Данскиот историчар Микел Торуп во негова нова книга со асоцијативен наслов „Про Боно?", ги дефинира карактеристиките на тн. „филантропоски капитализам", кој се базира на идејата дека капитализмот како општествено уредување е, или може да биде правичен, дека е супериорен кога е во прашање човечкиот напредок, дека тој не е проблем туку решение за сите големи проблеми во светот, и дека конфликт помеѓу богатите и сиромашните нема, туку дека напротив, богатите им се најдобриот, ако не и единствениот пријател на сиромашните.
И не само тоа. „Нафатираните", според доминантното сфаќање го заслужуваат богатството со коешто се здобиле затоа што се попаметни, покреативни, имаат повеќе среќа и на секој начин се подобри од остатокот од човештвото. Според анализата на Торуп, при описот на успехот на овие поединци медиумите често забораваат да ги спомнат личните врски, сомнителните бизнис практики, ниските плати на вработените и експлоатацијата којашто стои зад повеќето нивни финансиски добивки.
За илустрација на овие поенти тој користи фиктивна личност „Доналд", јасна асоцијација на Доналд Трамп, во основа богат и вулгарен расист, чии ставови имаат огромно влијание барем врз дел од јавното мислење. Според Торуп примерот на Трамп совршено илустрира една од централните тези на книгата - дека економскиот систем и неговите профитери не се доведувани во прашање онолку колку што тоа би можело или би требало.
А она што би требало да биде оспорувано е и една идеја која е универзално прифатена, не само во САД туку и во Европа, дека општествата со примена на пазарни принципи за решавање на социјални прашања може истите да ги реши. Всушност ваквите обиди се бирократски, неефикасни и на крајот на краиштата лицемерни.
Купувањето „зелени" производи заради поздрава околина, „црвени" за да се помогне на заболените од ХИВ/СИДА и слични социјални движења фокусирани на потрошувачка заради помош само го отргнува вниманието од вистинските проблеми и од можните решенија. Дали нашата планета ќе биде во подобра состојба ако трошиме „паметно" (а сепак трошиме) или ако едноставно купуваме помалку?
Неговата скептичност е на граница на презир кога тој пишува за славни личности како Боно Вокс, Анџелина Џоли или Бoб Гелдоф, кои го користат нивното богаство за да привлечат внимание кон социјални проблеми.
„Тие можеби ја критикуваат нерепрезентативната моќ", вели Торуп, „но и самите се дел од неа. Тие можеби се поврзуваат со сиромашните преку кампањи, но ги минуваат животите дружејќи се со богатите и моќните".
Ваквиот начин на однесување тој го нарекува „политика на спектакл", а она што притоа изгледа како филантропија всушност само го зголемува јазот помеѓу најбогатите 85 поединци на светот кои заработуваат повеќе од долните 50% од светското население. Решението на големи социјални проблеми не смее да зависи од донации, колку и да се тие големи, па дури и искрени. Вистинската тема на дискусија треба да биде улогата на владите, на даноците и на јавното финансирање, а не великодушноста на „хуманитарните мецени".