репост:

Бегај од Грк со обврзници

Во 2010-та година (на нашата претходна веб адреса) го објавивме на македонски овој текст на Венити Фер со најава "Веројатно најдобриот текст што ќе го прочитате за грчката криза". Пет години подоцна, после сè што прочитавме и пренесовме за Грција, го реобјавуваме со најава: "Веројатно најдобриот текст што ќе го прочитате за грчката криза".

По еден час во авион, два во такси, три на трошен ферибот и потоа уште четири на автобуси лудо возени по рабовите на највисоките провалии, од Грци кои постојано се на мобилен, конечно завршив пред вратите на огромен и далечен манастир. Парчето земја кое штрчеше сред Егејското море изгледаше како крајот на Земјата, а беше и подеднакво тивко. Беше доцна на пладне и монасите или се молеа или дремеа, меѓутоа еден беше на должност во стражарската кабина за да ги поздрави посетителите. Заедно со седумте грчки аџии, тој ме водеше до старите спални соби, прекрасно реставрирани, каде уште двајца монаси ни понудија узо, печива и клучеви од собите. Почувствував дека нешто недостасува и тогаш сфатив: никој не ми побара кредитна картичка. Еден од монасите ни кажа дека следниот настан ќе биде вечерна богослужба. Следниот настан, како што ќе се покаже, секогаш беше некоја црковна служба. Имаше 37 разни капели низ манастирот, и наоѓањето на идната служба никогаш не беше лесно.

"Во која црква," го прашав монахот.

"Само следи ги монасите откако ќе се разбудат," ми одговори. Потоа подетално ме загледа од горе до долу. Имаше невозможно долга и дива црна брада, долга црна облека, монашка капа и бројаници. Јас носев бели патики за трчање, кафеавкасти пантолони, розово-виолетова маица, и кеса за облека на која со големи букви пишуваше "EAGLES PALACE HOTEL." "Зошто дојде тука?", ме праша.

Тоа беше добро прашање. Не бев таму за црквата, бев за парите. Цунамито од евтини кредити кое ја зафати планетава меѓу 200 и 2007, сега создаде нова можност за патување: туризам на финансиски катастрофи. Кредитите не беа само пари, беа искушение. Тие им нудеа на цели општества шанса да ги откријат аспектите на нивните карактери на кои обично не можат да си дозволат да им и се оддадат. На цели држави им беше речено "изгасени се светлата, можете да правите што сакате и никој никогаш нема да дознае." Она што сакаа да го прават со парите во мракот варираше. Американците сакаа да поседуваат куќи далеку поголеми од она што можеа да си дозволат, и да им дозволат на моќните да ги искористуваат слабите. Исланѓаните сакаа да престанат со риболов и да станат инвестициски банкари, и со тоа да им дозволат на своите алфа мажјаци да ја откријат дотогаш потиснатата мегаломанија. Германците сакаа да бидат уште повеќе Германци, Ирците сакаа да престанат да бидат Ирци. Сите овие општества беа допрени од истиот настан, но сите реагираа на сопствен чуден начин. Но ниту една реакција не беше така чудна како онаа на Грците, и секој што минал само неколку дена разговарајќи со луѓето кои управуваа со местото, можеше да го види тоа. Но за да се види колку навистина беше чудно, требаше да се дојде во овој манастир.

Имав свои причини за да бидам тука. Но бев доста уверен дека ако му кажам на монахот кои се, дека ќе ме исфрлеше. Па излажав,"Велат дека ова е најсветото место на Земјата."

Во Атина стигнав неколку дена претходно, точно една недела пред идниот закажан митинг и неколку дена откако германските политичари и предложија на грчката влада, дека за исплаќање на своите долгови треба да си ги продаде островите, па дури и да додаде некоја античка рушевина во понудата. Новиот грчки социјалистички премиер, Папандреу, дури се чувствуваше обврзан јавно да негира дека планира да ги продава островите. Според новите резултати, кредитниот рејтинг на Грција беше на ниво кое ги претвори сите грчки државни обврзници во ѓубре - заради што ниту еден од инвеститорите што ги поседуваше не сакаше веќе да ги има. Очекуваното обезвреднување на грчките обврзници, на краток рок, не беше голем проблем за пазарот, бидејќи ММФ и Европската централна банка се сложија да и позајмат на Грција - нација со 11 милиони луѓе, или два милиона помалку од Областа Лос Анџелес - цели 145 милијарди долари. На краток рок Грција беше тргната од сите слободни финансиски пазари и стана штитеник на другите држави.

Тоа беа добрите вести. Долгорочната слика беше далеку полоша. Како дополнување на 400 милијарди долари владин долг, грчките сметководители открија дека нивната влада должела уште над 800 милијарди во пензии. Собери го сето тоа и имаш околу 1.200 милијарди или повеќе од 250.000 долари долг по секој вработен возрасен Грк. Наспроти долгот од 1.200 милијарди, помошта од 145 милијарди повеќе изгледаше како гест отколку како решение. И сето ова се базира само на официјалните владини бројки, вистината е сигурно полоша. "Нашите луѓе влегоа и не можеа да поверуваат што најдоа," ми откри еден висок функционер на ММФ по враќањето од првата мисија на ММФ во Грција. "Начинот на кој тие ги воделе своите финансии - тие знаеле колку се согласиле да потрошат, но никој не водел сметка, колку всушност потрошиле. Тоа не беше ниту она што би го нарекле економија во раст. Тоа беше држава од Третиот свет."

Излезе дека она што Грците сакале да го прават кога ќе се изгасат светлата, и кога биле во мракот со купот позајмени пари, е да ја претворат нивната влада во пињата полнета со фантастични суми пари и да им дадат на што е можно повеќе нивни граѓани шанса да ја удрат. Само во минатата деценија платата во грчкиот јавен сектор е зголемена за два пати, а ова не го вклучува митото собрано од јавните службеници. Просечната плата во владата е речиси три пати поголема од просекот во приватниот сектор. Националната железница има годишен приход од 100 милиони евра, наспроти 400-те милиони евра кои годишно ги исплаќа за плати, и плус 300 милиони евра што ги има во други трошоци. Просечниот вработен во државната железница има годишна плата од 65.000 евра. Пред 20 години, тогашниот грчки Министер за финансии Стефанос Манос, посочи дека е поевтино да се стават сите патници на грчката железница во такси. И ова се уште е вистинито. "Имаме железница која е банкротирана над секоја граница. А сепак нема ниту една приватна компанија во Грција, која има таква просечна плата," ми објасни Манос. Грчките државни училишта се дел од систем кој е пример за зачудувачка неефикасност. Тој е еден од најниско рангираните системи во Европа, а сепак вработува четири пати повеќе учители по ученик од највисоко рангираниот систем на Финска. Грците кои ги испраќаат своите деца во државни училишта, едноставно однапред знаат дека ќе треба да ангажираат приватен тутор ако сакаат децата нешто да им научат. Постојат и три државни компании за одбрана, кои заедно имаат милијарди евра долг, и само забележуваат загуби. Возраста за пензионирање кај грчките професии кои се со бенефициран стаж е 55 кај мажите и 50 кај жените, што е и моментот кога државата почнува да се расфрла со широкогради пензии. По пат, повеќе од 600 грчки професии успеаја да добијат класификација како бенефицирани: од фризери, радио водители, келнери и музичари, па натаму. Грчкиот јавен здравствен систем троши далеку повеќе материјали од европскиот просек, не е никаква реткост, како што ми кажаа повеќе Грци, да се видат сестри или доктори, како си одат од работа со полни раце пелени или што и да можеле да соберат од магацините.

Каде завршува расфрлањето а каде почнува кражбата, речиси и да не е важно, едното го маскира и со тоа го овозможува другото. Едноставно се претпоставува дека секој што работи за владата треба да биде поткупен. Луѓето кои одат во јавните клиники претпоставуваат дека треба да ги поткупат докторите, за овие да се грижат за нив. Владините министри кои го минале својот живот во јавна служба, ги напуштаат кабинетите подготвени да се дозволат мулти-милионски вили и две или три куќи на село.

Она што зачудува е што финансиерите во Грција остануваат помалку или повеќе надвор од целата работа. Тие никогаш не престанале да бидат ништо повеќе од заспани стари банкари. Речиси осамени меѓу европските банкари, само тие не купија од американските обврзници, и не решија да си поделат огромни суми пари. Најголемиот проблем што го имаа грчките банки е што и позајмија 30 милијарди евра на грчката влада - каде што тие беа украдени или потрошени. Во Грција банките не ја заглавија државата. Државата ги заглави банките.

И ЈА ИЗМИСЛИЈА МАТЕМАТИКАТА

Утрото по моето пристигнување бев да го видам грчкиот Министер за финансии, Папаконстантину, чија работа беше да го расчисти фантастичниот неред. Атина некако успева да биде сјајно бела и гнасна во исто време. Најубавите, свежо фарбани нео-класични куќи во градот, се нагрдени со нови графити. Насекаде има антички рушевини, ама тие се како да немаат ништо со работите околу нив. Таа е како Лос Анџелес на минатото.

Во темниот и тесен влез на Министерството за финансии мала група од обезбедувањето те следи додека влегуваш... а потоа воопшто не се заморува да види зошто и како се активирал детекторот за метал. Во претсобјето кај Министерот шест дами, сите станати, го средуваат неговиот распоред. Изгледаат избезумени, загрижени и преработени... и сепак тој доцни. Местото изгледа како и во подобрите денови дека не било ништо посебно. Мебелот е истрошен, патосот е линолеум. Највоочливо од се е колку луѓе се вработени таму. Министерот Папаконстантину учел Универзитетот Њујорк и на Лондонската школа за економија во 80-те, потоа минал 10 години работејќи во Париз за ОЕСР. Отворен е, пријателски настроен, одморен и тазе бричен, како и многу други луѓе од врвот на грчката влада, многу помалку потсетува на Грк, отколку на Англичанец, речиси на Американец.

Кога Папаконстантину пристигнал таму, минатиот октомври, грчката влада го процени буџетскиот дефицит за 2009-та, на 3,7%. Две недели подоцна, бројката беше ревидирана и качена на 12,5%, за на крај да излезе дека е 14%. Тој беше човекот чија работа е да открие и да му објасни на светот - зошто. "Вториот ден на работа морав да свикам состанок за да го разгледаме буџетот," ми објаснува. "Ги собрав сите од главната канцеларија за сметководство, и зјапавме во ова како да откриваме нешто." Секој ден пронаоѓаа по некој неверојатен пропуст. Долг за пензиите од милијарда долари, секој година некако успевал да биде оставен надвор од владините книги, и сите се преправале дека тој не постои, и покрај тоа што владата платила за него. Дупката во пензискиот план за приватниот сектор не била 300 милиони евра како што се претпоставуваше, туку 1,1 милијарда и така натаму. "На крајот од секој ден ќе речев, 'ОК момци, дали е тоа се?' и тие ќе ми одговореа 'Да.' Следното утро, некој на крајот од собата ќе кренеше рака и: 'Всушност, Министре, има уште една дупка од 100-200 милиони евра.'"

Ова траело со недели. Меѓу другите работи кои се појавиле, имало и голем број на незаведени, лажни програми за создавање на нови работни места. "Министерството за земјоделие имало незаведено цела единица од 270 луѓе, која работела на дигитализација на фотографии од грчкото јавно земјиште," ми објаснува Министерот. "Проблемот е што ниту еден од тие 270 луѓе немал искуство со дигитална фотографија. Вистинските професии на овие луѓе била нешто како...фризери."

До последниот ден од откривањето, откако ја кренаа и последната рака од крајот на собата, предвидениот дефицит од околу 7 милијарди евра, излезе дека е повеќе околу 30 милијарди евра. Природното прашање - Како е ова можно? - доби лесен одговор: до тогаш никој не се потрудил да преброи. "Ние немаме Комитет на Конгресот за буџет," објаснува Министерот. "Немало некоја независна служба за статистика." Партијата на власт едноставно објавува бројки какви што и' одговараат.

Кога Министерот конечно ги добил бројките, тој заминал на месечниот состанок со неговите колеги од ЕУ. Како нов човек на состанокот, нему му бил даден првиот збор. "Кога им ги кажав бројките, имаше воздишки. 'Како можеше ова да се случи?' на што одговорив, Вие момци сте тие што требаше да видите дека бројките што до сега ви ги даваа не се точни. Но проблемот беше што јас седев зад знак на кој пишуваше ГРЦИЈА а не НОВАТА ГРЧКА ВЛАДА." По состанокот, Министерот од Холандија му пристапил и му рекол "Јорго, знаеме дека не е твоја вина, но нели би требало некој да оди во затвор?"

Како што го привршуваме разговорот, Министерот истакнува дека не е само до тоа дека владата лажела за своите трошоци. "Не беше се заради лажните извештаи. Во 2009-та, опадна собирањето даноци, бидејќи беше изборна година."

"Што?!"

Се насмеа.

"Прва работа што една влада ја прави во изборна година е повлекување на даночните инспектори од улиците."

"Се шегуваш."

Сега ми се смее на мене. Очигледно сум наивен.

БРАТСКА СЛУЖБА ЗА СОБИРАЊЕ ДРЖАВНИ ПРИХОДИ

Трошоците за функционирање на грчка влада се само половина од пропадната равенка, тука исто така треба да се пресметаат и владините приходи. Уредникот на еден од најголемите грчки весници ми спомна дека неговите новинари нашле извори во даночната служба. Тие не го направиле ова за да ја откријат големата даночна измама - која е толку голема во Грција што не вреди да се пишува за неа - туку за да ги откријат нарко-босовите, шверцерите на луѓе и други од слични професии. Сепак неколкумина од собирачите на даноци биле гневни од систематската корупција во нивната професија. Подоцна излезе дека двајца од нив се подготвени да се сретнат со мене. Проблемот беше што од нивни причини, ниту еден не сакаше да дебатира, бидејќи не можеа да се поднесат еден со друг. Ова, како што повеќе пати ми го кажаа од други Грци е типично грчко однесување.

Вечерта по средбата со Министерот, бев на кафе со едниот даночник во еден хотел, а потоа малку подолу на истата улица бев на пиво со другиот даночник во друг хотел. И двајцата веќе биле симнати од нивната позиција откако се обиделе да пријават некои свои колеги за неправилно работење, примање поткуп или прифаќање на неправилни даночни пријави. Двајцата биле тргнати од високи позиции во одделите со теренска работа, и преместени во канцеларии каде повеќе не можат да сведочат на даночниот криминал. И на двајцата им беше непријатно, не сакаа никој да знае дека разговарале со мене, се плашеа дека заради тоа сосема ќе ја изгубат својата работа. Па затоа ги нареков Даночник 1 и Даночник 2.

Даночник 1 - тазе влезен во 6-та деценија, малку вознемирен, меѓутоа не и нервозен, пристигна со тефтер полн со идеи како да се поправи грчката служба за собирање даноци. Тој го зема за готово фактот дека јас знам дека единствени Грци кои плаќаат даноци се оние кои не можат да го избегнат тоа - вработените во корпорациите, на кои даноците им се одбиваат директно од плата. Огромната економија на приватници - од докторите до сопствениците на трафики - краде на даноци (што е и една од главните причини зошто Грција има највисока стапка на мали приватници во Европа). "Ова стана културно обележје. Грчкиот народ никогаш не научи да ги плаќа даноците. А тоа е затоа што никој никогаш не беше казнет. Никој никогаш не беше казнет. Тоа е кавалерски прекршок, како господин да не и отвори врата на дама."

Стапката на даночни измами во најмала рака беше неверојатна колку и нејзиниот спектар: се проценува дека две-третини од грчките доктори пријавиле приходи под 12.000 евра годишно - бидејќи заработувачката под таа сума не се оданочува - што значи дека дури и пластичните хирурзи кои заработуваат милиони годишно, не плаќаат воопшто данок. Проблемот не е во законот - има закон според кој се казнува со затвор секоја даночна измама над 150.000 евра - туку во неговото спроведување. "Ако го спроведат законот," вели даночникот "секој доктор во Грција ќе биде во затвор." Само што се насмеав тој ме погледна на косо "Скроз сум сериозен." Една од причините што никој не е прогонуван, е што на грчките судови им требаат и по 15 години за да ги разрешат случаите со затајување данок. "Оние кои не сакаат да платат, кога ќе ги фатат, само одат на суд," објаснува тој. Некаде меѓу 30 и 40% од активноста во грчката економија која подлежи на данок на приход не е заведена никаде. Во остатокот од Европа овој просек е 18%.

Најлесен начин да се направи даночната измама е да инсистирате да ви плаќаат во готово, и притоа да најдете начин да не издадете сметка за услугата. Најлесен начин за перење пари е да се купи недвижнина. Она што е посебно згодно за црниот пазар - и единствен случај меѓу европските земји - е што Грција нема национален катастар. "Треба да знаеш каде некој купил земјиште, за да можеш да го поврзеш со него. Па дури и тогаш се е напишано на рака и едвај се чита," продолжува даночникот. Пробав да му објаснам дека дури и ако некој пластичен хирург кој зема милиони во готово, купи земјиште на некој грчки остров и изгради вила, пак ќе има некаква документација од целата работа, на пример градежни дозволи. "Луѓето кои ги даваат дозволите, за тоа не ја информираат државната благајна," одговара тој. А дури и во не така ретките случаи некој да биде фатен во измама, тој едноставно може да го поткупи даночникот што го фатил и да заврши работа. Секако има и закони против тоа даночниците да земаат мито, ми објаснува тој "меѓутоа дури и да те фатат, потребни се седум - осум години за да те обвинат, па во пракса никој не се ни мачи."

Систематското лажење за личните приходи, ја натера грчката влада се повеќе да зависи од даноци кои е потешко да се избегнат: даноци на недвижнини и приход. Недвижнините се оданочуваат по формула, која генерира тнр. "објективна вредност" на имотот. Бумот во грчката економија во последната деценија предизвика цените по кои се продава имотот да пораснат повеќекратно од компјутерските проценки на владината формула. Ако се земат предвид растечките цени, формулата требаше да се движи нагоре. Просечниот Грк одговори на проблемот со тоа што не ја пријавуваше цената по која го продал местото, туку пријавуваше лажна цена, која обично содејствуваше со вредноста која ја предвидуваше застарениот компјутерски модел. Ако купувачот зел кредит да купи куќа, вредноста на кредитот е колку објективната вредност на имотот, а остатокот го исплаќа во готово или со кредит од црниот пазар. Како резултат на тоа "објективната вредност" ужасно ја потценуваа вредноста на земјиштето. Зачудувачки, општо се верува дека сите 300 членови на грчкиот парламент, објавуваат дека вредноста на нивниот имот е идентична со компјутерски генерираната "објективна вредност." Или како што ми кажаа двајцата даночници и еден локален агент за недвижнини, "секој член на грчкиот парламент лаже за да ги избегне даноците."

Тој потоа продолжи да ми опишува систем, кој на свој начин беше ремек-дело. Овој систем ги копира даночните системи на напредните економии - и вработува огромен број на даночници - а всушност е подесен така што му дозволува на целото општество да лаже во своите пријави. Како што стануваше да си оди, ми посочи дека келнерката во хотелот не ни даде сметка за кафето. "Има причина за тоа, дури и овој хотел не ги плаќа даноците на приход што ги должи."

Во вториот хотел, ме чекаше и Даночникот број 2. Тој беше со опуштени манири и облека, пиеше пиво и беше престрашен дека другите можат да откријат дека зборувал со мене. И тој пристигна со цел куп хартии, но неговите не беа полни со примери од даночните измами на граѓаните, туку со измамите на грчките компании. Потоа почна да ги реди примерите ("само оние на кои јас лично сум бил сведок"). Првиот беше атинска градежна корпорација која изградила 7 џиновски станбени згради и продала речиси 1.000 станови во срцето на градот. За ова, данокот на корпорацијата бил 15 милиони евра, но компанијата не платила ништо. Нула. За да ги избегне даноците, корпорацијата направила неколку работи. Прво, таа никогаш не се регистрирала како корпорација, второ, ангажирала една од дузината компании кои не прават ништо друго освен издавање на лажни сметки за трошоци кои никогаш не се случиле и на крај, кога даночниците ја откриле целата работа, им понудиле мито. Даночникот алармирал за целата ситуација и случајот го пријавил кај своите шефови - по што открил дека го следи приватен детектив и дека телефонот му е прислушуван. На крај случајот бил решен, и градежната фирма платила 2.000 евра. "По ова ме тргнаа од истрагите поврзани со затајување, бидејќи бев добар во тоа," објасни даночникот.

Повторно се врати на својот куп со хартија. Ја вртеше секоја страна. Секоја страна имаше слична приказна како онаа што само што ми ја раскажа, а имаше намера да ми ги раскаже сите. Тогаш го запрев. Сфатив дека ако го оставам, ќе бидеме таму цела ноќ. Стапката на измами - енергијата потрошена на нив - беше зачудувачка. Во Атина, неколку пати имав чувство кое ми беше ново на мене како новинар: комплетен недостаток на интерес за она што очигледно беше шокантен материјал. Ќе седнев со некој што знае како работи владата, голем банкар, даночник, заменик Министер за финансии, поранешен пратеник. Ќе го извадев тефтерот и ќе почнев да ги запишувам приказните кои се истураа од нив. Скандал до скандал. 20 минути подоцна ќе изгубев интерес. Ги имаше едноставно премногу, можеа да наполнат библиотеки, а не па статија во списание.

Грчката држава не беше само корумпирана, туку таа и корумпираше. Кога ќе видиш како сето тоа функционира, можеш да го разбереш феноменот кој инаку нема никаква смисла: проблемот кај Грците да кажат нешто добро за некој друг. Одредени Грци се чудесни: забавни, отворени, паметни и добро друштво. Од дузина интервјуа станав, кажувајќи си во себе "Колку добри луѓе!" Тие немаат чувства еден за друг: најтешката работа да ја направиш во Грција е да натераш Грк да даде комплимент за некој што не е тука. Успехот на ниту еден не е дочекан без сомневање. Секој е сигурен дека секој лаже на даночните пријави, поткупува политичари или тој е поткупен, или лаже за вредноста на своите недвижнини. И ова тотално отсуство на доверба еден во друг, постојано само себе се зајакнува. Епидемијата на лажење, мамење и крадење, прави секој вид на граѓански живот да биде невозможен, а колапсот на граѓанскиот живот само поттикнува повеќе лажење, мамење и крадење. Заради недостатокот на доверба еден во друг, тие се потпираат на себе си и на своите семејства.

Структурата на грчката економија е колективистичка, но земјата, во својот дух е спротивноста на колектив. Нејзината вистинска структура е секој човек за себе. Во овој систем инвеститорите истурија стотици милијарди долари. А кредитниот бум само ја турна земјата преку работ, во тотален морален колапс.

ПАТОТ ДО ПРОКЛЕТСТВОТО

Не знаејќи ништо друго за манастирот Ватопиди, освен дека во перфектно корумпирано општество тој некако успеа да биде идентификуван како душата на корупцијата, отпатував на северот од Грција, во потрага по група монаси, кои најдоа нов, понапреден начин за изигрување на грчката економија. Првата фаза беше релативно лесна: авион до вториот по големина град во Грција, Солун, потоа со автомобил непотребно брзо возен по тесните патишта и преноќување со голем број бугарски туристи во изненадувачки убавиот хотел на сред никаде, наречен Eagles Palace. Таму најуслужливиот хотелски работник што некогаш сум го запознал (побарајте ја Олга) ми даде куп книги и рече колку сум бил среќен што ќе одам на такво место. Манастирот Ватопаиди, заедно со 19 други е изграден во 10-от век на Света Гора. Света Гора сега е достапна само со брод, заради што полуостровот дава чувство на остров. Таму не се дозволени жени од кој било вид, па дури и животни, освен мачки. Според официјалната историја, забраната е заради желбата на црквата да и се направи чест на Богородица. Според неофицијалната, забраната се должи на проблемот со монасите кои им се "пуштаат" на туристките. Забраната трае 1.000 години.

Ова и ги објаснува врисоците од следното утро, додека прастариот ферибот преполн со монаси и аџии го напушта пристаништето и тргнува за Света Гора. Дузина жени довикуваат со цела сила, само не е јасно дали жалат или слават што не можат да ги придружуваат своите мажи. Олга ми рече дека е прилично сигурна дека ќе треба да изодам еден дел од патот до Ватопаиди, и дека луѓето кои ги гледа дека одат за светата планина, обично со себе не носат нешто што толку потсетува на модерниот свет, како куфер со тркалца. Како резултат на ова, со себе имав само една кеса од Eagles Palace полна со резервна облека, четка за заби и лекови против несоница.

Фериботот три часа пловеше по камениот, пошумен, но инаку неплоден брег, застанувајќи по пат да остави монаси, аџии или работници во другите манастири. Глетката едноставно го одзема здивот. Тоа не е зграда, туку спектакл. Како некој да зел некој стар град од ридиштата на централна Италија и да го ставил на плажа, сред пустелија. Освен ако не знаете што да очекувате од Света гора, местото е вистински шок. Нема ништо скромно околу манастирите, сите се грандиозни, комплицирани и како да се натпреваруваат еден со друг.

Има многу места во светот каде што не е проблем ако не зборуваш грчки. Атина е едно од нив, фериботот до Света гора не е. Ме спаси едно младо момче кое зборуваше англиски, кое на прв поглед ми изгледа како и секој друг монах. Ми покажа каде треба да се симнам и се престави себе си. Се вика Цезар, од Романија е, и е син на поранешен член на контраразузнавањето од времето на Чаушеску.

Ми нацрта мапа до Ватопаиди и ми објасни дека тоа што сум бричен веднаш ќе ме издаде дека и не сум некој голем верник, ако тоа претходно не го направи мојата розова маичка.

"Но, тие се навикнати на посетители, па не би било проблем," потоа паузираше и праша "А која е твојата религија?"

"Немам," му одговорив.

"Ама веруваш во Господ?"

"Не."

Сега се замисли.

"Тогаш сум доста сигурен дека не можат да те пуштат внатре. Ама па од друга страна што може полошо да ти се случи," се насмеа Цезар.

По околу еден час, јас и мојата пластична кеса се симнавме од бродот.

Монахот кој ме пречека на портата од Ватопаиди ја загледа мојата кеса и ми даде да пополнам формулар. Еден час подоцна се сместив во мојата соба.

Монасите во Ватопаиди имаат репутација дека знаат многу повеќе за тебе, отколку што ти можеш да замислиш. За време на една вечера во Атина, сопственичката на една од најголемите грчки транспортни компании, ми објасни дека на еден лет седела до игуменот на Ватопаиди. "Беше многу чудно искуство. Не знаеше ништо за мене, но погоди се. Од мојот брак, до тоа како се чувствувам во врска со работата. Чувствував како комплетно да ме познава," објаснуваше жената.

ГРЧКА ФОРМУЛА

Во најголемиот дел од 80-те и 90-те, грчките каматни стапки беа цели 10% повисоки од германските, бидејќи Грците беа озлогласени дека е помалку веројатно да отплатат кредит. Во Грција немаше потрошувачки кредит, а Грците немаа кредитни картички. Грците обично немаа ниту хипотеки. Секако Грците сакаа од финансиските пазари да бидат третирани како комплетно функционална северно-европска држава. Кон крајот на 90-те, тие ја видоа својата шанса, се откажаа од драхмата и ги усвоија еврото. За да го направат ова, мораа да остварат неколку предуслови, да докажат дека се способни за добро европско државјанство - дека тие нема на крај да насоберат долгови кои другите европски земји присилно ќе им ги исплаќаат. Посебно важно беше да покажат буџетски дефицит под 3% од нивниот бруто домашен производ и инфлација на ниво на германската. Во 2000-та, по неверојатна серија од статистички манипулации, Грција ги оствари предусловите. За да го намали буџетскиот дефицит грчката влада извади цела серија на трошоци (пензии, одбрана) од официјалните книги. За да ја намали инфлацијата, владата ги замрзна цените на струјата, водата и слични добра, а истовремено ги намали и даноците на горивото, алкохолот и цигарите. Статистичарите на грчката влада имаа и неколку потези, како бришење на скапите домати од потрошувачкиот индекс, на денот кога беше мерена инфлацијата. "Бевме да се видиме со човекот кој ги правеше сите овие бројки. Не можевме да престанеме со смеење. Тој ни објасни како ги извадил лимоните и ставил портокали во индексот. Имаше многу масирање на индексот," раскажуваше поранешниот аналитичар од Вол Стрит, задолжен за европските економии.

Дури и на времето некои набљудувачи забележаа дека грчките бројки никогаш не се согласуваа. Поранешната функционерка на ММФ, која подоцна стана советник на премиерот Мицотакис, за на крај да стане аналитичарка во Саломон Брадерс, Миранда Ксафа, уште во 1998-ма, истакна дека грчкиот дефицит од последните 15 години, креира половина од севкупниот грчки долг. Што значи дека фондовите што грчката влада ги позајмила за финансирање на своите операции се два пати поголеми од нивниот кусок. "Во Саломон ние го викавме (првиот човек на грчката служба за статистика) Магионичар, заради неговата способност магично да направи да исчезнат инфлацијата, дефицитот и долговите."

Во 2001-ва, Грција влезе во европската монетарна унија, ја замени драхмата за евро и за својот долг доби имплицитна европска (читај германска) гаранција. Грците сега можеа да позајмуваат од долгорочните фондови, по отприлика иста каматна стапка како Германците, не 18 туку 5%. За да остане во евро зоната тие требаше, барем теоретски, да одржат дефицит под 3% од БДП-то. Во пракса се што требаше да направат е да ги средат книгите и да покажат дека одат по планираното. Тука, во 2001-ва, настапува Голдман Сакс, кој влезе во серија на очигледно легални, но и покрај тоа одвратни зделки дизајнирани да го скријат вистинското ниво на задолженост на грчката влада. За сите овие зделки Голдман Сакс - кој и даде заем на Грција од 1 милијарда долари - заработи провизија од 300 милиони долари. Машинеријата која и дозволи на Грција да позајмува и да троши по своја волја, беше идентична на машинеријата создадена да ги пере кредитите во САД, а улогата на американските инвестициски банкари во машинеријата беше иста. Инвестициските банкари исто така ги подучија грчките функционери како приходите од некои јавни сервиси (национална лотарија, патарини, аеродромски такси, па дури и европските фондови) да ги претвори во хартии од вредност. Секој иден извор на приходи што можеше да биде идентификуван, беше однапред продаден за готовина и потрошен. Како што секој, дури и со малку мозок, можеше да сфати, Грците беа во состојба да ја кријат својата вистинска финансиска ситуација се додека (a) кредиторите претпоставуваат дека секој заем за Грција е гарантиран од ЕУ (читај Германија) и (б) никој надвор од Грција не обрнуваше многу внимание на целата работа. Во Грција не ни имаше многу заинтересираност за откривање на оваа малверзација, бидејќи во основа сите беа вмешани.

Ова се промени минатиот октомври кога се смени и грчката влада. Минатата влада ја собори скандал и го прати премиерот Караманлис да се пакува, што веројатно и не е за изненадување. Она што беше изненадувачки е природата на скандалот. Кон крајот на 2008-ма, телевизиите открија дека манастирот Ватопаиди некако успеал да стане сопственик на релативно безвредно езеро и истото го заменил за далеку повредна земја во сопственост на владата. Како монасите успеале да ја спроведат оваа матна зделка остана нејасно- се претпоставуваше дека монасите им платиле мито на високи функционери. Сепак, не можеше да се најде никакво мито. Ова и не беше важно, гневот кој следеше беше погонот на грчката политика за целата следна година. Скандалот Ватопаиди е забележан во грчкото јавно мислење како ниту еден до тогаш. "Никогаш немавме видено промена во анкетите како онаа кога пукна скандалот. Без Ватопаиди, Караманлис, се уште ќе беше премиер, и се ќе си течеше како и до тогаш," ми објасни уредникот на еден од водечките грчки весници. Димитри Контоминас, милијардерот сопственик на грчката компанија за осигурување и сопственик на телевизијата која го откри скандалот, ми ја објасни целата работа подиректно: "Монасите од Ватопаиди го донесоа Папандреу на власт."

Откако новата партија (наводно социјалистичкиот Пасок) ја замени старата партија (наводно конзервативната Нова Демократија), откри многу помалку пари во владините куфери отколку што се надеваше, па реши дека нема друг избор освен да ја објави целата работа. Премиерот објави дека грчкиот буџетски дефицит е сериозно потценет - и дека ќе биде потребно доста време за да се добијат вистинските бројки. Пензиските фондови и глобалните фондови за обврзници и другите кои купуваат грчки обврзници, забележаа неколку големи американски и британски банки како растат преку ноќ, и знаејќи ја фрагилната состојба на европските банки, почнаа да паничат. Новите, повисоки каматни стапки што Грција беше присилена да ги плати, ја оставија земјата - на која и требаа големи позајмици за да може да функционира - повеќе или помалку банкротирана. Кога дојде ММФ подетално да ги прегледа грчките книги, падна и последната ронка кредибилитет што им остана на Грците. "Како е можно членка на Европската унија да вели дека има дефицит од 3% од БДП, кога реално тој е 15%. Како може да направиш такво нешто," прашува еден висок функционер на ММФ.

Дури сега глобалниот финансиски систем е загрижен од прашањето дали Грците ќе успеат да го платат својот долг. Повремено единственото прашање кое беше важно е дали Грција ќе успее да избегне враќање долг од 400 милијарди долари, по што европските банки кои ги дадоа кредитите исто така ќе пропаднат, а по нив може да следуваат и други земји кои сега флертуваат со банкротот (Шпанија и Португалија). Меѓутоа прашањето дали Грција ќе ги плати своите долгови, повеќе е прашање дали Грција ќе ја промени својата култура, а тоа ќе се случи само ако Грците сакаат да се променат. 50 пати ми кажаа дека ако има нешто за што Грците навистина се грижат, тоа е "правдата" и дека на Грците навистина им зоврива крвта од неправда. Очигледно, ова не ги разликува никако од ниту еден друг човек на планетава и го игнорира она што е интересно: што е она што за Грците е неправда? Очигледно тоа не е корупцијата во политичкиот систем. Очигледно тоа не е лажењето на даноци, или земање мито за време на нивната служба за државата. Не, она што им пречи е кога некоја надворешна страна - некој очигледно различен од нив, со мотиви надвор од тесните и лесни за разбирање лични интереси - доаѓа и ја искористува корупцијата на нивниот систем. Тука доаѓаат монасите.

Меѓу првите потези на новиот Министер за финансии беше поднесувањето тужба против манастирот Ватопаиди, во која се бараше враќање на владиниот имот и оштета. Меѓу првите акти на новиот Парламент беше отворање на втора истрага за аферата со Ватопаиди, која конечно требаше да открие како монасите дошле до зделката. Еден од јавните функционери кои беше наведен - му беше одземен пасошот и остана на слобода само затоа што плати кауција од 400.000 евра - е помошникот на поранешниот премиер, Јанис Ангелу, кој е обвинет за помагање на монасите.

МОНАШКИ РАБОТИ

Отецот Арсениос личи како да е во доцните 50-ти - ама кој да знае бидејќи заради брадите сите изгледаат 20 години постари. Тој е најславен што еден монах може да биде, секој во Атина знае кој е тој. Г-дин Инсајдер, беспрекорен број два, главниот финансиски директор и мозокот на целата операција. "Ако го стават Арсениос главен за недвижниот имот на владата, земјава ќе биде како Дубаи, пред кризата," ми објасни еден познат грчки агент за недвижнини.

Му кажав кој сум и што правам - како и тоа дека ги минав изминатите неколку дена интервјуирајќи политички ликови во Атина. Се насмеа, искрено, задоволен е што дојдов. "Сите политичари порано доаѓаа тука, но заради скандалот сега не доаѓаат. Се плашат да не ги видат со нас," ми раскажува Отецот.

Ме испрати до трпезаријата и ме седна на нешто што наликува на маса на честа за аџии, која е веднаш до масата со највисоките монаси. На чело на таа маса е отецот Ефрем, а веднаш до него отецот Арсение.

Најголем дел од она што монасите го јадат, тие самите го растат недалеку од трпезаријата. Сребрените чинии содржат свеж, несечен кромид, боранија, краставици, домати и цвекло. Во другата чинија е лебот што го печат самите монаси, направен од нивното жито. А за десерт некаква течна портокалова шербетеста супстанца и темно саќе со мед, тазе извадено од сандакот со пчели. И отприлика тоа е се. Ако ова беше ресторан во Беркли луѓето ќе се фалеа насекаде и ќе ја величеа својата самодоволност заради тоа што јадат локално одгледувани производи. Тука, едноставно е само храна. Монасите јадат како манекенки пред фото сесија. Четири дена неделно по два пати на ден и три дена неделно по еднаш, вкупно 11 оброци и сите повеќе или помалку слични на овој. Ова го покренува очигледното прашање: Зошто некои од нив се дебели? Најголемиот дел од нив - речиси 100 од 110 колку што сега живеат таму - одговараат со начинот на исхраната. Тие се и повеќе од тенки, тие се тесни. Но неколкумина, вклучувајќи ги и двајцата шефови, имаат одредена пополнетост, која не може да се објасни со 11-те оброци кромид и краставици, без разлика колку мед изеле.

По вечерата монасите се враќаат во црквата, каде ќе продолжат со пеењето, прекрстувањето и чатењето темјан до еден часот наутро. Арсениос ме фати под рака и ме однесе на прошетка. Ги минуваме византиските капели, се качуваме по византиските скали, додека да стигнеме пред вратата на долгата византиска сала, тазе префарбана но инаку стара. Ова е неговата канцеларија. На бирото има два компјутера, позади е сосема нов факс / принтер, а тука е и мобилниот и кутиче со Витамин Ц. Ѕидовите и подот светат како нови. Шкафовите се преполни со редови и редови папки. Единствената работа која не е дел од бизнис канцеларија во 2010-та е осамената икона на неговата маса. Ако се исклучи тоа, и ја земеш оваа канцеларија и ја ставиш до онаа на грчкиот Министер за финансии и прашаш која ја користи монах, оваа нема да биде таа.

"Денес има поголем духовна жед," ми одговори кога го прашав зошто неговиот манастир привлече толку важни луѓе од политиката и бизнисот. "Пред 20 или 30 години ги учеа дека науката ќе ги реши сите проблеми. Има толку материјални работи и тие не пружаат задоволство. Луѓето се уморија од материјалните задоволства. Од материјалните работи. И тие сфаќаат дека не можат навистина да најдат успех во овие работи." И тука прекина, го крена телефонот и нарача пијалаци и десерт. Неколку моменти подоцна пристигнува сребрениот послужавник, со благи печива и нешто што наликува на ликер од мента.

Со ова започна 3-часовната средба. Јас ќе прашав едноставно прашање - Зошто некој би станал монах? Како се снаоѓате без жени? Како луѓето кои минуваат по 10 часа во црква, наоѓаат време да создадат империја од недвижнини? Од каде му е ликерот - и тој ќе ми одговореше со 20-минутни говори, во кои, некаде, требаше да има едноставни одговори. (На пример: верувам дека има многу други поубави работи од секс.) Додека ги раскажуваше приказните тој мавташе наоколу и се смееше, ако отец Арсениос чувствуваше вина за нешто, тогаш тој имаше редок талент за да го сокрие тоа. Како и голем број други кои биле на Ватопаиди, претпоставувам, по тоа и јас не бев перфектно сигурен по што бев тргнат. Сакав да видам дали местото е маска за комерцијална империја (не, не е) и дали монасите не се искрени (тешко). Но исто така се чудев, како една група чудни момци, кои избегале од материјалниот свет имаат таков осет како да се снајдат во него?

По два часа собрав смелост да го прашам. На мое изненадување тој ме сфати сериозно. Ми покажа кон еден знак обесен на еден од шкафовите, и ми го преведе од грчки: ПАМЕТНИОТ ЧОВЕК ПРИФАЌА. ИДИОТОТ ИНСИСТИРА.

Го добил, како што вели, при една од неговите посети на Министерството за Туризам. "Ова е тајната на успехот, каде било во светот, не само во манастирот," ми објасни, пред да продолжи да ми го објаснува, речиси збор по збор, првото правило на импровизираната комедија, или на секој друг успешен заеднички потфат. Земи се што се фрла по тебе, и почни да градиш со тоа. "Да...и" наместо "Не... ама." "Идиотот е ограничен од својата гордост. Секогаш мора да биде по негово. Ова исто важи и за лице кое лаже или погрешно ги прави работите, тој секогаш се обидува да се оправда себе си. Лице кое е свесно за својот духовен живот, е скромно. Тој прифаќа што другите му велат - критики, идеи - и работи со нив," продолжи отецот.

Сега забележав дека неговите прозорци се отвораат кон балкон кој гледа кон Егејското море. На монасите не им е дозволено да пливаат. Никогаш не прашав, зошто. Ова и личи на нив, да изградат куќа на плажа и потоа да ја забранат плажата. Забележав, исто така, дека само јас го изедов благото и се напив од ликерот. Ми текна дека веројатно само што паднав на некој тест за мојата способност да им одолеам на искушенијата.

"Целата влада вели дека е гневна на нас, ама ние ништо немаме. Ние работиме за другите. Грчките весници не нарекуваат корпорација. Меѓутоа, те прашувам Мајкл, која корпорација траела 1.000 години?" ми вели отецот.

Во тој момент, од никаде влегува отецот Ефрем. Заоблен, со зацрвенети образи и бела брада, скоро чиста копија на Дедо Мраз. Дури има и сјај во очите. Неколку месеци претходно, тој беше повикан пред грчкиот парламент да сведочи. Еден од неговите испитувачи изјави дека грчката влада делувала со неверојатна ефикасност кога го заменила езерото на Ватопаиди, за имотот на Министерството за земјоделие. Тој го праша Ефрем, како го направиле тоа?

"Дали веруваш во чуда?" прашал Ефрем.

"Па почнувам," одговорил грчкиот пратеник.

Кога се запознавме, Ефрем ми ја поклопи раката и ја задржа подолго време. Си помислив дека ќе ме праша што сакам за Божиќ. Наместо тоа рече, "Од која вера си?" " Епископална," некако одговорив. Климна со главата, можеше да биде и полошо, веројатно и е полошо. "Дали си оженет," ме праша. "Да." "Дали имаш деца?" Потврдив. Ме измери, си помисли "можам да работам со ова." Ме праша како се викаат...

БЕЛЕШКИ ЗА СКАНДАЛОТ

Втората парламентарна истрага за аферата Ватопаиди само што започна и не можеш да знаеш што може да открие. Но главните факти во случајот, во основа никој не ги оспорува. Главното прашање што остана да биде одговорено се мотивите на монасите и јавните службеници кои им помогнале. Кон крајот на 80-те, Ватопаиди беше комплетна рушевина - камени руини преплавени со стаорци. Фреските беа црни. За иконите никој не се грижеше. Местото имаше дузина монаси кои талкаа меѓу старите камења, но тие беа автономни и неорганизирани. Во црковен жаргон, тие функционираа идиорхиматски - што е уште еден начин да каже дека во нивната потрага по духовно задоволство секој човек е оставен сам на себе. Никој не беше главен, немаа заедничка цел. Нивната врска со нивниот манастир, со други зборови, беше многу налик на врската меѓу Грците и нивната држава.

Ова се промени на почетокот од 90-те, кога група енергични монаси од Кипар, од другите делови на Света Гора, под водство на отец Ефрем, видоа шанса за обновување. Фантастичен имот кој беше ужасно управуван. Ефрем започна со собирање пари за реставрирање на старата слава на Ватопаиди. Извади пари од фондовите за култура на ЕУ. Се мешаше со богати грчки бизнисмени на кои им требаше прошка. Создаде пријателства со важни грчки политичари. Се на се покажа неверојатен осет. На пример, откако еден познат шпански пејач ја посети Грција и се заинтересира за Ватопаиди, тој ја претвори својата заинтересираност во прием кај шпанските функционери. Ним им беше објаснето дека е направена неверојатна неправда, дека во 14-от век група на каталонски платеници, гневни на византискиот император, го опљачкале манастирот Ватопаиди и предизвикале голема штета. Манастирот доби 240.000 долари од шпанската влада.

Очигледно, дел од стратегијата на Ефрем беше да му го врати на Ватопаиди статусот што го имал во Византиската империја - манастир со глобално влијание. Ова, исто така, го разликуваше од земјата во која случајно се наоѓа. И покрај влезот во ЕУ, Грција остана затворена економија. Иако не е можно да се стави прст на еден од проблемите на земјата, но ако ставиш рака на сите нив, еден од нив ќе ја допре изолираноста. Најразлични работи кои можат поефикасно да бидат завршени од други луѓе, тие сами ги прават, сите видови на интеракции со други земји, во кои може корисно да се вовлечат, едноставно се игнорирани. Во ваквата генерална слика Ватопаиди беше неверојатен исклучок, тој одржуваше врски со остатокот од светот. Па дури, пред скандалот, три лета по ред Принцот Чарлс го посетуваше манастирот и секој пат остануваше по една недела.

Врските со богатите и славните беа клучни за походот на Ватопаиди кон владините грантови и надоместоците за грабежите на манастирот, но и за третиот столб на нивната стратегија - недвижнините. Една од најпаметните работи што ги направи отец Ефрем беше средувањето на византиските документи кои со децении остана недопрени во старите кули на манастирот. Низ вековите византиските императори и владетели му доделуваа на Ватопаиди најразлични парцели земјиште, главно во денешна Грција и Турција. Во годините пред владеењето на Ефрем, грчката влада го присвои најголемиот дел од овој имот, но сепак остана тапија, од 14-от век од императорот Јован 5-ти Палаиологос, за езеро во Северна Грција.

Во времето кога Ефрем ја најде тапијата за езерото, грчката влада веќе го имаше прогласено за национален парк. Потоа, во 1998-ма, одеднаш, тоа повеќе не беше заштитено, некој дозволи одлуката за заштита на езерото да застари. Кратко по ова, на монасите им беше дадена комплетната сопственост на езерото.

Назад во Атина, го најдов Питер Дукас, функционерот во Министерството за финансии на кого прв му пријдоа монасите од Ватопаиди. Дукас сега е во центарот на две парламентарни истраги, но за чудо, стана единственото лице во владата кое е подготвено да зборува за она што се случи. (Тој по раѓање не беше Атињанин, туку Спартанец - меѓутоа, тоа е веројатно друга приказна.) За разлика од најголемиот дел од луѓето во грчката влада, Дукас не беше пијавица, туку човек кој го направил своето богатство во приватниот сектор во и надвор од Грција, и тогаш, во 2004-та по барање на премиерот, тој зазема позиција во Министерството за Финансии. Тогаш имаше речиси 52 години и најголемиот дел од својата дотогашна кариера ја мина како банкар во Ситигруп во Њујорк. Беше висок и со руса коса и гласен и смешен и отворен. Токму Дукас беше одговорниот за постоењето на долгорочниот долг на грчката влада. На времето кога каматите беа ниски и никој не гледаше ризик во позајмување пари на грчката влада, тој ги наговори своите претпоставени да издадат обврзници на 40 и 50 години. Потоа грчките весници излегоа со наслови во кои го напаѓаа (ДУКАС ЈА СТАВИ ПОД ХИПОТЕКА ИДНИНАТА НА НАШИТЕ ДЕЦА), но тоа беше доста паметна работа што тој ја направи. 18 милијарди долари вредните обврзници, сега се продаваат по 50 центи за секој долар - што би значело дека грчката влада сега може да ги купи на отворениот пазар. "Им направив 9 милијарди долари профит, би требало да ми дадат бонус," се смее Дукас.

Кратко време откако Дукас почна на своето ново работно место, во неговата канцеларија во Министерството за финансии, ненајавени се појавија двајца монаси. Едниот беше отец Ефрем, за кој Дукас имаше чуено, а другиот беше некој што Дукас не го знаеше, меѓутоа очигледно беше паметот на целата операција, човек по име Отец Арсениос. Тие поседуваа едно езеро, како што објаснија, и сакаа Министерството за финансии да им го откупи во готово. "Некој им ја дал комплетната сопственост над езерото, и она што сега го сакаа е да го наплатат истото. Дојдоа кај мене и ме прашаа 'Дали можеш да го откупиш?'" објаснува Дукас. Пред состанокот двајцата очигледно одлично си ја завршиле домашната задача "Пред да дојдат кај тебе, тие знаат многу за тебе - твојата жена, родителите, колкав верник си. Прво нешто што ме прашаа е дали сакам да им се исповедам." Дукас решил дека не е паметно да им ги каже на монасите своите тајни. Наместо тоа тој им рекол дека нема да им ги даде парите за нивното езеро - кое се уште не му е јасно како го добиле. "Тие некако имаа мислење дека јас имам пари за трошење. Им реков "слушај, наспроти она што сите мислат, во Министерството за финансии нема пари." И тие потоа рекоа 'Ок, ако не можеш да го откупиш, зошто тогаш не ни дадеш некое од вашите парчиња земја?'"

Ова излезе дека е добитничка стратегија: да се замени езерото, од кое не вадеа никаква наемнина, за државно земјиште кое можеа да го изнајмуваат. Монасите некако успеаја да ги убедат владините функционери дека земјата околу езерото вреди многу повеќе од 55-те милиони евра, колку што подоцна ја оцени независниот проценител, и ја искористија повисоката цена за да побараат државно земјиште во износ од 1 милијарда евра. Дукас одби да им даде било што од 250-милијарди вредниот имот управуван од Министерството за Финансии. По ова монасите заминаа кај изворот на второто по вредност земјиште во Грција - шумите и обработливото земјиште во сопственост на Министерството за Земјоделство. Дукас се сеќава, "Добив повик од Министерот за земјоделство, кој ми рече 'им го даваме сето ова земјиште, ама тоа не е доволно. Зошто не дадете и вие нешто малку од вашето земјиште?'" Откако ова го одбил, Дукас добил уште еден повик - овој пат од кабинетот на премиерот. Тој повторно рекол не. Потоа добил едно парче хартија, на кое пишува дека им го дава на монасите владиното земјиште, и дека само треба да потпише. "Реков 'Ебете се, не го потпишувам.'"

И не го потпиша - барем не во оригиналната форма. Но од кабинетот на премиерот продолжиле притисоците. Според Дукас, монасите имале некакво влијание над шефот на кабинетот. Токму тој дечко, Јанис Ангелу, ги запозна монасите неколку години претходно, откако беше дијагностициран со терминална болест. Монасите се молеа за него, тој не умре, туку имаше чудесно закрепнување.

Дукас веќе сметаше дека монасите се многу помалку едноставни луѓе, туку многу повеќе дека се едни од најумешните бизнисмени кои некогаш ги запознал. "Им реков дека тие треба да го водат Министерството за финансии. Тие не противречеа," се сеќава Дукас. На крајот, под притисок од неговиот шеф, Дукас потпиша две парчиња хартија. Во првото се сложи да не ја оспорува сопственоста на монасите над езерото, а на вториот ја дозволи размената на земјиштето. Иако договорот не им даде право на монасите на кој било дел од земјиштето на Министерството за финансии, сепак со тоа што се согласи да го прифати езерото како дел од портфолиото на недвижнини на Министерството за финансии, Дукас ја овозможи нивната зделка со Министерството за земјоделство. Во замена за езерото, монасите добија 73 различни имоти кои го вклучуваа и гимнастичкиот центар од Олимпијадата во 2004-та - кој како и голем број од објектите што владата ги изгради за Олимпијадата, сега беше празно и напуштено место. И тогаш Дукас претпостави дека тоа е тоа. "Си викаш дека се свети луѓе, па може сакаат да создадат дом за деца," објаснува Дукас.

Она што тие сакаа да направат е империја од недвижности. Почнаа да ја убедуваат грчката влада да направи нешто што многу ретко правеше - да пренамени парцела од некомерцијална дејност во комерцијална. Освен земјиштата кои ги добија во размената - кои подоцна парламентот ги процени дека вредат милијарда евра - монасите, се сами, добиваа 100% финансирање да купуваат згради во Атина и да ги развиваат земјиштата кои ги добија. Поранешниот гимнастички центар стана луксузна приватна болница. Потоа со помош на грчки банкар, монасите развија нешто што го нарекоа Ватопаиди фонд за недвижности. Инвеститорите во фондот, всушност, ги откупуваа од монасите имотите што овие ги добија од владата, а монасите ги користеа парите за обновување на манастирот и враќање на неговата некогашна слава.

Од античка тапија за безвредно езеро, двајцата монаси свртеа она што грчките весници тврдат дека е богатство од десет до многу милијарди долари (во зависност од весникот). Но вистината беше дека никој не го знаеше вистинскиот опсег на богатството на монасите, всушност и најголемата критика на првата парламентарна истрага беше дека не успеала да го пронајде целиот имот на монасите. Одејќи по теоријата дека ако сакаш да знаеш колку навистина вредат богатите, многу ти е подобро да ги прашаш другите богати - наспроти да речеме новинарите - разговарав со неколку богати Грци кои своето богатство го направиле во бизнисот со недвижнини или финансии. Според нив финансиската вредност на монасите е помала од 2 милијарди долари а поголема од една милијарда. А целиот бизнис им започна без ништо друго за продажба, освен прошка.

Монасите не завршија со црковните должности до еден наутро. Обично, како што отец Арсениос објаснуваше, тие се будат и продолжуваат со истото околу четири часот. Во недела си даваат малку одмор и стануваат во 6. Додај тука уште 8 часа работење во бавчата, или миење садови, или произведување ликер од нане, и ќе видиш како она што за еден човек е рај, за друг може да биде пекол. Шефовите на целата операција отците Ефрем и Арсениос, го избегнуваат овој режим отприлика 5 дена месечно, инаку и за нив тоа е начинот на живот. "Најголем дел од Грците имаат претстава дека игуменот е некаков измамник," ми го кажува ова еден друг монах, Отец Метју од Висконсин, во според мене еден непристрасен момент. "Сите во Грција се уверени дека игуменот и отец Арсениос имаат свои тајни банкарски сметки. Тоа е комплетно лудо така да размислуваш. Што ќе прават тие со нив? Тие не земаат една недела одмор за да одат на Карибите. Игуменот живее во ќелија. Тоа е убава ќелија. Ама тој е сепак монах. И тој мрази да го напушта манастирот."

Идејата дека треба да бидам назад во црквата во шест наутро го прави спиењето потешко, а не полесно, заради што и станав од кревет во пет. Перфектна тишина, толку ретко се случува ништо да не слушаш, што ти треба момент да ја идентификуваш тишината. Куполи, оџаци, згради и грчки крстови го пробиваат сивото небо. Тука е и пар неподвижни кранови - замрзнувањето на имотите на монасите, ја прекина и реставрацијата на манастирот. Во 5 и 15 се слуша првата врева од внатрешноста на црквата, звучи како некој да се движи околу иконите, како подготовка во бекстејџ пред шоу. Во 5 и 30 еден монах го фати јажето и удри по камбаната. Повторно тишина и тогаш, неколку моменти подоцна, од долгата заедничка спална на монасите почна да се слуша бип, бип, бип од електронските аларми. 20 минути подоцна монасите, сами или во пар, излегуваат од нивните соби и стигаат до нивната црква. Ова е како да гледаш како фабрика почнува со работа, во град со една индустрија. Единствената работа која недостасува се кутиите за ручек.

Три часа подоцна, во автомобилот на патот назад за Атина, ми ѕвони мобилниот. На телефон е Отец Метју. Сака да ме замоли за услуга. "Уф," си помислив "сфатиле што сакам да направам и ми се јави за да ми забрани објавување на најразлични делови од она што го напишав." На некој начин така беше, ама тој не постапи така. Министерот инсистираше да ги провери цитатите, меѓутоа монасите ме оставија да напишам што и да имам, што до некаде е зачудувачки, ако се има во предвид големината на тужбата со која се соочуваа. "Имаме еден консултант на американската берза," почна отец Метју, "се вика Роберт Чепман (никогаш немав чуено за него, излезе дека тој пишува за глобалните финансии.) и отец Арсениос се интересира што мислиш ти за него. Дали тој вреди да се слуша..."

КЛАДАТА НА ЦИВИЛИЗАЦИЈАТА

Дента пред да ја напуштам Грција, грчкиот парламент дебатираше и го изгласа законот за зголемување на границата за пензионирање, намалување на владините пензии и во основа ограничување на пленот од животот во администрацијата. ("Јас сум за намалување на бројот на вработени во администрацијата," ми рече еден од луѓето во ММФ. "Ама како да го направиш тоа кога не знаеш со колку луѓе почнуваш?") Премиерот Папандреу го престави законот, како и се друго од откривањето на скандалите, не како негова идеја, туку како барање на ММФ. Тука, идејата е дека иако Грците никогаш нема да послушаат каков било повик од внатре, за некакво жртвување, тие можеби би ги послушале повиците од надвор. Тие повеќе не сакаа ни самите да владеат со себе.

Илјадници и илјадници владини работници излегоа на улиците да демонстрираат против законот. Ете ја грчката верзија на Tea Party: даночници кои примаат мито, учители во јавни училишта кои всушност и ништо не подучуваат, добро платени вработени на банкротирана државна железница која никогаш не е на време, вработени во државни болници поткупени да купат прескапи материјали. Вработените во грчкиот јавен сектор се поделија себе си во единици кои наликуваа на армиски водови. Во средината на секоја единица имаше двајца тројца млади кои вееја палици маскирани како бајрак. На нивните појаси висеа маски за скијање и гас маски за да можат и понатаму да се борат по неизбежниот солзавец. "Заменикот премиер ни рече дека очекуваат да има најмалку еден мртов," ми кажа еден познат поранешен грчки министер. "Тие сакаат крв." Два месеца претходно, на 5-ти мај, за време на првиот од овие протести, толпата на кратко покажа на што е подготвена. Гледајќи како луѓето работат во филијала на Марфин банката, еден дечко фрли молотови коктели во банката и потоа дотури бензин на огнот за да ги спречи вработените да излезат. Најголем дел од вработените во банката избегаа преку кровот, но огнот уби тројца вработени, вклучувајќи и една млада девојка која беше 4-ти месец трудна. Додека умираа, Грците на улиците им се ситеа дека тоа им било затоа што имале дрскост да работат. Ова се случи пред самата грчка полиција, и пак полицијата не уапси никого.

Како и во другите денови, демонстрантите комплетно ја затворија земјата. Контролорите на авионскиот сообраќај исто така беа на штрајк и го затворија аеродромот. На пристаништето во Пиреја, толпата ги спречи патниците од луксузните прекуокеански бродови да излезат на копно и да одат да на шопинг. На врвот на туристичката сезона, туристичките долари кои на ова место очајно му требаа, беа блокирани од влегување во земјата. Секој вработен од приватниот сектор кој не излезе од работа во знак на поддршка, беше во опасност. Низ цела Атина беа затворени продавниците и рестораните, па дури и Акропол го затворија.

Водечката група се собра на сред широкиот булевар на неколку метри од запалената филијала на банката. Тоа што ја запалија банката, под овие услови е неверојатно. Ако имаше некаква правда на светот, грчките банкари ќе маршираа на улиците против моралот на просечниот грчки граѓанин. Мермерните скалила на Марфин банката беа претворени во тажен храм, куп плишани животни за нероденото дете, неколку слики од монаси, и знак со цитат од античкиот говорник Исократ: "Демократијата се уништува себе си бидејќи го злоупотребува сопственото право на слобода и еднаквост. Бидејќи ги учи своите граѓани да ја сметаат дрскоста како право, беззаконието како слобода, говорот на омраза како еднаквост а анархијата како прогрес." На другата страна на улицата фаланга од полиција, стојат со штитовите еден до друг, како Спартанци. Зад нив Парламентот, внатре, очекувано дебатата се разгорува, меѓутоа што е кажано останува мистерија бидејќи и грчките новинари не работат. Толпата почнува со извикување пароли и да се упатува кон далеку помалку бројната полиција, полицијата се здрвува. Ова е еден од оние моменти во кои чувствуваш дека се може да се случи. Навистина, само е прашање во кој правец ќе тргнат луѓето.

Такво е чувството и на финансиските пазари. Прашањето на кое сите чекаат одговор е: Дали Грција ќе ги плати долговите? Според едно учење, тие немаат друг избор: мерките кои владата ги наметнува за намалување на трошоците и зголемување на приходите ќе предизвикаат и она малку што остана од продуктивната економија да избега од земјата. Даноците се пониски во Бугарија, работниците се поеластични во Романија. Но има и второ, поинтересно прашање: Дури и да е технички можно овие луѓе да ги исплатат своите долгови, да живеат во согласност со своите можности, и да ги го повратат својот статус во ЕУ, дали тие имаат доволно внатрешни ресурси да го сторат тоа? Или го изгубиле секое чувство за поврзување со надворешноста од нивните мали светови, заради што попрво би се исклучиле себе си од овие обврски? На прв поглед, бегањето од плаќањето на долговите, би изгледало како луд потег: сите грчки банки веднаш ќе банкротираат, земјата нема да има можност да плаќа за најосновните суровини што ги увезува (нафта, на пример) и земјата долгорочно ќе биде казнета во форма на далеку повисоки даночни стапки, ако и кога ќе и биде дозволено повторно да позајмува пари. Меѓутоа местото не се однесува како колектив, му недостасува монашкиот инстинкт. Се однесува како збир на атоми, од кои секој се навикнал на бркање на своите интереси на сметка на општото добро. Не е спорно дека владата е решена барем да се обиде повторно да го изгради грчкиот граѓански живот. Единственото прашање е: дали може таква работа, кога еднаш е изгубена, повторно да биде изградена?

-------

извор: Vanity Fair
автор: Мајкл Луис

10 јули 2015 - 14:17