"Јас знам дека сум мртов човек кој оди," вели за британски Телеграф 34 годишниот Ѓон Мили, покажувајќи кон своите две деца,16 годишниот син и 8 годишната ќерка. "Го замолив другото семејство децата да ми бидат изземени од исплатата но одбија и сега тие не одат во училиште".
Семејството на Мили станува заложник на крвната одмазда по една пресметка заради долгогодишен спор околу земја со друго семејство. Во пресметката Ѓон бил прободен со нож но бил спасен од својот брат кој убил еден од напаѓачите. И сега мора крвта да се плати со крв.
Тоа е едно од клучните правила на Законикот на Лека Дукаѓини, кодекс од 1.262 правила со кои се уредуваат меѓучовечките и меѓу-племенските односи во Албанија уште од 15-от век.
Албанската Влада постојано ја минимизира актуелноста на крвната одмазда бидејќи тоа не е посакуван имиџ на земја која сака да стане членка на ЕУ.
"Не постои причина кој било Албанец да бара азил во земја од ЕУ - ни политичка ни безбедносна," вели албанскиот министер за внатрешни работи Самир Тахири.
Па сепак - бараат. Од 2012-та година во Европа мигрирале десетици илјади Албанци, многу од нив барајќи азил токму заради стравот за своите животи поради крвна одмазда. Европскиот систем за азил е преплавен со тн "сертификати за крвна одмазда" кои го олеснуваат престојот. Проблем е што веродостојноста на таквите сертификати тешко се докажува. Велика Британија лани одобрила 366 азила на албански државјани од вкупно 1.982 колку што го барале тоа.
Британскиот амбасадор во Албанија пред неколку години обвини и локални власти и локални НВО-а дека развиваат лукративен бизнис со издавањето сертификати.
"Амбасадорот не би знаел ни опашка од магаре да најде", реплицира Ѓин Марку, поранешен разузнувач кој сега се занимава со сертификати и медијаторство во крвни одмазди. А за министерот за внатрешни вели дека го вергла она што Запад сака да го слушне.
Тој самиот бил под истрага дека прави бизнис од овој крвав национален спорт но откако не биле најдени докази, продолжил да се бави со темата.
"Само во 2016 се изведени 36 убиства заради крвна одмазда," вели Марку.
Лека Дукаѓини бил албански благородник кој ги кодифицирал традиционалните албански закони во Канун кој трае веќе 500 години. Еве дел од правилата за крвна одмазда:
- Веднаш по убивањето, убиецот мора да го информира семејството на жртвата за да нема забуни кој го сторил убиството.
- Убиецот може да се движи ноќе но со првите зраци на зората мора да се затвори.
- Оној кој прави заседа мора да обезбеди доволно храна за луѓето кои го придружуваат.
- Од заседа се пука на мажи, не на деца, жени или стока.
- Убиецот не смее да го зема оружјето на жртвата. Ако го стори тоа, должи две крвни одмазди.
- Вредноста на нечиј живот секогаш е иста, без разлика дали тој е убав или грд.