Писмо од читател

Верковиќ и неговото право

Во рубрикава ретко имаме прилика да објавуваме писма од читатели, но еве една таква. После писмото следи и нашиот коментар. 

Почитувани,

Иако има доста сајтови што се бават со литература, како најпопуларен и мој омилен портал решив да ви се обратам вам.

Advanced search опцијата на Google Books ви дава можност да откриете доста стари книги во кои се спомнува Македонија, македонски, Македонци и сите останати варијации на зборот на повеќе јазици.

Една од нив е збирката на Народне песме македонски Бугара (Ве молам продолжете да читате, немам за цел ширење никаква пропаганда) објавена од Стефан Верковиќ во 1860та. Книгата е збирка на женски песни од Серско, Велешко, Дебарско, и други околии.

Најинтересното за мене е што на последните страници на книгата има краток речник, или објаснение нејасних речи које се у овим песма налазе. Во речникот има голем број изворни зборови, турцизми и грцизми, од кои голем број се изгубени. Иако сум Охриѓанец, и пораснав во подрачје чиј македонски дијалект е еден од нај турцифицираните, поголем број од овие изрази ги сретнувам за прв пат.

Ако не се лажам, ова е прв речник со зборови од Македонија. Имам прочитано статија од Тихо Каранфилов кој тврди дека некој службеник на римската црква објавил македонски речник во XVI век, но освен во таа статија, на речникот никаде му нема трага.

Еве два збора кои ми го привлекоа вниманието, од кои што вториот за мене беше нај mindblowing:

калеш
- иако кај нас е општоприфатено дека значи црноок/човек со црн тен, книгава го објаснува како добар/добра

леле
- објаснат како „бог Лел кој се призива од страдајуќи". На руската Википедија пишува дека бил старословенски бог на љубовта и бракот. До сега во ниту еден македонски речник или лексикон немам сретнато детали за етимологијата на овој збор.

Стихозбиркава не е ништо ново. Постои на македонската Википедија итн. Најверојатно поради погледот на писателот кон етничкото прашање таа е занемарена во Македонија. Сепак, XXI век е и греота е од народот на се кријат вакви богатства. Доколку успееме да го пребродиме она што го пишува во насловот и предговорот, би требало да ја прифатиме како вистинско богатство на македонското литературно наследство. Полесно ќе беше да беше сега 1960та, та да си ја објавевме како Народне песме македонских Македонаца. А не би било толку страшно и денес да си ја пробаме среќата со Народне песме античких Македонаца.

Наум

ПС. Линк кон целата книга тука

******

Драг Наум,

Твојот повик за пошироко промовирање на архаични зборови од македонските дијалекти, како и на собирачите на македонското народно творештво, сесрдно и активно го поддржуваме (случајно токму денес објавивме таков текст). Сепак, неколку моменти од твоето писмо заслужуваат малку подетален коментар:

Собраниот материјал на Верковиќ не е ни од далеку занемарен. Точно е дека неговите лик и дело не се толку популарни како оној на, на пример, Цепенков, или на браќата Миладиновци, но за тоа има добра причина. Верковиќ не е роден во Македонија, а неговото присуство на оваа територија била со сомнителни мотиви. И тоа - ќе речеш - не е важно доколку фолклорниот материјал е собиран непристрасно и истражувачки објективно. Но не е. Како што детално објаснува Гане Тодоровски во негов текст од 1967 (кој е за среќа електронски сочуван тука), Верковиќ имал јасна политичко-идеолошка агенда, да ги прикаже Македонците како дел од поширокото словенско семејство (не и како одделен народ), а генерално да ја шири тезата за (колку соодветно на твојата иронична забелешка) АНТИЧКОТО потекло на Словените, и со тоа да го шири панславизмот. Неговото дело „Веда Словена“ се толкува како збирка на, во голема мерка, измислени фолклорни материјали, кои би требало да го потврдат генетско-духовниот происход на Словените како древен и аријевски народ, а чиј допир со Аријевците, според Верковиќ, се случил токму на територија на Пиринска Македонија. 

За секој претпазлив истражувач ова значи дека со голема ронка (да не речам кнедла) сомнеж треба да се земат и сите останати негови материјали. Во контекст на претходното, на пример, зборот „лели“ и неговата поврзаност со некаков бог Лел којашто ја спомнуваш. Ако во ниту еден речник на македонски го нема, за тоа можеби има добра причина - затоа што (можеби, веројатно) ваква поврзаност и не постои. Освен ако не си дел од екипата на ТВ Сонце.

Собраните дела на Верковиќ, објавени во пет книги во 1985 од Македонска книга, уредени од Кирил Пенушлиски, кој патем докторирал на овие материјали, исто така не се дел од „криењето“ или „занемарувањето“, туку напротив, од нивното промовирање. Тие се исто така дел од некогашната и од актуелната наставна програма на студиите по етнологија и антропологија на УКИМ (претпоставувам и на студиите по македонистика), како интегрален дел од историјата на етнографијата на оваа територија. Но етнолозите, за разлика од пошироката јавност која понекогаш не го познава поширокиот контекст, знаат дека традицијата, освен што може да згасне или да се извитопери, може и да се измисли.

Во секој случај, да го делеа повеќе луѓе твојот интерес кон ваквите теми Македонија ќе беше лингвистички поживописно место за живеење. Еве, поттикнат од муабетот, на Трендо одма му текна: дека има логика Богот на бракот да се вика - Леле.

Илина, Букбокс

6 декември 2014 - 11:17