Првичната сума што Амазон требаше да ја добие од субвенции и бенефиции од двете сојузни држави, за тоа што таму го отвора своето седиште, изнесуваше 2,1 милијарда долари. Меѓутоа оваа сума не ги опфаќа парите што ќе и следуваат на компанијата од уште неколку програми и олеснувања за инвеститори, со кои вредноста на даночни спонзорства за Амазон ќе достигне 4,6 милијарди долари.
Со ваква математика, секое вработување во Амазон во Њујорк и Вирџинија ќе ги чини тамошните власти по 112.000 долари. Амазон првично најавуваше дека тоа ќе изнесува 48.000 долари.
Згора на ова се парите што им следуваат од субвенции од државниот буџет на САД. Така, локацијата што Амазон ја бира во Њујорк се наоѓа во Квинс, во „федерална зона на можности“ дел од шемата за даночно олеснување чија цел е да донесе нови бизниси во осиромашените делови од САД. Локацијата во Вирџинија, во Арлингтон, не е директно во ваква зона, но е опколена од такви. Според даночните олеснувања кои лани беа воведени од Трамп, инвеститорите во зоните за можности, можат да го одложат плаќањето данок на капитална добивка до 2026, а ако 7 години се задржат во зоната, може 15% од добивката да ја исклучат од оданочување. Ако издржат 10 години, добиваат дополнителни олеснувања.
Поддршката за ова гласи дека зоните поттикнуваат обновување и ревитализација на осиромашените области. Студиите на темата покажуваат дека овие даночни шеми ретко кога му помогнале на некој град, туку најчесто се финансиски штетни.
„Во најдобар случај тие пренасочуваат инвестиции од еден дел на градот во друг, и тоа не резултира во никаква нето придобивка за градот како целина.
Во најлош случај, тоа резултира со раздавање даночни олеснувања за компании кои секако би работеле, и со тоа се генерираат нето загуби во приходите на градот,“ објаснува професорот по урбана политика на Универзитетот во Албени, Тимоти Вивер.
Она што е дополнителен проблем со изборот на Лонг ајленд сити (не Лонг ајленд) во Квинс, е што областа и онака нема проблем да привлекува инвестиции, има стапка на сиромаштија од 10% што е половина просекот во Њујорк, и медијан приход од 130.000 долари годишно.