Битката за кутијата цигари

На 1-ви декември 2012-та Австралија го воведува најригорозниот закон за дизајн на кутии цигари, според кој секое пакување мора да има еднолична кафеава боја, на која со точно одреден фонт (2C Lucinda Sans regular), со точно одредена големина (14 и 10 пиксели) се напишани смртни предупредувања, кои заедно со ужасните графики треба да покриваат 75% од предната страна и 90% од задната.

Прво нешто што направија тутунските компании е да ја тужат австралиската влада за нарушување на интелектуалните права (дизајн, изглед на брендот и слично). Изгубија на сите можни судови во земјата. По ова Филип Морис пресели дел од бизнисот во Хонгконг, и од таму се уште води битка со австралиската влада дека со правилата за дизајн на кутиите се прекршува билатералниот договор за инвестирање со Хонгконг.

Моментално Нов Зеланд размислува за воведување на исти правила за изглед на цигарите, Британија следната година би можела да воведе слично законодавство, а и Франција и Ирска се прилично одлучни да го направат истото.

ЕУ располага со библиотека од 42 фотографии кои можат да се користат на кутиите. Моментално за Африка се развива нов комплет фотографии, кои ќе бидат комбинација на ужасии и фотки во кои се исмева импотенција.

Од лево: Тајван, Индија, Белгија, Тајланд, Ирска, САД, Британија, Кина Уругвај, Австралија Мексико

Според Ребека Перл, која беше ангажирана од СЗО за создавање на библиотеката со фотографии "поентата е да се исплашат пушачите, а не да ги натераш повторно да размислат за својата зависност."

За Дејвид Хамонд од Универзитетот на Ватерло во Канада, најмоќните предупредувања не само што се страшни, туку раскажуваат приказни од вистински луѓе, "ова е многу ефективен начин за да се промени дискусијата на темата од 'владата сака да ми попува и владата ме напаѓа,' во 'ова е вистински човек и еве што му се случило.'"

И покрај тоа што е една од првите држави која воведува предупредувања на цигарите (уште во 1965-та), САД е дел од една мала група која ја нема потпишано конвенцијата на СЗО за контрола на тутунот и не ги присилува производителите да ги зголемат предупредувањата. Во оваа група се и Јужен Судан, Хаити и Малави. Обидот да се стават фотографии со предупредувања на цигарите во САД, падна на суд по основа дека им го нарушувал правото на говор на производителите.

Еден од најголемите проблеми на сите решенија што не се радикални како австралиското е што тутунските производители се одлични во користење на дизајнот и боите, како начин да ги протнат своите производи како помалку штетни. (Посветлите и понежни бои се асоцираат со 'лајт' цигари).

Др. Крафорд Мудл од Универзитетот на Стрилинг, предлага дека законодавците треба да бидат поеднакво софистицирани во ширење на својата порака како и производителите на тутун. Неговиот конкретен предлог е директно на цигарата да се испише "Пушењето убива."

27 ноември 2014 - 10:14