13 дена по исчезнувањето на малезискиот авион, американскиот авантурист и преживувач И-Џеј Снајдер отиде на CNN да ја образложи својата теза дека не треба да се откажуваме од надежта. Зошто семејствата на исчезнатите би требало да се оптимисти? - го праша водителката. "Ќе ви кажам зошто: затоа што никогаш не треба да се откажуваш од надежта", рече Снајдер кој за живот заработува така што им се спротивставува на најбруталните сили на природата, вооружен само со својот хумор и продуцентската екипа од каналот Дискавери.
Нормално, во право е. Теоретски, авионот можел некаде да слета во тајност и патниците да се живи. Да познавате некого од нив, веројатно и вие ќе се фатите за таа мисла. Но, слаткоречивоста на Снајдер го потцртува она што е претворено во плиткоумна синтагма: "никогаш не се откажувај од надежта". Да навивате против надежта е како да навивате младо пандиче да биде турнато низ работ на клисурата. Та нели е надежта она што ги мотивира угнетените да се борат против тираните, она што ги држи и во најцрна сиромаштија? Што би останало од Снајдер да не е надежта (и екипата на Дискавери)?
Затоа се фрапантни податоците од едно неодамнешно истражување, објавени во The Economic Journal, кои покажуваат дека заради надежта, луѓето се чувствуваат полошо.
Појдовна точка на истражувањето била прашањето - што се случува со оние кои се со години невработени, и такви ќе дочекаат време за пензионирање? Според 25 годишни податоци од Германија, пезнионирањето од невработеност донесува значајно зголемување на задоволството од животот.
Во детали, не се работи за бенефициите. Се работи за тоа што, кога сте невработени, секогаш постои надеж дека ќе најдете некаква работа, и оттука и чувствување постојан притисок да се исполни нормата во својата општествена категорија. Иронично, токму надежта ги прави несреќни додека се невработени, а се опоравуваат дури откако таа надеж ќе ја снема. Пензијата значи крај на надежите за наоѓање работа, што носи чувство на олеснување.
Загребете под површината на оваа култура базирана на надеж и ќе откриете дека филмот Бегството од Шошенк нè лажеше: понекогаш откажувањето од надежта ослободува. Американскиот автор Џон Птачек пишува за тоа како во безнадежноста ја нашол смислата.
"Времето кое го минуваме надевајќи се на подобри денови е она време во кое му вртиме грб на животот".
И еколошкиот активист Дерик Џонсон верува дека надежта го прави активизмот понеефикасен бидејќи вклучува верба дека нешто ќе ги направи работите подобри, наместо тоа сами да го направите.
"Прекрасни работи се случуваат кога ќе се откажете од надежта, бидејќи сфаќате дека таа не ви ни требала... Тогаш станувате опасни за оние од власта."
Но, што останува ако ја нема надежта? - се прашува Оливер Буркман од Гардијан. Веројатно само една работа: стварноста. Со други зборови - сè.