Спасувале пилот или тргнале да го грабнат иранскиот ураниум?

Белата куќа и Пентагон го истакнаа спасувањето на американскиот пилот од Иран на 3 април како херојска операција. Но, детали од теренот укажуваат дека мошне веројатно тоа е измислена приказна за да се прикрие тајна мисија за грабеж на иранскиот збогатен ураниум. Наместо пилот, всушност биле спасувани командосите, кои паднале во заседа.

Иранското Министерство за надворешни работи објави дека на 3 април близу Исфахан била целосно спречена тајна американска операција за да се украдат примарните ирански залихи од приближно 200-440 килограми високо збогатен ураниум до степен од 60%. 

Областа каде што се тврди дека бил присутен американскиот пилот во покраината Когилује и Бојер-Ахмад е далеку од областа каде што сакале да ги слетаат своите сили во централен Иран. Не треба да се игнорира можноста дека ова била лажна операција за кражба на збогатен ураниум, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакаеи.

Ова не е официјално потврдено ни од Техеран, а уште помалку од Вашингтон, но извори во Пентагон и претходно потврдија дека е изработен план за таква смела операција. Тоа не е производ на иранската пропаганда, туку постојат документи, спремни за потпишување од претседателот Трамп.

Официјалната верзија на Белата куќа и Пентагон за спасување на пилотот соборен на 3 април во Иран има многу празнини.

Иранската противвоздушна одбрана, која наводно била уништена, соборила американски ф-15. Пилотот – „високо почитуван полковник“ според Трамп – се катапултирал и бил тешко ранет, но сепак успеал да се качи на планина од 2.100 метри и да се засолни во пештераЗа да го извлечат, САД успеале да заземат аеродром 300 километри длабоко во земја со која се во војна, веднаш до Исфахан, каде што сосема случајно е еден од стратешките нуклеарни центри.

На импровизираниот аеродром се спуштиле два транспортера Ц-130 со стотици војници. Авионите останале заглавени во песок и биле уништени за да не паднат во рацете на непријателот. Потоа биле испратени уште три авиони за да ги извлечат трупите. На снимки од пистата се гледаат траги од престрелки и експлозии на ракети, но според Трамп, ниту еден човек не бил ни ранет.

По „игра на случајот“ во исто време се урнал и нисколетечки борбен авион А-10 Вартхог кој бил во патрола близу Ормускиот проток. И овој пилот се катапултирал и бил спасен.

До денес не е објавено ни името на спасениот пилот, иако Трамп вели дека е „згрижен и здрав“. Се шпекулира со неговиот борбен назив Dude 44 Bravo. Нема име или слика ни од спасениот пилот на А-10.

На оваа необична приказна се надоврза и Трамп, опишувајќи што се било вклучено во операцијата за спасување.

Во мисијата учествуваа 155 авиони, вклучувајќи 4 бомбардери, 64 ловци, 48 танкери за полнење гориво, 13 спасувачки авиони и друго, изјави Трамп.

За спасувачка мисија не се користат толку многу авиони. Вакви бројки повеќе одговараат на спротивставената верзија за случувањата. Иранците ја нарекуваат „Табас 2“ – алудирајќи на неуспешниот обид од 1980 година за спасување на американските заложници од амбасадата во Техеран. 

Операцијата била под директен надзор на претседателот Трамп. Генералите кои предупредиле против операцијата биле исфрлени од внатрешниот круг неколку дена пред да почне. За местото за слетување на авионот била избрана напуштена писта која е близу до нуклеарниот капацитет во Исфахан.

Иранските сили поставиле заседа и дозволиле првиот транспортен авион Ц-130 да слета на пистата и да ги истовари командосите. Одбраната се активирала кога се приближил вториот авион. Хеликоптерите „Литл брд“ никогаш не се кренале во воздух.

Ова може да објасни зошто САД ја бомбардираа областа додека наводно трагале по пилотот. Потрагата всушност била операција за извлекување на командосите. Војниците толку брзо избегале што зад себе оставиле документи за идентификација. Транспортниот авион не бил уништен со експлозив, туку со ракети од воздух. На трупот наводно останале траги од дејство на противвоздушна одбрана. 

Според оваа алтернативна верзија, САД загубиле транспортен авион од 300 милиони долари и неколку мали хеликоптери на специјалците. Во некои верзии се спомнува дека загинале и десетици американски војници, но за тоа нема никакви докази.

Ако навистина имало ваква операција, таа би била многу дрзок, ризичен и смел обид да ѝ се стави крај на војната. Ако специјалците успеале да се пробијат во бункерите во Исфахан, да го грабнат збогатениот ураниум и да го изнесат од земјата, Техеран би останал без клучниот адут во преговорите со САД.

Трамп, пак, би можел со право да прогласи победа, бидејќи ја остварил една од главните цели на војната – да го остави Иран без капацитет да развива нуклеарно оружје.

8 април 2026 - 14:10