Опозицијата во Македонија се бори за оставка на премиерот Никола Груевски, а во меѓувреме, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека опозициските протести се организирани од странски сили, кои се гневни што премиерот не се приклучил кон остатокот од Европа во наметнување на санкции против Русија.
Во интервју за локалните весници, Груевски се дистанцираше од про-руските позиции. Запрашан за луѓето кои дојдоа на неговите демонстрации носејќи маички со сликата на Путин, тој одговори дека на собирот имало 100.000 луѓе, и можеби тројца или четворица имале про-руски обележја.
"Турскиот тек" треба да мине низ Црното море, до Турција, а потоа низ Грција, Македонија, Србија и Унгарија пред да стигне до еден од најголемите европски центри за дистрибуција на гас во Австрија. Гасоводот ќе има капацитет за пренесување на 60 милијарди кубни метри гас годишно, и комплетно ќе го замени гасоводот што минува низ Украина - за кој Газпром најави дека ќе престане да го користи до 2020-та.
Меѓутоа проектот се уште е во многу рана фаза, и Газпром нема потпишано ниту еден од неопходните договори, ниту пак се изјаснил од каде ќе доаѓа финансирањето.
Според сегашниот план, ќе биде невозможно да се избегне Македонија, а и покрај тоа проектот не е многу привлечен за балканската држава со само 2,1 милион луѓе. Македонија користи 150 милиони кубни метри гас годишно, кои моментално ги добива од Русија. Како што Груевски правилно забележа, рускиот гас е скап (по цена од околу 500 долари за 1.000 метри кубни е еден од најскапите европски извори на гас). Македонија планира да се приклучи на друг гасовод кој ќе и даде пристап до поевтиниот азербејџански гас.
Како резултат, оваа мала држава, чии мислења околу проектот никој не се помачи да ги разгледа, на крај може да заврши со истата улога што Бугарија ја имаше кога се планираше еден друг гасовод на Газпром, Јужен тек. Односно, комплетно блокирање на проектот.
Всушност и руските и европските експерти за енергетика за Комерсант изјавија дека е малку веројатно да се изгради кој било гасовод после Турција. Во најамбициозното сценарио експертите тврдат дека Газпром ќе го ограничи проектот на две линии кои ќе минуваат низ Црното море до Турција, бидејќи компанијата веќе има договори со европски компании кои работат на овие две линии. Исто така, добивањето на дополнителни договори ќе биде тешко, ако се имаат предвид моменталните санкции против работење со руски компании. Затоа, освен ако не се промени политичката клима, има мали шанси дека Газпром ќе може да потпише договор за изградба на трета линија.
Без разлика, целта за бајпасирање на Украина до 2020-та се уште е остварлива, со комбинирање на скратениот Турски тек со гасоводот Источен прстен кој треба да испорачува гас на Балканот, и Нордискиот тек кој треба да обезбедува гас за Централна Европа. Земени заедно, сите овие гасоводи ќе имаат капацитет од само 50 милијарди кубни метри годишно, но веројатно ќе бидат доволно бидејќи се очекува дека европската побарувачка за руски гас ќе продолжи да паѓа.
Поголемата слика не' потсетува дека во сите овие опции Газпром и понатаму ќе треба да најде начин да соработува со Брисел, кој на крајот го има најголемиот авторитет за контрола на испораката на рускиот гас во ЕУ.