Разговорот, за Политико се водеше најмногу околу состојбата во соседна Македонија, каде што уставната криза ја опфати и владата во Тирана, затоа што македонските политички партии што етнички се албански ориентирани беа во главниот град на Албанија за да разговараат околу изборните и постизборните тактики. Ваквата активност на албанските партии од Македонија предизвика недоверба меѓу Македонците, а албанската заедница сега бара албанскиот јазик да се признае како втор службен јазик во Република Македонија. Многумина во тоа гледаат почеток на остварување на планот за т.н. Голема Албанија, а изјавата на Рама само дополнително му долева бензин на огнот.
Албанскиот премиер со тоа сакаше да предупреди на опасностите што претстојат на Балканскиот Полуостров, односно во неговиот западен дел, ако не се продолжи процесот на европско ширење. ЕУ веќе со години не размислува активно на ширењето на членството на Западен Балкан, а по влегувањето на Хрватска се чини дека е затворен процесот на прифаќање нови членки. Ова е посебно болно за Албанија, земјата што заедно со Хрватска е примена во НАТО, но и покрај тоа не го продолжи својот пат кон членство во Унијата. Со оглед на тоа, Рама смета дека ништо не може да се исклучи.
На прашањето на Политико дали е незамислив планот за обединување на Албанија и Косово, Рама одговори дека не е: „Единствен начин за зачувување на мирот и соработката на Балканот е да се остави отворена вратата кон ЕУ, да се остави јасна перспектива, да се остават позитивни чувства кон Европа. Никој не би се свртел кон себе и не би барал помали унии, сите сакаат да се обединат во голема унија. Но ако нема надеж, нема перспектива, нема простор, тогаш секако дека малите унии може да се остварат“. Меѓутоа таквата „мала унија“ што ја споменува уметникот, поранешен кошаркар и градоначалник на Тирана, може да стане голема главоболка за Брисел и за сите други регионални земји.
Основа на оваа главоболка е иредентистичкиот концепт на Голема Албанија, која во една држава би ги опфатила сите Албанци што живеат на своите историски територии. Освен постојната Република Албанија, овој концепт го опфаќа цело Косово, долината на Прешево во Јужна Србија, јужна Црна Гора, северозападна Грција односно Епир, т.е. западниот дел од Република Македонија. Теоретски оваа идеја е созреана во Призренската лига, организација од 19 век чија цел е обединување на сите подрачја на кои живеат Албанците во еден вилает во рамките на Османлиското Царство. Меѓутоа таквото обединување е остварено дури под италијанска и германска окупација на Балканот за време на Втората светска војна. Кога во 1913 на рушевините од Балканските војни е создадена модерна Албанија, половина од оваа албанска територија остана вон земјата. И денес тоа се смета за голема неправда на големите сили. Според извештајот од 2010, кога повторно се проучува идејата за Голема Албанија, испитувањето на јавното мислење покажа дека 63% од Албанците во Албанија, 81% на Косово и 53% во Македонија поддржуваат таква држава.
Ова се испитувања спроведени во 2000-тите, токму затоа што во текот на тој период настануваат политичките партии во Албанија што ја заговараат Голема Албанија. Во 2002 година Националниот ослободителен фронт на Албанците и Партијата на национално единство се обединуваат во Обединет национален албански фронт, кој дејствува како политичка организација на Албанската национална војска, милитантната организација што вклучува припадници на косовската ОВК, која во почетокот од 2000-тите имаше неколку насилни пресметки во Косово, Србија и Македонија. Некако во исто време во Епир се формира Ослободителната војска на Камерија (како што Албанците го нарекуваат ова подрачје). Меѓу политичките партии што настанаа во тој период се и монархистичката Партија на легалистичкото движење, Партијата на национално единство и Бали Комбетар, единствената партија што успеа да го мине изборниот праг и да влезе во парламентот. Паналбански идеи, но не и практично обединување, заговара и косовската Самоопределување (Vetëvendosje). Со оваа моќна партија, на Косово дејствува и Бали Комбетар Косово. Мноштвото од овие политички партии и движења може да се обележат како политички глувци, меѓутоа тие се такви само затоа што „меинстрим“ партиите презедоа дел од нивната реторика.
Поранешниот албански претседател и премиер Сали Бериша исто така е познат по своите големоалбански изјави, а во време кога Еди Рама беше градоначалник на Тирана, во неговата канцеларија можеше да се затекне карта на Голема Албанија. Користејќи го националистичкиот наратив, (реформираната) Социјалистичка партија на Албанија и Демократската партија на Албанија го заземаат просторот што им припаѓа на порадикалните партии и донекаде го неутрализираат. Сега Рама си игра со чувствата во регионот, кој е заборавен од европските интеграции: Албанија, Србија, Македонија и Црна Гора официјално се кандидати за членство во ЕУ, Косово има Договор за стабилизација и приклучување, а БиХ всушност се нема ни мрднато. За сите тие земји перспективата за членство во ЕУ е далечна со години. Албанскиот премиер оправдано укажа дека Европа не ја разбира потребата за присуство на Балканот ако стварно сака безбедна Европа. Како добар чекор Рама ги спомнува историските посети на албанскиот и српскиот премиер. Еди Рама го посети Белград првпат по 68 години, а Александар Вучиќ беше првиот српски премиер во историјата што ја посетил Тирана. Некои српски функционери посочуваат дека Рама го користи национализмот за да се одбрани од обвинувањата во Тирана, каде што го сметаат за премногу близок со Белград. Во моментов тоа е опасно имајќи ја предвид опозицијата, која го бојкотира работењето на парламентот и се заканува дека нема да предложи кандидати на претстојните парламентарни избори, кои се одржуваат на 18 јуни, сметајќи дека гласањето нема да биде чесно и слободно. Опозицијата бара Рама да поднесе оставка и организацијата на изборите да ѝ ја отстапи на техничка влада, нешто што премиерот го одби. Во кампањата и во обидот за смирување на севкупната ситуација Рама ги користи советите на поранешниот британски премиер Тони Блер и на неговиот советник за односи со јавноста, познатиот спин-доктор Алистер Кембел.
Соседна Македонија има уште повеќе замерки на политиката на Рама. Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов го обвини социјалдемократскиот кандидат за премиер Зоран Заев дека коалицира со Албанците само за да дојде на власт. Социјалдемократите се под сомнеж дека си играат со идентитетот на Македонците, кои повторно станаа жртва на големоалбанските планови за остварување на својата митска државна заедница. Заев, според мислењето на поранешниот премиер Никола Груевски, се согласил на идејата за федерализација на Македонија, при што би постоела македонска и албанска федерална единица, а што на крај би овозможило и одвојување на албанскиот дел и распаѓање на македонската држава. Заев успеа да создаде доволна коалиција со албанските партии ДУИ, која има 10 места, Движењето Беса, 5 пратеници, и Алијансата на Албанците, три места, па има мало, но доволно мнозинство. Меѓутоа, Иванов го одби ова. Својот став го објасни со зборовите дека ни Уставот ни совеста не му дозволуваат мандатот да му го даде на Заев поради платформата на албанските партии, која ги крши независноста и суверенитетот на Македонија.
Заев нападите врз себе и врз социјалдемократите ги толкува како обид на Груевски да се спаси од обвинувањата за корупција. Откако увиде дека тоа не допира до Заев, Груевски ја промени својата реторика и се понуди да ја поддржи малцинската влада на Заев доколку тој се откаже од т.н. Тиранска платформа. Имено, Груевски не греши целосно кога се во прашање албанските желби. Албанските политички партии од Македонија се сретнаа во Тирана со албанскиот премиер Еди Рама, по што дојдоа барањата албанскиот да стане еднаков службен јазик во цела Македонија. Рама вели дека само сакал да посредува меѓу етничките албански политичари од Македонија, и дека не се обидувал да се меша во внатрешните работа на соседната земја. Т.н. тиранска платформа ја смета за мит што води кон меѓуетнички судир, но воедно мисли дека Албанците во Македонија имаат апсолутно право да побараат потполна еднаквост со Македонците.
До унијата меѓу Албанија и Косово тешко дека ќе дојде, дури и кога би се работело за некој вид конфедерација. Освен што кон тоа постои неволност на Приштина, како и поделеност меѓу самите Албанци во двете земји, таков потег би наишол на негативен одек во меѓународната заедница. И додека Рама можеби ги користи ваквите запаливи националистички изјави за да се спаси на следните избори и да ја натера опозицијата го прифати поразот, во моменталните околности тие секако се недобредојдени. Наелектризираната атмосфера во Македонија, бесперспективноста на Косово, состојбата на ни војна ни мир во Босна и Херцеговина, како и прашањето за идното движење на Србија, се доволно силни показатели за нестабилноста на Балканот, кои може да се искористат за мултиполарни глобални игри. Еди Рама го изгуби чувството за одговорност на јавно дадените изјави, а посебно за историјата, во која романтичарските идеи за хомогени нации водеа кон крвави војни.