Мајк Годвин е адвокат и автор кој уште во 1990-то година, кога интернет дискусиите уште беа во пелени, влезе во непишаниот устав на интернет однесување со својот Годвинов закон (од марфиев тип) кој гласи:
„Колку што една интернет дискусија станува подолга, толку поголеми се шансите да се појави некоја споредба која го вклучува Хитлер“.
„Без оглед за што се дискутираше во њуз-групите, сеедно дали за безбол, литература, џез или, кога веќе сме кај меметиката, за Докинсовата теорија на културна еволуција, порано или подоцна - а што подоцна, тоа порано - некој некого ќе го споредеше со Хитлер, а неговите аргументи ќе ги дисквалификуваше како нацистички, по што дискусијата, се разбира, се претвораше во кафанска тепачка“, ќе напише Дежуловиќ во текстот „Јасно е за што служат коментарите на порталите“ во кој го спомнува и подоцнежниот „амандман“ на Жерар ван дер Леун дека „колку што расте глобалната поврзаност, толку е поизвесно дека во онлајн-дискусијата на крај навистина ќе се појават нацистите“.
Назад на Годвин, неговиот закон и актуелните случувања во САД по насилствата во Шарлотсвил кои завршија со тројца мртви.
Авторот на законот нема никаков проблем оние црепови од Шарлотсвил да ги нарекувате нацисти.
Годвин и претходно објаснуваше дека намерата никогаш не му била да го забрани спомнувањето на Хитлер и нацистите во интернет дискусии туку дека само сакал да обрне внимание дека треба два пати да се размисли пред да се дискредитира опонентот со споредба со нив (старата добра интернет етика вели дека тој што прв ќе го спомне Хитлер во дискусија ја губи истата бидејќи самото спомнување сугерира дека е дојден во ќорсокак па нема друг аргумент).
Ама, кога навистина ќе се појават нацисти, глупо е да се кријат.
„Најдобар начин да се спречат идните холокаусти не е од љубезност да се воздржуваме од негово спомнување. Само што треба да се потрудиме тие споредби да се издржани и значајни“, напиша пред две години Годвин во Вашингтон пост.
****
Види и: