Во книгата Ѕвезда во подем: создавањето на Барак Обама (RISING STAR: The Making of Barack Obama) Дејвид Гароу, го раскажува животот на Обама, и ги истражува неговите калкулации кои претходат на неговата номинација и освојување на претседателската позиција.
"Гароу го прикажува Обама како човек чија егзистенција е сурово поделена на одделни сегменти; кој уште од многу рано верува дека величината е негова судбина; кој прави емоционални жртви во потерата по својата цел која сигурно изгледала неверојатна за сите освен за него. Во секој негов чекор - без разлика дали неговата работа со заедницата, Харвард, па дури и изборот на неговата љубов - не се работи само за живеење живот, туку за исполнување на судбината," анализира Карлос Лозада во Вашингтон пост.
Според него, личниот свет на Обама посебно многу открива околу животот на поранешниот американски претседател.
Гароу за прв пат ја раскажува приказната за Шила Мијоши Јагер, сега професорка на Оберлин колеџот, инаку жена со која Обама живее во годините пред ја запознае Мишел, и жена која тој ја има побарано за сопруга.
Самата Jaгер е многу слична на Стенли Ен Данам, мајката на Барак Обама. Додека Данам изучува антропологија во Индонезија, Јагер е посветена на Корејскиот полуостров. Таа има холандско и јапонско потекло, "што одлично одговара на мултикултурниот свет кој Обама само што почна да го напушта. Тие природно си одговараа, а Јагер наскоро сфаќа, како што му кажува на Гароу, дека Обама има 'длабоко вкоренета потреба да биде сакан и да му се восхитуваат.'"
Таа го опишува нивниот заеднички живот како изолирано искуство, "остров сами за себе" во кој Обама ги 'одделува неговиот приватен живот од работата'. Таа ретко ги гледа неговите пријатели од работа, а пријателите со кои се дружи најчесто се студенти од Универзитетот во Чикаго каде Јагер е на докторски студии.
"Во зимата 1986 бевме кај моите родители, и тој ме побара за жена," му раскажува Јагер на Гароу.
Нејзините родители се против ова, не толку заради расни причини (бидејќи според пријателите, тие го доживуваат како 'бело момче од средна класа'), туку заради загриженост околу професионалната иднина на Обама, и затоа што таа била две години помлада од него, па мајка и смета дека е премногу рано.
На почетокот од 1987, кога Обама има 25 години, таа ја чувствува првата позначајна промена:
"Тој стана... многу амбициозен, многу нагло. Се сеќавам многу јасно кога се случи оваа трансформација, и се сеќавам точно дека до 1987, една година од нашата врска, тој веќе покажуваше знаци дека сака да стане претседател."
Во биографијата од 2012, Дејвид Маранис пишува дека Обама свесно еволуира од мултикултурна само-перцепција кон изразито афроамериканска. Гароу оваа трансформација ја става во исклучиво политички контекст:
"За црн политичар од Чикаго, сопруга која не е Афроамериканка може да биде слабост. Тој го наведува примерот со легендарниот афроамерикански сенатор од Илиноис, Ричард Њухаус, кој има бела сопруга и цело време бил напаѓан дека 'зборува како црнец, ама спие како белец'."
Одеднаш дискусиите за раси и политика почнуваат да преовладуваат во врската на Јагер и Обама. И понатаму останува идејата за брак, меѓутоа сега Обама се нечка заради "централното прашање на неговиот живот... раса и идентитет..."
Според Гароу тука Обама носи емотивна одлука врз политичка основа. Заеднички пријател на парот се сеќава дека Обама објаснил "дека линиите се многу јасно исцртани... ако сум со белкиња, тогаш тука немам никакви шанси". Гароу го додава и сведоштвото на нивни заеднички пријатели за една гласна и тешка расправија меѓу Обама и Јагер на оваа тема, која трае цело попладне за време на една собиранка.
Неколку дена пред Обама да замине за Харвард (1988), кога врската веќе води кон распаѓање, тој ја кани Јагер да дојде со него и да се земат. По зборовите на Јагер: "повеќе, мислам, од чувството на очај од нашето евентуално разидување, а не од вистинска верба во нашата иднина."
Освен што има претенциозни забелешки и не го поднесуваат што цело време сака да зборува и да се докажува, Обама е прилично сакан од колегите и професорите на Харвард. Тој станува и првиот Афроамериканец претседател на Харвард ло ривју.
Обама ја запознава Мишел Робинсон во една адвокатска фирма во Чикаго, каде тој е приправник по првата година на Харвард. Двајцата веќе се во сериозна врска (што се случува за кратко време), кога на Харвард преку стипендија доаѓа Јагер. Барак и Јагер се гледаат спорадично во 1990-91. Откако Барак се жени со Мишел, нивните контакти се ограничени на повремено писмо (како по нападите од 11-ти септември) и телефонски разговор (кога Обама ја бара за да праша дали може биографот да ја контактира).
"Ако Гароу е во право со заклучокот дека романтичниот избор на Обама е под влијание на неговите политички амбиции, голема иронија е што Мишел стана една од оние кои беа најскептични околу политичката иднина на Обама, и најнесигурна во неговата желба да стигне до таму.
Таа постојано ги обесхрабрува неговите напори да се кандидира на избори и презира што тој троши време на политика наместо со неа и двете ќерки. Обама се жалел и на пријател за тоа колку често Мишел збори за пари. Во периодот додека уште имаат студентски кредит за исплаќање, таа постојано му повторува 'зошто не одиш да најдеш добра работа? Адвокат си - можеш да ги заработиш сите пари што ни требаат'," пишува Карлос Лозада.
Гароу, инаку добитник на Пулциер за биографијата за Мартин Лутер Кинг, ја заклучува книгата со осуда за одлучноста на Обама: "Иако маките на само-создавањето произведоа железна волја, садот беше шуплив во својата срж."