„Се давиме во валканици. Кога зборувам со некого или кога читам туѓ текст кој сака да исправа криви Дрини, чувствувам дека интелектуалната чесност и балансираното расудување едноставно исчезнале од лицето на земјата. Сечија мисла е како форензички суд, секој си тера по свое потиснувајќи го мислењето на опонентот, и со целосно отсуство на чувство за какво и да било страдање, освен за сопственото и она на сопствените пријатели“.
Не, ова не е очаен крик на некој со Фејсбук или Твитер профил, дури не ни на наш современик. Ова го напишал Орвел во 1942, многу пред „ехо коморите“ на социјалните мрежи. Додуша, ако е за негова утеха а наша уште поголема тага, тоа било време на реални војна и мир, живот или смрт, а не само пецкање меѓу куп луѓе што едноставно не можат да се помират дека не мислиш како нив, заради што си оценет како „фашист“. Две години подоцна Орвел предупредил и на прекумерната употреба на зборот „фашизам“, за опишување на сè и сешто, од ловење лисици, Ганди, хомосексуалност, младински хостели, астрологија, жени,кучиња и што уште не. Така терминот се излитил до непрепознатливост уште пред конечното завршување на Втората светска војна. А што ли би рекол Орвел денес?
Хуморот во негово време бил субверзивна алатка, а правото да им се каже на луѓето она што не сакаат да го слушнат сè уште е основа на слободата на изразување. Можеби ова изгледа како нешто што е очигледно, но Орвел и за тоа има објаснување (од осврт кон книга на Бертранд Расел објавен во списанието Аделфи во јануари 1939):
...веќе сме толку потонати, што укажувањето на очигледното е прва должност на интелигентниот човек.
Но дали кажувањето на очигледното важи подеднакво за сите и за сè? Дали некогашната слобода, и обврска, да се посочат грозните страни на тоталитарните режими и на фашизмот денес може да важи и кога станува збор за критикување на Путин, Трамп, Папата, Дејвид Боуви, Кралицата, Мајка Тереза? Или, во манирот на Орвел, сите се еднакви пред критиката, ама некои се поеднакви од другите?
Мотото кое му се припишува на Волтер - „Не се согласувам со она што го велиш, но до смрт ќе го бранам твоето право да го кажеш“ веќе не важи, иако повеќето од нас формално би се согласиле дека тоа е исправниот став. Уредниците во медиумите уште во времето на Орвел се автоцензурирале и не објавувале текстови на сензитивни теми и не се потсмевале со нив не затоа што се плашеле од осуда, туку затоа што биле уплашени од јавното мислење. Денес расположението и тонот на јавното мислење е уште позначајна сила која го моделира начинот на кој фунционира и општеството и медиумите. А таа (јавноста) е всушност расцепкана на толку ситни енклави што колку и човек да внимава не може а некого да не навреди.
Така ѝ се скратени крилјата и на сатирата, која не само што се занимава со чувствителни теми, туку со нив по дефиниција ракува политички некоректно. Токму затоа таа денес е неопходна повеќе од секогаш, како „освестувач“ и како коректив на униформираните мислења. Но само ако нејзините „жртви“ се оние на позиција на моќ, а не „обичните“ луѓе и нивните маани. Само тогаш таа ќе ја исполни функцијата на предупредување и сериозна критика. Аристофан бил обвинет од Платон дека со своите сатирични драми придонел кон погубувањето на Сократ. Даниел Дефо („Робинзон Крусо“) бил затворен заради неговото исмевање на тогашните власти. Џонатан Свифт („Гуливеровите патувања“) бил страв и трепет на империјалистите. Денешните сатиричари во споредба со нивните претходници и самите може да бидат цел на сатира, со оглед на тоа што го сведуваат овој благороден жанр на „кромид“, лажни вести кои под плаштот на сатирата се всушност само јадици за кликови.
Поврзано: Малком Гладвел за парадоксот на сатирата