Колумнистот на Блумберг и поранешен врховен командант на НАТО и адмирал на американската воена морнарица, Џејмс Ставридис наведува 5 причини зошто во следните 18 месеци нема да се случи конфликт:
Прво, настаните во Украина е најверојатно да го одвратат наместо да го охрабрат кинескиот претседател. Тој мора да се прашува себе си „дали моите генерали и адмирали се неспособни како руските?“ Ши најверојатно беше уверен од Путин, кога се сретнаа на Олимпијадата во февруари, дека ова ќе биде остра и кратка војна и дека Русите ќе ја имаат целосната контрола врз Украина пред Западот да може да се организира. Работите излегоа многу поинакви за Кремљ.
Кинеската војска, слична на многу начини со руската, го нема дури ни нивото на воено искуство што Русите го имаат од Авганистан, Чеченија и Сирија, и во претходните инвазии на Украина и Грузија.
Втора причина за кинеското двоумење е несигурноста околу Тајванците. Дали тие ќе се предадат или ќе се борат? Анкетирањето никогаш не е целосно сигурно, ама сите индикации се дека Тајванците имаат силно чувство на национален идентитет и дека е малку веројатно дека едноставно ќе се предадат по првиот бран на ракетни напади на островот.
Претседателката Цај Ингвен е силен лидер и мојата процена е дека Тајванците ќе се борат, и ќе се борат цврсто. Самата географија на островот - планини и шуми - е кошмар за секој освојувач, посебно што секој напад мора да биде извршен од море.
Трето, Пекинг го следи постројувањето на западните демократии во Европа и на Далечниот Исток во наметнување на санкции против Русија, заради кои Москва за прв пат во повеќе од еден век не можеше да го исплати својот надворешен долг. Северен тек 2 гасоводот меѓу Русија и Германија нема да има ништо освен воздух во догледно време, а Европејците имаат напредок во својата енергетска независност од Москва.
Секако дека Кинезите се уверуваат себе си дека нивната економија е преголема за да биде санкционирана, и тие главно се во право. Меѓутоа дали Западот ќе може да наметне проблематични санкции на специфични сектори? Апсолутно. И во моментот кога кинеската економија е забавена од нула-ковид карантините, ваквата можност е посебно непривлечна.
Четврто, како што вели старата поговорка „целата политика е локална“ а Ши има многу проблематична политичка ситуација пред него. На 20-от Конгрес на Комунистичката партија доцна во есента, нему речиси сигурно ќе му биде даден трет 5-годишен мандат. Ова е неверојатно достигнување, кое него го става во друштво со Мао и Ксиаопинг. Тој не сака конфликт со САД да го попречи ова, па дури откако целосно ќе ја консолидира својата моќ тој би можел брзо да создаде криза која би направила кратер во глобалната економија.
И последно, кинеските воени и политички лидери веројатно проценуваат дека тие не се баш подготвени за целосна војна со САД. Тие имаат цел список на воени капацитети што би сакале целосно да ги интегрираат во Народната ослободителна армија: нови стратешки нуклеарни сили, нуклеарни воени бродови (главно носачи на авиони), хиперсонични проектили, унапредени техники за сајбервојување, и далеку подобра сателитска мрежа за извидница и борба во вселената.
Војна меѓу САД и Кина, секако е возможна на краток рок. Јас пред една година бев ко-автор на роман со депресивен наслов „2034: Роман за следната светска војна“. Но книгата не ја напишав како предвидувачка фантастика, туку како предупредувача приказна. САД се уште имаат време да создадат кохерентна стратегија - воена, дипломатска, економска, технолошка - која би спречила таков конфликт. Часовникот отчукува, но часот на максимална опасност речиси сигурно лежи во идните години.