Заложничката драма трае околу 16 месеци, и според една верзија на настаните Катар на крај ќе плати над 1 милијарда долари за ослободување на киднапираните, а парите завршуваат кај три страни, сите од САД заведени како терористи. Едната група е Катаиб Хезболах во Ирак, која претходно убива американски војници со бомби; втор е Генералот Касим Сулејмани, лидер на Кудс силите (специјалци) на иранската Револуционерна гарда, и самиот предмет на санкции од САД и ЕУ; а трети се Хајат Тарир ал-Шам, претходно познати и како ал-Нусра фронт.
Според друга верзија, сумата останува иста, само се тврди дека ниту долар не е исплатен на терористи, туку директно на ирачката држава. Според оваа верзија парите и понатаму седат во сеф во централната банка во Багдад.
Целата сторија благодарејќи на „разузнавачки служби непријателски настроени кон Катар“ стига до Би-би-си во форма на пораки меѓу катарскиот министер за надворешни и амбасадорот.
Ситуација започнува кога членови на катарското кралско семејство, и покрај молења и предупредувања, решаваат да одат на лов со соколи во јужен Ирак откако добиваат информација дека таму има изобилие на дивеч. Кампот на ловџиите во раните утрински часови е преплавен со пик-ап камиони на кои е монтирано тешко автоматско оружје.
Првично мислат дека станува збор за ИСИС, кои се сунити како и катарското кралско семејство, и тоа до некаде го гледаат како олеснување. Работата станува уште посериозна кога еден од киднаперите употребува шиитска навреда за сунити.
По првичните пораки од декември 2015, катарската влада нема никаков абер се до март 2016, кога дознаваат дека киднаперите се од Катаиб Хезболах, ирачка шиитска милиција поддржана од Иран.
Тие дознаваат дека киднаперите сакаат пари, па едно од првите барања на Катарците е да бидат ослободени 14 киднапирани во замена за половина од сумата, без притоа во пораките да се дефинира која е „сумата“.
Неколку дена подоцна групата нуди да ослободи тројца заложници, но за возврат бара и гест на добра волја од Катарците.
На 20 март катарскиот амбасадор во Багдад чека да му бидат испорачана ветената тројка, наместо тоа киднаперите се појавуваат со УСБ стик со видео од еден од заложниците. Видеото речиси инстантно е избришано за да не протече во јавност.
Она што дознаваат е и дека заложниците се разделени. Членовите на кралското семејство се затворени во подрум без прозори. Нивните пријатели и останатите луѓе кои не се од кралското семејство и оние што не се со катарско потекло се пренесени на друга локација и добиваат подобар третман и храна.
Пораките покажуваат дека киднаперите постојано ги менуваат барањата. Па освен парите, кои не се проблем за Катар, ти бараат земјата да ја напушти саудиската коалиција која се бори против шиитите во Јемен, и да нареди ослободување на иранските војници заробени од сунитските бунтовници во Сирија (ИСИС). Дури и кај парите, барањата постојано варираат, и на страна главната исплата, командантите на милицијата што ги киднапира бараат странична исплата за себе си. Во една ситуација преговарачот за Катаиб Хезболах го трга на страна катарскиот амбасадор и му бара 10 милиони долари за себе.
И самите посредници што ги ангажира катарскиот амбасадор, двајца ирачки сунити, постојано бараат некакви поклони од министерството за надворешни работи, еднаш 150.000 долари, друг пат Ролекс часовници. Не е познато дали овие подароци завршуваат кај нив или им се потребни „за подмачкување“ на киднаперите.
До април 2016 сумата за откуп достигнува 1 милијарда долари, а во овој период се појавува и името на иранскиот генерал Касим Сулејмани, кој според амбасадорот е човекот кој извршил притисок врз киднаперите да ја прифатат милијардата долари и да не наметнуваат дополнителни барања.
Речиси се ближи годишнината од киднапирањето а заложниците и понатаму не се ослободени. Во ноември 2016 генерал Сулејмани кон барањата додава и спроведување на „договорот за четири града“ во Сирија, во кој силите поддржани до Иран ќе ја прекинат опсадата на 2 града, а истото ќе го направат и силите поддржани од Катар.
Во јануари 2017 е последната размена во која се споменува сумата од 1 милијарда долари, заедно со бројката од 150 милиони долари. Пораките што ги добива Би-би-си се премногу општи за да се заклучи за што се дополнителните 150 милиони долари.
Парите со авион на Катар ервејс се пренесени до аеродромот во Багдад, каде ги пречекува ирачкиот министер за внатрешни работи. Кога авионот слетува, министерот е истуркан од вооружени лица во воени униформи без обележја кои ги подигнуваат вреќите со пари.
Катарците уште држат до верзијата дека парите му се предадени на Ирак за развој на земјата, а не на терористи. Подоцна ирачкиот премиер држи прес-конференција во која потврдува дека тој ја има контролата над парите.
На 21-ви април 2017 ослободени се сите катарски заложници и сите се чувствувале добро, ама биле значително ослабени. Во меѓувреме е спроведен и „договорот за четири града“.
Катарските власти потврдиле дека пораките се автентични, забележувајќи дека тие „многу селективно“ се извадени од контекст за да се создаде погрешен впечаток.
Пораките прв пат се протечени до Вашингтон пост во април 2018, по што, забележува Би-би-си, „нашите извори чекаат Доха да издаде официјален демант за да ги објават оригиналните аудио снимки со цел да го посрамат Катар.“
Кратко откако парите се испратени во Багдад, Саудиска Арабија, Емиратите, Бахреин и Египет ја започнуваат својата воена блокада на Катар.