Како Обама го поплочи патот за Трамп

Немој за сè да го кривите расизмот. За време на финансискиот крах Обама се стави на страна на банкарите, не на страна на луѓето што ги губеа своите домови - правејќи ја возможна победата на Трамп.

За да ја прослави својата 225-годишнина, американската ковачница и трезор, минатата недела објави дека планира да издаде 24-каратна комеморативна монета на која Леди Либерти е претставена како афроамериканка. Со полни усни и сукана коса врзана во пунџа, нејзиниот позлатен профил е врамен меѓу зборовите "Слобода" горе и "Во Бога веруваме" долу. "Како што ние како нација продолжуваме да еволуираме, така еволуира и претставата за Леди Либерти," изјави Елиса Баснајт од американската ковачница.

За жал, претставата еволуира многу побрзо отколку нацијата. Монетата вреди 100 долари; во 2010 просечното нето богатство на црните жени беше пресметано на само 5 долари (во пресметката се земени предвид кредитите и хипотеките што тие ги исплаќаат). Црните жени сега заработуваат 65 центи на секој 1 долар што го заработува бел маж - истата разлика како и од пред 20 години. Па Трезорот направи монета по ликот на овие жени од кои најголемиот дел не можат да си ја дозволат - бидејќи економијата сега создава нископлатени работи кои им даваат слобода без еднаквост.

Изминатите осум години американските либерали се наситуваа со симболизам. Значителен дел од популацијата, вклучувајќи ги и оние кои најверојатно го поддржуваат Барак Обама, се чувствуваа подобро околу својата земја иако полошо си минуваа во нејзе. Младото, атрактивно, и нескандалозно црно семејство во Белата куќа  отелотворуваше надежна иднина за Америка и пошироко. Фотогенични, со дискретен шик, имавме обоени луѓе кои изгледаа дури подобро во црно - бело. Со лични приказни за напредок без претходни привилегии, тие дадоа Камелот без замок: евоцирање на чувство за можност во време на економска стагнација, социјална неподвижност и политичка несигурност.

Како што Обама на крајот од неделава му ги предава клучевите и кодовите на Доналд Трамп, така се повеќе либерали го жалат заминувањето на она што беше, останувајќи во состојба на неверување за она што се случи, и изразувајќи длабока нервоза за она што треба да следува. Длабок е понорот - политички, реторички и естетски - од интелектуалецот со мокачино тен, до постојано кварцаниот, "фаќач за дунди" простак.

Меѓутоа постои врска меѓу "новата нормала" и старата која мора да биде разбрана ако сакаме отпорот во ерата на Трамп да биде повеќе од Твитер мемиња водени од импотентен гнев и погрешна носталгија. Оваа транзиција не е само прашање на наследување - еден лош претседател кој доаѓа по добар - туку и последица: една ужасна агенда која е овозможена од грешките на неговите претходници.

Лесно е за либералите да имаат презир кон Трамп. Тој е шарлатан кој лесно можеш да го навредиш, само-прогласен сексуален напаѓач, заканувач и полн со предрасуди. Човек не мора да троши каква било морална енергија на собирање аргументи против неговата агенда. Токму тоа е она што отежнува луѓето да ја сфатат неговата привлечност. Слично, за либералите лесно е да го сакаат Обама. Тој е одмерен, мудар и елоквентен - и успеа да направи некои добри работи и покрај силното противење од републиканците. Токму тоа е она што отежнува либералите да дадат издржана и принципиелна критика на неговото претседателствување.

Човек не може да го обвини Обама за Трамп. Републиканците беа тие - стравувајќи до толпата во нивните редови, која секогаш ја двореа, но никогаш не успеаа да ја контролираат - што го номинираа и, сега, попуштија пред него. А сепак би било неискрено да се тврди дека Трамп изникна од вакум кој нема никаква поврзаност со претходните осум години.

Дел од оваа врска неспорно е поврзана со она кој е Обама: црнец, со татко муслиман од Кенија. Оваа конкретна констелација на идентитети беше како нектар на се погласното крило во Републиканската партија во време на војна, миграција и расен немир. Трамп не го измисли расизмот. Напротив, борбата околу расата е во сржта на републиканската стратегија повеќе од 50 години. Меѓутоа тој како што одбиваше да ја следи изборната етика од стратегијата на Никсон ("Мора да се соочи со фактот дека целиот проблем всушност се црнците. Клучот е да се создаде систем кој го сфаќа ова, ама да не изгледа така," му порача Никсон на својот шеф на кабинет Халдеман), неговата кампања почна да паѓа во серија дрски расистички испади.

Улогата на расизмот не треба да се потцени, меѓутоа неговото влијание е очигледно пренагласено. Додека Трамп евидентно ги засили постојните расисти, не е очигледно дека тој создаде нови. Тој го доби истиот број бели гласови како и Мит Ромни во 2012 и Џорџ Буш во 2004.

Има и подлабока врска меѓу подемот на Трамп и она што Обама го направи - или поточно не го направи - економски. Тој влезе во Белата куќа во момент на економска криза. Соочен со изборот меѓу зачувување на финансиската индустрија каква што беше или преземање длабоки реформи кои ќе беа во корист на оние што гласаа за него, тој го избра првото.

Само по неколку месеци од неговиот прв мандат тој свика состанок со директорите на банките. "Претседателот нè имаше во момент кога бевме најранливи. Тогаш тој можеше да ни нареди што и да му текне и ние ќе му прифатевме. Меѓутоа тој не го стори тоа - тој претежно сакаше да ни помогне, да ја задушиме толпата," пишува Род Сускинд во неговата книга Човек од доверба. Луѓето ги изгубија своите домови додека банкарите ги задржаа своите бонуси а банките своите профити.

Во 2010 Дејмон Силверс од независниот конгресен панел за надзор пред луѓето од Трезорот изјави: "Можеме да имаме рационално решение на кризата, или можеме да ја зачуваме структурата на капиталот на банките. Двете не можеме да ги имаме." Тие го избраа второто. Не изненадува, ама ова не беше популарно. Три години по првиот мандат на Обама 58% од земјата - вклучувајќи и преовладувачко мнозинство Демократи и независни - сакаа владата да помогне да се престане со запленувањата имот. Неговиот Секретар на трезорот, Тимоти Гејтнер, го направи спротивното, постави програма која ќе ја "подмачка пистата" за банките.

Па кога Хилари Клинтон се понуди да го води "третиот мандат на Обама", не беше проблем само немањето имагинација: туку и тоа што првите два мандата не ги исполнија ветувањата.

Минатата година ова време, помалку од 4 од 10 луѓе беа задоволни со економските политики на Обама. Запрашани минатата недела за напредокот што го имале под Обама 56% од Американците изјавиле дека државата или назадувала или не напредувала во економијата, додека 48% изјавиле дека таа назадувала во разликата меѓу богатите и сиромашните - наспроти само 14% кои рекле дека има напредок околу проблемот. Ова беа луѓе од коалицијата за Обама - црни и млади и сиромашни - кои не гласаа во ноември, и со тоа овозможувајќи ја победата на Трамп. Оние чии надежи не беа остварени: луѓето е поверојатно да излезат на избори затоа што се инспирирани од подобра иднина отколку од страв од полоша иднина.

Природно, кабинетот на Трамп составен од милијардери нема да заврши ништо подобра работа, и со голема веројатност, ќе биде многу полош. И дури и додека протестираме против легитимноста на "новата нормала", ние не треба да се преправаме дека таа заменува нешто популарно или ефикасно. Старата нормала не функционираше. Предвремената носталгија на Обама во Белата куќа не копнее по политиките на Обама.

Како што ќе ви каже секој кој ќе ја добие новата монета, постои разлика меѓу работите кои изгледаат различно и прават да се чувствувате добро, и работите кои прават разлика и навистина прават нешто добро. Симболот не треба да биде отфрлен како несуштински; ниту пак треба да се смета за суштина.

Гери Јанг,
Гардијан

16 јануари 2017 - 13:22