Ерик Јаросински

Песимизмот е единствената надеж на Европа

На својата 60-годишнина, вознемирената ЕУ треба да најде инспирација во едно од своите најголеми наследства: мрачната германска филозофија.

Расипувањето журка не треба да е забавно. Меѓутоа додека Европската Унија се подготвува да ја одбележи својата 60-годишнина, дозволете ми едноставно да кажам дека ова ни најмалку не е време за славење.

Соочена со многу егзистенцијални закани, Европа повторно ѝ се враќа на една од своите најголеми традиции: потрага по самата себе. Во светлината на брегзит, десничарските популистички движења дома и етосот на „Америка прва“, кој доаѓа од другата страна на Атлантикот, на неа не ѝ се допаѓа многу од она што го открива. Кризата, како што изгледа во последно време, стана вистинската заедничка валута на континентот.

Истовремено, често освежувачката самокритичност и чувство на неодложност што се појавија последниве неколку години веројатно се последната добра надеж за иднината на Европа. А ако се навратиме на периодот на настанување на ЕУ, денешната опиплива загриженост во Брисел или Берлин изгледа тесно поврзана со сложените интелектуални корени на поствоена Европа.

Иако секако не се дел од легендата и приказната за ЕУ, кратко пред преговарачите да го исковаат Договорот од Рим, кој ја поставува основата за обединување на Европа, други многу построги дискусии тивко се случуваа во Франкфурт, Германија, меѓу двајца водечки европски мислители.

Во текот на неколку недели пролетта 1956, Теодор В. Адорно и Макс Хоркхајмер, клучни ликови во она што подоцна ќе стане познато како Франкфуртска школа на критичка теорија, ја поставуваа својата визија за иднината и, како и секој филозоф што работи во рамките на марксистичката традиција, се бореа со прашањето на теоријата и праксата.

Неизненадувачки за секој oној што е запознаен со нивното дело, работите не изгледаа добро. Карактеристично мрачниот поглед што ги обележува нивните дискусии е истиот оној што често пати наоѓа израз во една од нивните омилени форми: краткиот, а сепак крајно енигматичен филозофски афоризам, или „мисловна слика“. Поголем број од нив станаа, да употребам термин што тој сигурно би го отфрлил, најголемите хитови на Адорно, како „Трнот во твоето око е најдобрата лупа“.

Истовремено симулирајќи и давајќи аргументи, токму кратката, ефемерна и фрагментарна форма на афоризмот е она што го прави долговечен. (И во добар дел ги инспирираше моите далеку поздодевни и иронични обиди на Твитер, веројатно совршената платформа за дневнофаустовско пазарење меѓу медиумот и пораката, филозофијата и изјавата што се состои од еден ред).

Сепак да се вратиме на Франкфурт. Записите од разговорите на Адорно и Хоркхајмер во предвечерието на основањето на ЕУ (објавени од Версо во 2011 како Кон нов манифест) покажуваат слаби знаци на нивната инаку елегантна и перформативна интерпетивна виталност.

Наместо тоа, ги гледаме како работат во живо со сопругата на Адорно, Гретел, запишуваат белешки како што ја разработуваат својата позиција кон САД (неодлучни) и европската обединетост (слично неодлучни), додека го проценуваат потенцијалот од преведување на нивната тековна критика на модерниот капитализам во политичка пракса со можност за промени (крајно сомнително и можеби, подеднакво непосакувано). Додека политичката и економската архитектура на поствоена Европа се оформува во Рим, тие веројатно уште тогаш гледаат како таа гори.

Како што објаснија една деценија претходно во почетните редови од нивното најпознато дело, Дијалектика на просветителството, ваквите големи проекти „секогаш се насочени кон ослободување на луѓето од страв и нивно поставување како господари. Сепак целосно просветената Земја зрачи со триумфална катастрофалност“. Главниот аргумент што го поврзува просветувањето со митот, а ослободувањето со доминацијата беше, и останува, прилично убедлив.

Меѓутоа не беше доволно да се разбере светот. Лекцијата што ја научија од Карл Маркс беше дека тие треба да го променат. Лекцијата што тие самите ја научија е дека тоа најверојатно е невозможно. А која лекција требаше да ја понудат, посебно во раните години од поствоениот период, ќе остане да се види.

Нетрпеливо скептични кон политички програмираните, интензивно критични кон идеологијата, и прилично свесни за соучеството на интелектуалците во структурите што тие ги критикуваат, најмногу што видоа дека нуди нивната негативна критика беше анализа на она што е погрешно со светот - прво и најважно жртвувањето на човечката имагинација и интелект заради механизмот на модерниот капитализам, а не утописка визија на она што допрва може да се случи.

Наспроти многу понадежниот тон на подоцнежната генерација мислители од Франкфуртска школа, првично Јирген Хабермас, кој стана еден од поборниците за европското единство, помрачните ставови што двајцата ги претпоставуваат не изненадуваат. Во краен случај, поголемиот проект на Адорно и Хоркхајмер требаше да навести дека е можна подобра визија за Западот. Тука повеќе се работеше за размисла отколку за надеж. Или, подобро, капацитетот за размисла беше единствената надеж - дури и, како што кажа Кафка, кога за нас немаше надеж.

И така, можеби предвидливо, нивната формулација за она што тие мислат дека може да послужи како современа верзија на Комунистичкиот манифест беше да се остане спектрален. Сепак критичката теорија продолжува да го прогонува континентот. Плус, како што ни е кажано, таа меѓународно почнува да оживува.

Како што неодамна објави насловот во Њујоркер: „Франкфуртска школа знаеше дека Трамп доаѓа“. Или како што тоа не така славно беше поставено во Гардијан: „Зошто заборавената критика на капитализмот од 1930-та се врати во мода?“ Човек тука може да го додаде и негативниот публицитет добиен од нападите врз „културолошкиот марксизам“, кој неодамна се појави од длабочините на бреитбартовското подземје во кое некогаш беше окован.

Мудро е, сепак, да се биде скептичен кон промените во интелектуалната мода. Цитатите од Валтер Бенџамин, уште еден клучен мислител на Франкфуртска школа, кои наводно ги преплавуваат  билбордите на најголемите модни куќи од Њујорк до Милано тешко дека навестуваат револуција. Како што Стујарт Џефрис, авторот на новата книга за Франкфуртска школа (Grand Hotel Abyss: The Lives of the Frankfurt School), точно забележа: „Во нашата доба, на секој што ја оживува критичката теорија му треба чувство за иронија“.

Како и да е, ако ми дозволите краток момент на оптимизам, наводното враќање на Франкфуртска школа можеби доаѓа во прилично добро време. Токму затоа што времињата се толку лоши.

Како што нациите низ светот, ништо помалку во Европа, се соочуваат со големи закани за клучните принципи на демократијата, критиката на Адорно и Хоркхајмер на авторитарноста е, за жал, подиректно релевантна отколку што била со години. Исто така, нивното класично отфрлање на „културолошката индустрија“ и острата анализа на разубавувањето на политиката добија нова неодложност со дополнителното мешање на политиката и забавата.

Една работа што сигурно нема да можат да ја дадат, сепак, се лесни одговори. Колку што Европа (и САД) во нивните очи имаа длабоки мани, во 1956 ние исто така ги гледаме дека признаваат дека тие претставуваат највисоката точка на потенцијалот на модерната цивилизација за напредок и правда. Претстојниот предизвик би бил да се зачуваат овие придобивки додека се трансформираат структурите кои ги поддржуваат.

Ама како? Следнава расправа веројатно е посебно корисна за сегашноста:

                Хоркхајмер: Тоа може да се постигне само ако останеме сурово критични кон оваа цивилизација.

                Адорно: Ние не можеме да повикаме на одбрана на западниот свет.

                Хоркхајмер: Не можеме затоа што тоа би го уништило.

Ова чувство на неопходност на критика и самокритичност - со малку или речиси никаква гаранција дека ќе направи некаква разлика, и во времиња што изгледа дека бараат итна акција - веројатно е најдоброто нешто што Франкфуртска школа може да и го понуди на Европа 60 години подоцна.

Навистина, човек е намамен да заврши со надежна, иако често жално самодоволна забелешка околу потенцијалот за искупување на мислата и самокритичноста во време на очај. Меѓутоа во времиња што толку итно бараат акција, ова очигледно е ризик.

Без разлика колку е висок влогот, како што Адорно му забележува на Хоркхајмер, постои нешто што е и полошо од живеење во ужасен свет: имено, „да се живее во свет во кој повеќе не може да замислиме некој подобар“.

Ерик Јаросински


Видео од гостувањето на Јаросински во Скопје имате на Букбокс - Така зборуваше Јаросински