Мајкл Доерти во Вик објаснува дека ако целата работа ја сведеш на чиста математика, тогаш логиката држи - бројната популација на Европа по Втората светска војна придонесува за изградба на "социјалната држава," и сега по падот на наталитетот на континентот, истата работа ќе ја завршат мигрантите кои и онака имаат висока стапка на наталитет.
"Ама има фактори што треба да се земат предвид. Миграцијата има трошок на сметка на политичката стабилност. Подемот на евро-скептичниот национализам во најголем дел се должи на паниката околу миграцијата, посебно неконтролираната миграција од кризните жаришта како што тоа се случи во изминатите две лета.
Токму овие грижи се она што им даваат сила на барањата за Брегзит во Британија, и на Ле Пен во Франција. Распаѓањето на Европската Унија ќе има сериозна цена за европската економија," пишува Доерти.
Над сето ова има сосема друг слој на проблеми кои потекнуваат од институциите што би требало да ги вдомат новодојдените бегалци, кои во основа се сведуваат на тоа зошто мигрантите би давале пари за одржување на туѓиот систем на социјална заштита?
"Зошто неодамна дојдените мигранти и нивните наследници, најголемиот дел од земји посиромашни од европскиот просек, би ги почитувале ветувањата што други ги дале со децении или пак век пред нивното пристигнување?
Зошто ресурсите произведени од мигрантската работа би оделе за одржување на релативно високиот квалитет на живот на постарите, побели и побогати Европејци кои го постигнале овој квалитет на живеење со претерано консумирање на своите ресурси и одбивајќи да инвестираат во својата иднина преку креирање на сопствено потомство?" порачува Доерти.
Идентичен проблем тој гледа и во САД и сите мигранти кои влегуваат во земјата во последните дваесетина години, кои ќе треба својот живот да го посветат на работа за доброто на "старата, бела Америка":
"Социјалните држави во Европа и САД егзистираат врз основа на социјална поврзаност меѓу генерациите, серија на обврски и товар кои нема да можат лесно да бидат пренесени врз потомците на луѓе од други нации, посебно ако од нив се бара да го сносат најтешкиот дел од работата."
Тука е и проблемот што Европа, за разлика од САД, не успеа да го надмине, односно интеграцијата на мигрантите во општеството. Па така и по децении од доаѓањето на континентот, најголемите европски градови најчесто се опкружени со бегалски енклави кои остануваат социјално и економски одвоени од градот.
"Да бараш од имигрантите да се адаптираат на радикално поинаков начин на живот само по себе е големо барање. Да бараш од нив да спасат цел политички систем од грешките на неговите креатори - грешки кои имигрантите ниту ги направиле ниту ги предизвикале - едноставно е барање премногу," пишува Доерти.