Но тоа не е она што Меркел го соопшти - барем не е точно тоа. Таа не објави дека размислува да се бори за својата позиција на канцелар, само рече дека е „подготвена“ да ја води владата до 2021. Ова беше суптилно, добро размислено соопштение кое одамна се крчка. Ова беше првата половина од прошталниот говор, големиот влез во големото заминување. На страна иронијата, соопштението за нејзиното повлекување од раководството на ЦДУ значи дека завршува ерата на Меркел. Обновата и реформирањето на ЦДУ сега може да започне.
И ова ќе ги присили и коалиционите партнери, сестринската партија на ЦДУ од Баварија ЦСУ и Социјалистичката партија СПД, да станат поактивни, и да донесат нова динамика во германската политика. Ова значи дека кога Меркел ќе замине и други ќе мора да заминат.
Меѓутоа за сега земјата е соочена со шума од прашалници. Кој ќе ја наследи Меркел како лидер на партијата? Тука се вообичаените осомничени: нејзиниот министер за здравство, Јенс Спан, генералната секретарка на ЦДУ Анегрет Крамп-Каренбауер., првиот човек за Северна Рајна-вестфалија, Армин Лашет, или долгогодишниот ривал на Меркел, Фридрих Мерц. Или пак ќе биде некое свежо лице, како првиот човек на сојузната држава Шлезвиг-Холштајн, Даниел Гунтер? Колку е останато од мандатот на Меркел истото така ќе зависи од оваа одлука.
Дали ова значи дека Ангела Меркел сега е неподвижна мета како канцелар? Не баш. Меркел немаше да даде оставка од претседателската позиција на партијата ако сметаше дека има друг начин за да ја задржи контролата на земјата во свои раце. Немирот во партијата исто така беше преголем, речиси достигнувајќи панична состојба. Изборите во Хесен (во кои ЦДУ губи повеќе од 10% од гласовите) веројатно беше линијата што Меркел си ја имаше поставено за да донесе одлука дека се откажува. Ова беше вистинска одлука, и беше и è обид за мирна стабилизација на власта за периодот на транзиција кој не треба премногу долго да се влече.
Последниве години, Меркел во повеќе наврати изјави дека една од најтешките одлуки била да се најде вистинското време кога да прекине. Претходните германски лидери не успеаа да го идентификуваат точниот момент. Дури и првиот пост-воен канцелар, Конрад Аденауер, не успеа да го најде. Ниту Хелмут Кол, во чие време Ангела Меркел ги правеше своите први политички чекори.
Доколку времињата во кои живееме беа нормални, вистинскиот момент за Ангела Меркел да каже „Фала ви, толку беше“ ќе беа пред минатогодишните општи избори, по три мандати на власт. Меѓутоа ова не се нормални времиња. Во 2017, Меркел се сметаше себе си обврзана да се соочи со непредвидливиот американски претседател и разјарениот национализам низ светот. Додека Европа и САД закрепнуваа, Меркел одлучи да продолжи - повеќе заради должност отколку од мерак. Ама тоа не беше и уште не е доволно. Искуство во владата, сериозност и крутост се добра комбинација, меѓутоа не гарантираат успех. Рецептот на Меркел до сега се темели на успех... се додека таа успева. Бидејќи и тоа се распадна и конечно не успеа да го повтори, сомнежите околу нејзиното лидерство почнаа да растат.
Таа се обидува да ги порази шансите кои се против нејзе, па нејзината одлука отвора некои нови можности. Продолжувањето на широката коалиција под нов лидер е една од нив. Меѓутоа поверојатно е дека работите полека ќе почнат да се придвижуваат кон поширока коалиција: ЦДУ/ЦСУ, либералите ФДП и Партијата на зелените. Ова е коалицијата која не успеа да се состави пред една година. Тогаш, лидерот на ФДП, Кристијан Линднер, повеќе пати ќе објасни дека главната пречка е Ангела Меркел. По понеделничкиот говор, оваа пречка повеќе не постои.