Откако го презеде Твитер, Илон Макс вети дека ќе даде втора шанса на суспендираните. Минатата недела објави анкета каде што уште еднаш ги праша корисниците: дали сте сигурни? Секако, општата амнестијата доаѓа предвид само за оние кои не го прекршиле законот и не се тешки спамери. Со 72% наспроти 28%, мнозинството ја поддржа ваквата иницијатива за дигитална прочка, а Маск се одјави со зборовите „Vox Populi, Vox Dei“ („Гласот на народот, глас Божји“)
Откако Маск зема да ја „ослободува птицата“, многумина се најдоа засегнати. Тој прво најави масовни отпуштања а потоа и сподели оценка според која корисниците би требало да си плаќаат за статусот на официјални профили. Реши да го одблокира Доналд Трамп, откако и за тоа спроведе анкета, во која таквата негова идеја доби поддршка од 51% „за“ наспроти 49% гласа „против“.
Негодувањата околу неколкуте вакви потези во низа се вртеа околу теории на заговор, обвинувања за расизам и вознемирување. Некои го обвинија новиот газда дека ги окрвавил рацете, други дека ги отворил вратите на пеколот а трети сега ги охрабруваат брендовите да ги повлечат рекламите од Твитер.
Покрај славните личност за кои сите разбравме, голем број луѓе се исклучени само заради несовршеноста на автоматизираниот контролен систем на содржини. Тој не е во можност да препознае иронија, сатира или хипербола, и оттаму „кодоши“ профили кои не би требало да бидат суспендирани, по ниту еден основ.
„Имам и лично искуство со ова. Мојот стар профил е баниран затоа што му пишав 'ќе те убијам' на еден пријател, кој имаше споделено нешто со кое јас не се согласувам. Испадна дека сум ги прекршила правилата кои забрануваат 'закани со насилство'.
Истовремено, недолични видеа од деца им пројдоа незабележани“, пишува за Спајкд, Лорен Смит
Авторката истакна и дека паниката што ја предизвика Маск е многу индикативна, дека елитите всушност се плашат од слободата на говор, дека обичните луѓе ги сметаат за неподобни критички да го сварат она што го среќаваат онлајн и дека широката јавност, а не Илон Макс, е она од што тие се навистина исплашени.
„Целата драма е ирелевантна за некој што не е корисник на Твитер, но реакцијата на 'будните' не е за потценување. Тоа што се згрозени од фактот дека тој повторно им даде простор на луѓето кои изрекле навреди, но останале во рамки на законски дозволеното, го илустрира нивниот презир кон слободата на говор и пошироката јавност“, поентира Смит.