Реформите не се спроведуваат.
Веќе речиси четири месеци, откако е составена и последната хрватска влада, ова е мантрата која секојдневно папагалски ја повторуваат сите нејзини критичари. Баукот на неспроведените реформи, артикулиран во сочна пцвока, кружи низ Хрватска и служи како универзална шифра за разбирање на секој тековен проблем.
Либерали, социјал демократи, народњаци, антифашисти, антирасисти, загрижени култрњаци, граѓански конзервативци, конзервативни градежници, лева салонерија, централна бижутерија... сите се многу бесни што власта нема ни почнато со реформите, а во предизборната кампања во крв се заколна дека одма ќе почне да ги спроведува, и конечно ќе ја понесе земјата кон економско закрепнување, процветување на инвестициите, пазарна конкурентност или нешто многу слично.
Дури и припадниците на владејачката коалиција се свесни за обемот на проблемот и се погласно кукаат заради деструктивната и агресивна опозиција која, како што истакнуваат, го одвлекува вниманието на јавноста кон неважни идеолошки прашања - "нè тераат да се занимаваме со усташи и партизани" - и со тоа ја опструираат работата на подготовката на реформите кое се, нормално, приоритет над приоритетите.
Значи, сите на свој начин се согласни: наместо веќе да е во добар дел реформирана, Хрватска и понатаму е деформирана; склупчена во југоисточниот ќош на Европа како оболен сирак, како сакато дете на богато семејство, како лузна на хируршки затегнато лице, па безутешно липта, лие крокодилски солзи, преплавена од водопади автентична несреќа, и тек од време на време - повеќе од јад него од радост - ќе извикне "За дом спремни!"
Причина за стагнацијата секако е раскошниот пичвајз во владејачките редови, досега незабележаната војна на сите против сите, оној тип на координација во кој актерите толку ефикасно се стискаат за јајца еден за друг што носењето на каква било одлука веќе е и физички невозможна.
Односите меѓу двајцата потпретседателите на Владата и премиерот - еден од ХДЗ, другиот од Мост, а третиот од Канада - се регулирани така што секој од нив не разговара со останатите двајца, освен во случаи кога во пар треба да се договори нешто против третиот. Претседателката на државата, тој столб на протоколарниот дел на власта, според последните информации не разговара ни сама со себе, освен во случаи кога, полна со злоба кон ривалката, одлучува јавно да се срамоти.
Добро упатените тврдат дека редарската служба на влезот во Бански двори на министрите се почесто им одзема боксерици, пиштоли и ловечки ножеви. Им се проверуваат и ноктите, бидејќи имало обиди соработник на соработник со голи раце да му го ископа џигерот. Премореното граѓанство со неспокој ја исчекува вечерната порција телевизиски вести кои ќе започнат со информацијата: "Денешното заседание на Владата на Република Хрватска заврши со еден мртов, двајца потешко и тројца полесно ранети, околу чиј идентитет преживеаните не успеаа да се договорат до крајот на седницата."
А оваа атмосфера на хаос во власта има фатална последица:
Реформите не се спроведуваат.
За разлика од премоќното мнозинство, сметам дека ова е фантастично достигнување на владејачката гарнитура. Хибернацијата на планираните реформски подвизи е најдоброто нешто што на Хрватска можеше да и се случи во овој момент. Парализирањето на работата на апаратот на владеење го доживувам како спасоносен, макар можеби и незаслужен, благодет. Единствена работа заради која на хрватската влада треба да и се оддаде признание е успешната саботажа на реформите кои ги вети. Најголемиот дел од успехот лежи во погазените ветувања.
Овие реформи, според последните нацрти, имаат прецизно моделиран карактер: да се комерцијализира системот на јавно здравство така што поквалитетно лечење и подоцна смрт да им се овозможи на оние со повеќе пари, да се зголемат давачките за пензиско осигурување, да се зголеми границата за пензионирање од 65 на 67 години, да се воведе данок на некомерцијални недвижности, инвеститорите да се ослободат од давачки кои би биле во интерес на заедницата, да се овозможи "флексибилизација на работните места", што значи да се создадат законски предуслови за работодавците да можат полесно да ги отпуштаат работниците, да се зголеми ефикасноста на трудот преку стимулирање на чувството на несигурност, на сите нивоа да се намали социјалната заштита, да се приватизираат државните претпријатија и јавниот имот...
На кратко, според Суперхик-моделот да им се скрати на најсиромашните слоеви за да им се угоди на богатите. Бидејќи сето ова - заради непрогласената воена состојба во одаите на власта, а тоа ќе значи и неможност која било одлука успешно да се протне низ парламентарна процедура - засега паѓа во вода, признавам дека ме опфаќа сериозен оптимизам. Додека размислувам за перјаниците на новата олигархија не можам да се решам дали ми се поодвратни затоа што се фашисти или ми се посимпатични затоа што се неспособни.
Како и да е:
Реформите не се спроведуваат, и тоа е одлично!
Почетно ова беше замислено како делување на два фронта. Од една страна - со агресивен ангажман на полето на културата, медиумите и образованието - да му се врати на усташтвото статусот на света национална вредност, да се нормализира насилството и расистичката омраза, идеолошки да се препарира усташофилско општество и Хрватска да се реорганизира како неформална НДХ. Од друга страна - преку неодложните реформи и 'болни резови' - да се реализира неолибералната концепција на економска и општествена среќа, сите ресурси да се сервираат пред гладните усти на мултинационалните корпорации, и да се создадат такви социјални можности во кои секое колективно добро и секоја поединечна судбина ќе биде впрегната во служба на крупниот капитал.
Усташизацијата напредува повеќе од добро, меѓу другото и затоа што спроведувањето е препуштено на самостојната инцијатива на ХДЗ, конкретно на претседателот на партијата и министерот за култура. Со капиталистичкиот просперитет, меѓутоа, работите драматично се заглавени, бидејќи доаѓа до преклопување на надлежностите, а тоа повторно доведува до братоубиствена војна, и тоа не околу темелните принципи, туку околу овластувањата.
Русвајот поприми такви размери што еден пратеник на Мост неодамна на коалиционите партнери од ХДЗ им упати љубезна и конструктивна порака: "Кој ве ебе!" Ова беше навистина смирувачки. Од една страна сведочевме на враќање на рационалниот човечки говор во сферата на т.нр. висока политика, а од друга страна се запознавме со врвните достигнувања на хрватскиот политички инфантилизам, бидејќи пратеникот на Мост зазема гард на некој кој, откако ја платил услугата, завршил во кревет со проститутка, а потоа здивува кога ќе открие дека таа не е девица.
Сето тоа, велам, се позитивни трендови, значи олеснување, сигнали кои будат надеж дека Хрватска - барем уште некое време - ниту под црна униформа нема потполно да потоне, бидејќи важна е само една работа:
Реформите не се спроведуваат, и тоа е одлично!
Неспособноста, интелектуалната затупеност, подивената историја и пропратниот хаос во кој се гуши реформскиот ентузијазам, се од општ интерес. Кога би водела сметка за доброто на хрватскиот народ, редарската служба од Бански двори, наместо да го одзема, таа би делела огнено и ладно оружје на сите гневни министри, и на тој начин ќе ги поттикне стремежите кои ќе ја одведат заедницата до сламката на спасот.
До душа, народот кој во мнозински процент го легитимизира доаѓањето на филоусташите на власт и не заслужува милост, меѓутоа ова сепак е еден хуманистички текст, во кој со најголем напор се откажуваме од ниските пориви за сметка на христијанската солидарност и, спротивно на навиката на пратеникот на Мост, го љубиме ближниот свој знаејќи дека е курва над курвите.
Впрочем, вреди да се земе предвид и ненамерниот заклучок на хрватската влада: единствен начин да ја спасиш затапената избирачка маса е да ги изневериш нејзините очекувања.