Иран го здробија но и Америка не е без загуби

Одамна стана јасно дека американската воена супериорност уште еднаш беше демонстрирана во операцијата Епски бес, последната воена авантура на Доналд Трамп, но и дека со тоа американскиот претседател не ја доби војната која се покажа како катастрофална грешка на која беше наведен од Нетанјаху. Меѓутоа, и американската авијација не минала без лузни во нападите врз Иран. 

Американската авијација изгубила четириесет и два борбени авиони кои биле уништени или оштетени од почетокот на војната со Иран. Во таа бројка се и трите борбени авиони случајно соборени од пријателски оган од сојузничките воздушни одбрани, наведува новиот извештај на Конгресната истражувачка служба.

32 авиони биле уништени од почетокот на конфликтот на 28 февруари, вклучувајќи 24 беспилотни летала MQ-9 Reaper, секое проценето на приближно 30 милиони долари. Меѓу загубите се и четири борбени авиони F-15E Strike Eagle. Три беа погрешно соборени од кувајтската воздушна одбрана на 1 март, додека четвртиот беше соборен од иранските сили на 3 април за време на мисијата што подоцна Доналд Трамп ја нарече „најсмелата операција во историјата на САД“ за спасување на пилотот и офицерот за оружје.

Меѓу загубите е и авион за полнење гориво KC-135 кој се урна во Ирак на 12 март, при што загинаа сите шест членови на екипажот на бродот.

* Види и: Спасувале пилот или тргнале да го грабнат иранскиот ураниум?

Во извештајот се вели дека уште 10 авиони биле оштетени за време на операцијата „Епски бес“, вклучувајќи шест кои биле погодени паркирани во воздухопловната база „Принц Султан“ во Саудиска Арабија за време на ирански напад со ракети и беспилотни летала. Едно од оштетените летала било авион за надзор АВАКС а во мисијата за спасување на соборениот екипаж на „Ф-15Е“, настрадал и хеликоптер HH-60W „Џоли Грин II“.

Одделни извештаи од „АБЦ њуз“ сугерираат дека во таа операција биле уништени четири хеликоптери за специјални операции „Литл Брд“, но тие не се вклучени во конгресниот биланс.

Финансиските трошоци од војната нагло се имаат зголемено. Финансов експерт од Пентагон на 12 мај сведочеше дека конфликтот дотогаш чинел 29 милијарди долари, во споредба со 25 милијарди долари од само две недели претходно. Голем дел од трошоците се наменети за замена на муниција, поправка на оштетена опрема и одржување на распоредени сили.

Растечките трошоци доаѓаат во време кога Трамп се соочува со зголемен притисок да го прекине конфликтот заради континуираното нарушување на глобалните пазари предизвикано од блокадата на Ормускиот теснец од страна на Иран.

Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на оваа тема наводно се судриле за време на „долг и драматичен“ телефонски разговор околу тоа дали да се продолжат воените напади врз Иран. Според израелскиот Канал 12, Нетанјаху се сомнева дека понатамошните преговори со Техеран ќе доведат до мировен договор, додека Трамп сака договор кој од Иран би барал да се откаже од својата програма за нуклеарно оружје.

24 мај 2026 - 16:33