Хаштаговите #narcos и #narcostyle на Инстаграм се преполни со слики од егзотични животни, селфија пред купишта пари, брда кокаин, оружје - претежно позлатено, и убави жени.
Артуро, инженер од Синалоа (и фан на Синалоа картелот), со целата своја мудрост на 25-годишник, објаснува: "За мене се' започна затоа што сакам оружје, сакам да пијам... со други зборови сакам убав живот."
Неговиот Инстаграм @Arturo5_7 по сите стандарди е разгледница за (убавиот дел од) животот на наркокартелите, и романтизирање на животот на наркокартелите и неговите членови. Тој ги почитува картелите, затоа што според него, тие имаат направено многу повеќе добро отколку владата.
Според професорот на Фордхам Универзитетот и автор на "Drugs, Thugs, and Divas: Telenovelas and Narco-Dramas in Latin America" многу е поверојатно вакви содржини да објавува некој што не е толку вклучен во работата на наркокартелите.
Од друга страна, во изминативе години на Твитер беа идентификувани синовите на Ел Чапо. Едниот, Хесус Алфредо Гузман има 156.000 следбеници на Твитер, а другиот, Хозе Родриго, има 91.500. Изминатава недела Хесус веројатно го откри скривалиштето на избеганиот бос откако заборави да ја исклучи локацијата на еден свој твит, по што Ел Чапо мораше да се сели.
Еден од главните босови на Синалоа картелот, Хозе Родриго Аречига Гамбоа, беше прилично активен на Твитер се до неговото апсење во 2013-та. Тој наводно бил идентификуван од полицијата благодарејќи на сликите што ги објавувал на Твитер.
Меѓу објаснувањето за ваквото однесување и расфрлање по Инстаграм, е што во Мексико (ако не си син на Ел Чапо или приближно непријатен човек) не можеш да излезеш во град со златен часовник, ланец, автомобил или слични додатоци кои одговараат на овој животен стил, па социјалните медиуми им вршат работа како виртуелен излог.
"Очигледно членовите на картелите не придонесуваат за доброто на државата. Најголемиот дел од нив живееле во сиромаштија и го избрале побрзиот пат. Тие избираат лесни пари. Тоа е опасен свет, ама ним не им е гајле," објаснил Артуро.