...

Подемот на трите точки и Александар Македонски

„Елипсис" е серија точки која најчесто укажува на намерно испуштање на збор или реченица, или поголем дел од цитиран текст, кој не е неопходен за разбирање на целината. Или по нашки - три точки.

Дали и вам ви се случува во СМС или во мејл да напишете само две реченици, а дури три пати да ги прошарате со по три точки? Темата беше неодамна начната тука, и воглавно се состоеше од загриженост, или во најмала рака чудење, од сè почестото посегнување по овој интерпункциски знак. Него во преписките го има и каде што би го очекувале („па, види сега..."), но и таму каде што би требало да стои запирка или би била доволна една точка. 

Подемот на трите точки е тешко да се објасни во време кога пораките гледаме да ги скратиме на најбитното и да не куцаме непотребни карактери. Да искуцаш три точки на мобилен богами треба да се потрудиш, а реченицата која ги содржи често знае да биде нејасна, по што треба да куцаш нова порака во која ќе ја објаснуваш. Toгаш зошто не можеме да одолеме сепак да ги напишеме?

Клеј Ширки, професор на Универзитот Њујорк кој ги проучува ефектите на интернет и на технологијата врз општеството, вели дека поплавата од три точки е интересен момент во историјата на пишуваниот јазик. Тој смета дека тие најчесто се користат како замена за „хм", „ах" или сличните зборови кои овозможуваат некаква пауза во пишувањето и размислувањето. „Луѓето комуницираат како да зборуваат, но всушност го енкодираат разговорот во пишуван текст", вели тој.

Во досегашната историја зборовите биле пишувани така за да бидат прочитани многу подоцна, што правело луѓето да имаат време нивните мисли да ги заокружуваат во форма на цели реченици. Сега едноставно се брза. Оттаму и толку големиот број „прекршени", незавршени или прекинати реченици. „Говорот сега се карактеризира со постојан проток, голем број паузи, повторувања, лажни почетоци...и паузи за да се укаже на промени во насоката." И сега доаѓа најинтересниот цитат: „Живееме во момент кој личи на оној од времето на Александар Македонски, кога тој почнал да ја прифаќа за тоа време неверојатната навика (барем според зборовите на Плутарх) на читање во себе. Врската помеѓу азбуката и зборувањето постепено била нарушувана како што луѓето учеле да ги ’повнатрешнат’ звуците на прочитаното во нивните глави. Но сега изгледа настапува обратното, луѓето се обидуваат да ги користат буквите и интерпункциските знаци онака како што зборуваат. И тоа е тешко", додава Ширки.

Авторката на „Со одвлечено внимание: ерозијата на вниманието и настапувањето на мрачното доба" (Distracted: The Erosion of Attention and the Coming Dark Age), Меги Џексон, трите точки ги објаснува и со зголемениот тренд кон неформалната комуникација, дури и кога таа во принцип би требала да е поинаква. Мејловите се одговараат во просек од шест секунди или помалку, а просечниот работник менува задачи секои три минути. Се нема време за целосни објаснувања, сложени разговори или фокусираност. Трите точки заменуваат голем дел од она што наводно би требало да се подразбира, што не значи дека тие навистина го прават тоа.

Дали трите точки се навистина знак на распад на нашата елоквенција, која ја карактеризира дигиталното доба? Па што знам... 

16 август 2013 - 09:46