Јошка Фишер

Грчкиот погреб на германското штедење

Не така одамна, германските политичари и новинари уверено објавија дека евро кризата е готова; Германија и ЕУ, по нивно верување, ја преживеаа бурата. Денес, знаеме дека ова е само уште една грешка во постојната криза, која беше преполна со нив. Последната грешка, како и најголемиот дел од претходните, произлезе од нашата надеж - и тоа повторно, дека Грција излегла од транс.

Дури и пред убедливата победа на левичарската Сириза на неодамнешните општи избори во Грција, беше очигледно дека, таа е далеку од готова, и дека кризата има потенцијал да стане уште полоша. Штедењето - политиката на излегување од долговите преку намалување на трошењето - едноставно не функционира. Во економија која се намалува, пропорцијата задолженост-БДП расте наместо да се намалува, а европските држави под притисок на кризата успеаа со штедење да стигнат до депресија, што резултираше со масовна невработеност, алармантни нивоа на сиромаштија, и немање надеж.

Предупредувањата за сериозни политички проблеми минаа игнорирани. Засенети од длабоко всаденото германско табу кон инфлацијата, владата на канцеларката Меркел тврдоглаво инсистираше дека болките од штедењето се клучни за економското заздравување; ЕУ немаше друг избор освен да се согласи со ова. Сега, откако грчките гласачи ја прогонија од својата земја истрошената и корумпирана елита во корист на партија која вети дека ќе стави крај на штедењето, пристигнаа проблемите.

Меѓутоа иако победата на Сириза го обележува почетокот на следното поглавје на евро кризата, политичката - а можно и егзистенцијалната - опасност што ја чека Европа станува уште поголема. Швајцарската национална банка неочекувано го откачи франкот од неговата врска со еврото, што иако не преставува никаква посредна економска опасност, е сериозен психолошки удар, што ја покажа и ја засили огромната загуба на довербата (кон еврото). Еврото, како што покажа потегот на ШНБ, останува фрагилно како и секогаш. И последователната одлука на Европската централна банка да купи над 1.000 милијарди евра во обврзници од владите во еврозоната, иако правилно и неопходно, само дополнително ја намали довербата.

Резултатите од грчките избори беа видливи повеќе од една година. Ако успеат преговорите меѓу "тројката" и новата грчка влада, резултатот ќе биде компромис кој нема да им го извалка образот на двете страни. Ако нема договор, Грција ќе банкротира.

Иако никој не може да каже што ќе значи грчкиот банкрот за еврото, ова секако ќе значи дополнителен ризик за понатамошното постоење на валутата. Исто како што е сигурно дека мега-катастрофата што би дошла од распаѓањето на еврозоната нема да ја поштеди Германија.

Компромисот де факто ќе резултира во олабавување на штедењето, што повлекува значителни домашни ризици за Меркел (иако помали од укинување на еврото). Меѓутоа, ако се има предвид нејзината популарност дома, вклучително и во нејзината партија, Меркел ги потценува опциите што ги има на располагање. Таа може да направи многу повеќе, ако само верува во себе.

На крајот, таа може и нема избор. Ако се има предвид влијанието што грчките избори го имаа на политичките случувања во Шпанија, Италија и Франција, каде противењето на мерките за штедење е подеднакво високо, политичкиот притисок на Еврогрупата од министри за финансии на ЕУ - од десницата и левицата - значително ќе се зголеми. Не треба да си пророк за да предвидиш дека најновото поглавје од евро кризата ќе ги остави германските политики за штедење во урнатини - освен ако Меркел не преземе огромен ризик и да остави еврото да пропадне.

Нема индикации дека би го направила тоа. Па, без разлика која страна - тројката или грчката влада - ќе го повелече првиот потег во претстојните преговори, грчките избори веќе доведоа до недвосмислен пораз за Меркел и нејзината стратегија за одржување на еврото базарина на штедење. Истовремено намалувањето на долговите и структурните реформи, кои сега ни се познати, ќе бидат преголем товар на која било демократски избрана влада бидејќи тие значат наметнување преголеми даноци на своите гласачи. И, без раст исто така нема да има структурни реформи, без разлика колку се тие неопходни.

Тоа е грчката лекција за Европа. Прашањето сега не е дали германската влада ќе го прифати ова, туку кога. Дали ќе биде потребен сличен дебакл и на шпанските конзервативци на претстојните избори за да се присили Меркел да се соочи со реалноста?

Ништо освен растот нема да ја реши иднината на еврото. Дури и Германија, најголемата економија на ЕУ, се соочува со огромна потреба од инфраструктурни инвестиции. Ако нејзината влада престане да гледа на "нула нов долг" како на Светиот Грал, и наместо тоа почне да инвестира во модернизирање на транспортот, општинската инфраструктура и дигитализација на домаќинствата и индустријата, еврото - и Европа - ќе добијат силна поддршка. Уште повеќе, масовна програма за јавно инвестирање може да биде финансирана преку вонредно ниски каматни стапки.

Кохезијата на еврозоната и успехот на неопходните структурни реформи - а со ова и самото преживување - сега зависи од тоа дали таа може да го надмине својот дефицит на раст. Германија има простор за фискални маневри. Пораката од грчките избори е дека Меркел треба да го искористи ова, пред да биде премногу доцна.

Јошка Фишер

-----------------

На темава, ама не од Јошка. Како Грците моментално го гледаат Варуфакис (новиот министер за финансии):

31 јануари 2015 - 16:35