Професор облечен како младиот Владо Јаневски излегува пред колегите и го образложува предлогот за истражување на ликот и делото на пејачот со тоа што ќе го помине една година живеејќи како него. Овие учено климаат со главите и едногласно му го одобруваат. По завршувањето резултатите се објавуваат во списанија со импакт фактор, а професорот веќе се подготвува за следниот проект - три години како Силви Бенд.
Нешто слично се случува во Британија во моментов. Професорот и експерт за филмски и културолошки студии, кој предава на лондонскиот универзитет Кингстон, Вил Брукер, ќе покрие 40 години од кариерата на музичката легенда во текот на студија која вклучува и симулација на искуствата на Боуви во клучните моменти од неговиот живот.
Накратко, Брукер сака да влезе во главата на Боуви со тоа што ќе го прави истото што го правел и тој - ќе ја става истата шминка, ќе експериментира со неспиење, дури и ќе ја следи нездравата диета која вклучува јадење само млеко и црвени пиперки. Како што нагласува во видеото подолу, главна улога сепак ќе има музиката и книгите кои Боуви ги слушал додека ги правел неговите антологиски албуми, мистична литература (Алистер Кроули) или „чудна научна фантастика", која според истражувачот на долги стази може да се покаже и опасна по менталното здравје на неподготвениот за ваквото искуство.
И покрај тоа што студијата би требало да ги содржи основните постулати на научна објективност и проверливост, Брукер изјавил дека основниот мотив е сепак личен - кога бил тинејџер почувствувал блискост со Боуви заради тоа што овој успевал да оствари „рамнотежа помеѓу успехот и отуѓеноста, помеѓу неопходниот комерцијален прагматизам и јадрото на лична автентичност". Ако сè излезе како што треба, врз основа на студијата веќе е планирана монографија, под наслов „Засекогаш Стардаст".
Запрашан за мислење за проектот, портпаролот на Боуви изјавил дека „нема коментар".