„Го убедивме дека треба да ги ограничи нападите врз локациите со хемиско оружје, откако работите малку забегаа на Твитер,“ изјави Макрон по бомбардирањето на Сирија.
И покрај тоа што двајцата се дијаметрално спротивни, процените се дека тие изминатава година успеале да создадат „некаква форма на пријателство.“
Само последниов месец, двајцата координирано ги осудија наводните хемиски напади од страна на Асад, за кратко време по ова да нарачаат од своите армии воени нападни на цели во Сирија. Британија иако учествуваше во нападите, Меј за планот е информирана дури два дена по договорот меѓу Трамп и Макрон.
„Држ-недај ситуациите се карактеристични за општата врска меѓу Макрон и Трамп, кои иако стојат рамо до рамо, само повремено гледаат очи во очи. И ова значително се разликува од односот на Трамп со другите европски лидери, кои го критикуваат на теми од вредности до протекување разузнавачки податоци,“ пишува Јасмин Сернан во текстот за Атлантик.
Блискоста на двајцата, во најголем дел на тема војна, наспроти противењето како на домашна така и на надворешна јавност, евоцира спомени на едно слично дуо на чија упорност во најголем дел се должи денешната ситуација во Ирак и Сирија - Тони Блер и Џорџ Буш.
Сличноста меѓу Макрон и Блер, доаѓа и од таму што и францускиот претседател е енергичен млад либерален политичар со желба да ја надмине поделбата меѓу левицата и десницата. Токму поранешниот портпарол на Блер, Алистер Кембел, беше прв што ја спомна оваа сличност, нарекувајќи го Макрон „вистинскиот наследник на Тони Блер.“
„Успехот на Макрон да ја смири импулсивноста на Трамп во интервенцијата против Асад - јавно обвинувајќи ги сириските власти за хемиски напади дури и кога други се двоумеа да го направат тоа - исто така евоцира како Блер му помогна на Буш да собере меѓународна поддршка за војната во Ирак. Неодамнешна истрага на британската влада за позадината на оваа војна ја нарече врската меѓу Блер и Буш ’одлучувачки фактор’,“ пишува Сернан.
Главната улога на Блер беше да помогне војната во Ирак пред американската и останатата јавност, скептична кон плановите на Буш, да се истурка и да се претстави како неизбежен чекор.
„И токму оваа улога - и последователниот хаос во пост-Садамовиот Ирак - го направи Блер, некогаш најпопуларниот политичар на Британија, да биде еден од најпрезираните,“ потсетува Сернан.