Пополнувањето на енергетскиот дефицит на ЕУ требаше да се случи со помош на производители како Азербејџан и Катар, или САД кои со години со бродови носат течен гас во Унијата. Овие извори за сега гранично успеваат да ја олеснат кризата главно благодарејќи на благата зима, која е потопло од вообичаениот просек.
Тоа што Европа и до сега го знаеше, а периодов и се потврди, е дека Русија и покрива една третина од потрошувачката на природен гас, и во случај на криза ЕУ ем нема да може да најде замена за руската линија, ем ако ги оптовари азиските добавувачи, тоа ќе предизвика криза на азискиот пазар.
„Европа нема алтернатива на рускиот гас. Би требало да пренасочите половина од течниот гас што го троши Азија за да го замените Газпром. И што ќе значи тоа? Тоа ќе значи недостаток на енергија во Азија, само ќе направите извоз на европската енергетска криза во Азија,“ објаснува високиот аналитичар за глобални пазари на БЦС, Рон Смит.
На сличен став е катарскиот министер за енергетика, Саад ал-Каби, според кој количеството природен гас што и е потребен на ЕУ не може да биде надополнето кој било друг снабдувач без тоа да предизвика нарушување на испораката во друг регион. Според него гарантирањето на европската енергетска стабилност „ќе бара колективен напор од повеќе различни снабдувачи“.
Бриселскиот тинк-тенк Бругел пресметал дека ако проблемите со снабдувањето продолжат во следните две зими, тогаш Европа едноставно ќе треба да ја намали побарувачка, при што цените на гасот најверојатно ќе останат високи.
САД минатиот месец беа најголемите снабдувачи со течен природен гас (ЛНГ) на Европа, и заедно со другите нации за неколку проценти успеаа да ја симнат Русија како најголем испорачател на гас.
Проблемот е што ова не е одржлива позиција бидејќи моментално испораката со бродови се исплати заради високата цена на гасот, плус, Кина се уште се нема полакомено по природен гас, што ако се случи се очекува дека танкерите ќе ја напуштат Европа и ќе заминат на исток.
Во меѓувреме дневната испорака на гас од Газпром преку гасоводите до нивните најважни пазари (ЕУ) во јануари била на најниско ниво од 2015, и покрај тоа што компанијата произведува далеку повеќе гас.
Гасот што во ЕУ пристигнува од Азербејџан е околу една десетина од количината што ја испорачува Газпром „и овие залихи беа однапред продадени пред речиси една деценија како би се помогнало финансирањето на производството и гасоводот“. Згора на ова властите на Азербејџан признаваат дека нивното производство и залихи не е ни приближно до она на Русија „и тоа е нешто што треба да биде размислено од нашите западни партнери“.
„Оваа идеја дека ’ќе го надополниме недостаток со ЛНГ’, не, не можеш. Тоа е физички невозможно, нема доволно ЛНГ на светот за да се направи тоа,“ порачува Смит.