Кога удри европската должничка криза, португалската економија колабираше, платите се намалија, невработеноста се дуплираше па владата во Лисабон беше принудена да се согласи со уценувачки мерки за излез од кризата.
Но, тие само ја продлабочија кризата па некаде во 2015 Португалија реши да ги батали и да тргне по свое. Три години подоцна, земјата бележи пресврт кај економскиот раст, платите, пензиите, социјалните давачки. Драстичното менување на курсот и волјата наместо да се крати, да се троши паметно, ја свртија приказната враќајќи ја вербата дека во таа земја може да се прави бизнис.
Лани имаа економски раст рекорден за последните 10 години. Препородот се чувствува на секој чекор: се отвораат нови хотели, ресторани и продавници, растот на туризмот ја преполовил невработеноста, се отвораат кампуси за стартапи, Бош, Гугл и Мерцердес отворија свои претставништва и истражувачки лаборатории, странските инвестиции во градежништвото и авио-индустријата се рекордни а со иновации и технолошки развој се опоравуваат и традиционалите португалски сектори како што е текстилот, картонажата и друго.
„Она што се случи во Португалија покажа дека премногу штедење ја продлабочува рецесијата и создава лош круг од кој тешко се излегува. Ние развивавме алтернатива на штедењето и се фокусиравме на раст и нови и поквалитетни работни места“, вели премиерот Антонио Коста кој е носител на ваквиот економски бран.
Тој пред три години ја доби довербата ветувајќи дека ќе ги намали резовите на кои се обврза претходната влада.за да добие 78 милијарди евра помош од меѓународните кредитори. Коста создаде невообичаена коалиција со Комунистите и радикалните левичари кои немаа пристап кон власта уште од падот на диктатурата во 1974 година. Се обединија во идејата да му се даде простор на народот да дише истовремено пазејќи да не забегаат многу од регулативите на евро-зоната
Владата ги дигна платите во јавниот сектор, минималецот и пензиите па дури ги врати и бројот на денови за одмор кои беа укинати во име на заштедите. Сето ова се правеше со постојан отпор и негодување од Германија и ММФ. Новите давачки се компензирале со кратења во инфраструктурата и другите трошења па буџетскиот дефицит, од 4,4% го намалиле на помалку од еден процент.
Еврро-бирократите денес признаваат дека Португалија веројатно наде поефикасен одговор на кризата од оној кон кој автоматски рсе прибегнува. Нивниот министер за финансии кој е архитект на проектот денес е прв човек на влијателната Еврогрупа на министри за финансии на ЕУ.
Голем дел од успехот се должи на државното поттикнување на бизнисот, (вистински) новите идеи и технологии. Но не и најважен.
„Актуелните стимулации од државата во крајна линија беа доста мали. Но во земјата се случи пресврт во начинот на кој размислуваат луѓето, а од економска перспектива, тоа е многу поважно од субвенциите“, вели професор по економија од Лисабон.
Португалската економија сè уште е ранлива; банките се оптоварени со лошите кредити од минатото, минималецот уште им е еден од најниските во ЕУ (580 евра), синдикалците постојано се на раб на штрајк, но сепак, она што многумина го за невозможно, сепак се случува. Луѓето да веруваат дека нивната земја може да се извлече од калта а во 2020 година Португалија конечно да излезе од минусот во кој се наоѓаше цели 25 години.