Квантен скок на администрацијата на Трамп

Откако купи акции во производители на чипови и рударење ретки минерали, администрацијата на Трамп има нова индустрија на радарот: квантните компјутери. Министерството за трговија инвестира повеќе од 2 милијарди долари во девет компании за квантни чипови и пресметувања. На листата е и фирма во која инвестирал Доналд Трамп Јуниор.

Иако инженерите сè уште не развиле функционални квантни компјутери, оваа технологија привлекува големо внимание и пари, со очекување дека ќе им донесе профит на инвеститорите веќе во текот на нивниот животен век.

Целосно развиен квантен компјутер би бил многу побрз од класичните компјутери. Со експоненцијално повисок капацитет за пресметување, тие би можеле да придонесат за откритија во медицината и науката, но исто така би можеле да ги пробијат и денес најсложените криптографски заштити на банкарските сметки, дури и шифрите на криптовалутите – апокалиптично сценарио кое често се нарекува Q-Day.

Гугл пред неколку месеци шпекулираше дека овој „суден ден“ би можел да дојде уште во 2029 година, но други експерти тврдат дека сè уште е оддалечен неколку децении.

Одлуката за инвестиции е поттикната од потенцијалот на квантното пресметување за пробиви во напредните материјали, биофармацевтските откритија, финансиското моделирање и енергетските системи, како и за нејзините значајни импликации за националната одбрана, соопшти Министерството за трговија.

За возврат на инвестициите ќе добие малцински, неконтролирачки пакет акции во секоја од компаниите.

Половина од инвестицијата од 2 милијарди долари на Администрацијата оди кај технолошкиот гигант IBM за изградба на американска леарница за квантни чипови. За да ги води напорите за истражување и развој, IBM соопшти дека ќе формира нова подружница наречена Anderon.

Гигантот за полупроводници GlobalFoundries ќе добие 375 милиони долари за да основа сопствена леарница за квантни чипови. Компаниите за квантно пресметување Atom Computing, Diraq, D-Wave, PsiQuantum, Quantinuum и Rigetti ќе добијат пари за решавање на специфични технички и производствени пречки до постигнување на Q-Day. 

Акционер во една од овие компании – PsiQuantum, е инвестицискиот фонд 1789 Capital на Доналд Трамп Јуниор, синот на претседателот. 

Во име на заштита на националната безбедност, администрацијата на Трамп лани инвестираше и во индустријата за копање и преработка на ретки минерали. Меѓу компаниите што доби поддршка од владата беше и стартапот „Вулкан елементс“ формиран пред три години. Сосема случајно, меѓу акционерите на „Вулкан елементс“ повторно е фирмата за ризичен капитал на Трамп Јуниор.

23 мај 2026 - 16:12