На повеќе од 140 модератори на содржини на Фејсбук им е дијагностицирано тешко посттрауматско стресно нарушување предизвикано од изложеност на брутални содржини на социјалните мрежи, вклучувајќи убиства, самоубиства, сексуална злоупотреба на деца и тероризам.
Модераторите работеле од осум до 10 часа дена во објект во Кенија за компанија најмена од Мета и било установено дека страдаат од пострауматско стрес пореметување, генерализирано анксиозно пореметување и големо депресивно растројство.
Масовните дијагнози се направени како дел од тужбата против матичната компанија на Фејсбук, Мета, и Самасорс Кенија, аутсорсинг компанијата задолжена за модерирање содржини која користи работници од цела Африка.
Од сликите и видеата кои морале да ги гледаат (вклучувајќи некрофилија, бестијалности, самоповредување, злоставување деца...), некои модератори се онесвестувале, повраќале и бегале од своето место.
За да се справат со стресот, најмалку 40 од модераторите прибегнале кон алкохол, канабис, кокаин и амфетамини, како и апчиња за спиење. Некои пријавиле распаѓање на нивните бракови и губење на желбата за сексуална интимност.
Оние што биле на задача да отстрануваат видеа поставени од терористички и бунтовнички групи, живееле во постојан страв дека можеби се набљудувани и дека можат да бидат убиени.
„Во Кенија, оваа работа трауматизираше 100% од стотици поранешни модератори тестирани за ПТСС... Во која било друга индустрија, ако откриеме дека на 100% од работниците им е дијагностицирана болест предизвикана од нивната работа, одговорните луѓе ќе бидат принудени да дадат оставка и да се соочат со правни последици“, вели Марта Дарк, основач на една непрофитна организација која го поддржа судскиот случај.
Патем, модераторите од Кенија биле платени осум пати помалку од нивните колеги во САД.