегрирани луѓе во холандското општество. Локалниот став кон луѓето од Босна и Херцеговина е изразито позитивен," објаснува холандскиот новинар Крис Кулесман, кој со години престојуваше на Балканот.
Она што Коњикушиќ го сфаќа од целиот муабет е дека како што може да покаже примерот со Бошњаците во Холандија, кои се добро интегрирани во општеството, исламот сам по себе не претставува проблем. Проблем претставува што непријателството кон исламот во оваа земја, станува модел за создавање на некој што е непосакуван, односно непријател, па "на Европа понекогаш добро би и дошло нешто да научи од нашето трауматично искуство и последиците од политиките кои и денес така јасно ги чувствуваме."