Во текстот што го пренесува Вашингтон пост, Герсон пишува:
"Иако Трудо се покажа дека е голема придобивка за меѓународниот имиџ на Канада, политичката еротика што сега наплива од јужната граница е срамна, плитка и значително ја промашува целта. Трудо не е левичарскиот синоок Исус, а глобалната наклонетост кон него претставува вдетинето и изместено гледање на Канада и нејзината политичка култура. Уште полошо, некритичното дуење и фалење што моментално минува како политичко новинарство само го отежнува барањето одговорност од човекот.
Канада навистина е земја на прогресивни бенефиции и левичарски победи. Горди сме на нашата здравствена заштита за сите, породилното боледување и строгите закони за оружје. Уште поконтраверзно, ги прошируваме безбедните локации за зависници од дрога и пристапот до самоубиства помогнати од доктори.
Меѓутоа сите работи што ја прават Канада таков либерален пример му претходат на Трудо со генерации. Најголемиот дел од нив имаат корени во Вестминстерскиот парламентарен систем и политичка култура која бара компромис и помирување и време, наместо благонаклоно раководство. Дополнително, тие не се ни близу до совршени, и доаѓаат по цена на повисоки даноци и поголемо кратење на личните слободи."
Како примери Герсон ги реди:
- Здравствената заштита за сите, чии зачетоци се во 1960-те, првично е оспорувана од голем број доктори за со тек на време да стане општо прифатена во земјата. Меѓутоа и како таква таа денес е далеку од совршена и доаѓа по цена од 5.000 долари по човек годишно (во просек).
- Иако Трудо се слика и твитува за бегалците, Канада нема некои брилијантни достигнувања на темата. До сега во земјата се примени околу 40.000 бегалци (само Германија ги има над 1 милион), од кои сместувањето на една третина е финансирано од приватни спонзорства и донации. Секој што сака да спонзорира бегалско семејство, треба да го финансира неговиот приход и сместување во текот на една година.
Што се однесува до државните проекти за сместување на бегалците, тие до сега ги пропуштија сите зацртани рокови, по што бегалците се сместени во хотели на сметка на владата. Во врвот на буката околу бегалците властите наредија средување и надградување на воени бараки, кои на крај не беа искористени.
- Ветувањето за враќањето на меѓународната слава на Канада преку учеството во мисиите на Обединетите нации, и целата помпа околу истото, според последниот извештај на О.Н. резултираше со персонал од вкупно 88 луѓе (20 војници, 58 полицајци и 10 воени експерти). Ова е помалку и од и онака минималните ветувања на Трудо, за 600 војници и 150 полицајци. За споредба, САД учествуваат со персонал од 1,3 милиони луѓе.
- Невозможното ветување дека домородното население ќе има право на вето врз енергетските проекти во Канада, на крај беше прекршено директно од Трудо кој ја одобри контроверзната Транс-планинска линија.
"Најболната вистина околу Трудо е дека тој не направи многу. Тој дојде на власт како ликот на младиот канадски оптимизам и го списка еден од најизвонредните медени месеци што некој политичар ги имал во последно време. Најдоброто нешто кое може да биде кажано за неговите постигнувања е дека тој за трипати го има зголемено ветениот дефицит, вети одложен данок за богатите и речиси ја легализираше марихуаната - иако на крај провинциските власти ќе треба да ја разрешат збрката околу тоа.
Трудо го вети Камелот, а ја испорача Отава...
... Неговиот вистински талент не лежи во владеењето туку во позирањето. И барем на тоа поле, Трамп и Трудо имаат нешто заедничко," пишува Герсон.