Во граници на Турција ваквата нова улога на земјата има идентична критика и пофалба - ова е доказ за почеток на нео-отомански империјализам. Тоа што исто ги интересира и поддржувачите на турската власт и опозицијата е „дали ваквата интервенционистичка политика некогаш ќе стигне до европско тло“.
Шансата за турска чизма во Европа што ја гледа авторот на текстот за Мидл истерн мониотр, Мухамед Хусеин, се открива изминативе месеци во Босна, каде во ноември Босанските Срби изгласаа дека се повлекуваат од војската, даночниот систем и судството на федерацијата, а Додик дополнително најави опција за отцепување на Република Српска од БиХ. Додик предупреди и дека ако Западот се зафати за санкции, Русија и Србија ќе и помогнат на Република Српска.
Ваквата напнатост главно се смири во последно време, во добар дел по посетата на Вучиќ на Турција, каде српскиот претседател нагласи дека ниту една етничка група на Балканот не сака уште еден конфликт.
Како што проценува Хусеин тоа што на терен е смирено не значи дека работата е решена, и дека ваквото постојано крчкање под површина неизбежно ќе доведе до конфликт во БиХ во не така далечна иднина.
Турските влади од 90-те застануваа во одбрана на Босна, меѓутоа не во мерката во која очекуваше турскиот народ, па на пример босанската страна во војната мораше своето оружје, преку Хрватска, да го увезува од земји како Иран и Пакистан.
Денешна Турција, на страна другите подвизи што ги има низ муслиманскиот свет, разви силни врски и со Босна, меѓу другото и со успешно пропагирање заеднички религиозен индентитет и градење или обновување џамии. Самите интервенции во Сирија и Либија се вон рамките на НАТО, и спротивни на желбите и насоките од алијансата и САД, што беше еден од главните фактори за Турција да не интервенира во војната во БиХ во 1990-те.
„Ако избие нов конфликт на Балканот, конкретно меѓу Бошњаците и Србите, тогаш Турција овој пат може и воено да интервенира. Анкара веќе има бази во Босна и таму е подобро утврдена отколку што некогаш била во Сирија и Либија, па засилувањето на тоа воено присуство или воспоставување на линии за снабдување нема да е тешко замисливо,“ пишува Хусеин.
Тоа што и нему не му е познато е дали таа интервенција би била за директна поддршка на Бошњаците или како мировна сила и посредник меѓу двете страни. Тоа што му е познато е дека главна пречка за Турција да го оствари ова ќе биде Русија, заради нејзините блиски врски со Србија и Додик.
„Меѓутоа дури и тоа само по себе не е сигурно, како што многумина мислеа дека Москва ќе ги поддржи ерменските сили и ќе го спречи Азербејџан да го освои Нагорно-Карабах во 2020, што не се случи. Ако Русија стапне во балканскиот конфликт како поддршка за Србија, Турција најверојатно ќе соработува со Русија во одржување на мирот, како што двете веќе го прават тоа во Сирија и Нагорно-Карабах.
Иако ситуацијата во Босна изгледа како да се смирува и стабилизира со посредство на Турција, таму динамиката и понатаму е погодна за избувнување на уште еден конфликт. Ако тоа се случи, тогаш, овој пат, Турција може воено да интервенира за да спречи втор босански геноцид, и сега е целосно способна да го направи тоа,“ пишува Хусеин во текстот за МЕМО.