Во недела седете си дома, ќе има фудбал што ќе ве интересира

Се што имате од обврски и планови за викендов направете ги во сабота, бидејќи ден потоа следува можеби најфудбалски ден во годината во кој имаме за уживање две дербија во Англија и по едно во Шпанија, Италија, Германија, Франција и Холандија.

Евертон – Ливерул

Најпрво го нарекувале пријателско дерби, а тоа се должело на многуte фамилии во кои некои навивале за Евертон, а други за Ливерпул. Од средина на 80-те ривалството се зголемило и на терен и надвор од него. Откако е формирата Премиер лигата на ова градско дерби има најмногу црвени картони во Англија. Првиот меч меѓу Евертон и Ливерпул се одиграл во 1894 година, а резултатот завршил 3:0. Последниот дуел се одигра на 7 февруари годинава и заврши без голови. Ливерпул води со 88:66 во сите досегашни натпреварувања, а 70 средби завршиле нерешено. Правевме интервју со најстраствените Македонци кои навиваат за Ливерпул.

Арсенал – Манчестер Јунајтед

Важи за дерби со огромно ривалство во Англија, особено меѓу Фергусон и Венгер и Патрик Виера и Рој Кин. Манчестер води во победи 93:79, а во титули 62:42. Македонските навивачи со кои исто така правевме интервју најмногу уживаа против Топџиите на 28 август 2011-та кога ја славеа највисоката победа од 8:2. Стрелци за Јунајтед беа три пати Руни, два пати Јанг и по еднаш Велбек, Нани и Парк. Двата гола за Арсенал ги дадоа Волкот и Ван Перси.

Атлетико Мадрид – Реал Мадрид

Двата големи ривали од Мадрид на 24 мај 2014 година станаа првите екипи од ист град кои се сретнале во финале во Лигата на шампионите. Со голот на Годин во 36 минута, Атлетико имаше водство се до 93-та минута кога Рамос го израмни резултатот. Во продолжението Реал со головите на Бејл, Марсело и Роналдо победи со 4:1 и ја прослави десеттата европска титула. Реал има двојно повеќе победи 107:53. Македонските фанови на Реал имаа средба со Флорентино Перез.

Милан – Наполи

Милан со 3 победи и 3 порази има 9 бода во Серија А во моментов исто колку и Наполи кој загуби еднаш, одигра три нерешени, а победи на две големи меча. Петарда против Лацио и победа од 2:1 против актуелниот шампион Јувентус. Наполитанците се во подобра форма и се без пораз на последните 6 средби на сите натпреварувања.

Баерн Минхен – Борусија Дортмунд

И големите германски ривали неодамна се сретнаа во финалето на ЛШ, а тоа се случи на 25 мај 2013-та. Гундоган од пенал во 68 минута го отвори резултатот, а пресвртот за Баерн го направија Манџукиќ и Робен во 60-та и 89-та минута. Од 1994 година само четири други екипи ја освојуваа Бундеслигата, а во тој период Баерн има 12, а Борусија 5 титули. Баерн води со 49:30, а во 1971-ва победи со 11:1. За Баерн да го гледа на ТВ со друштво, Македонец возеше 100 км со точак.

ПСЖ – Олимпик Марсеј

Се работи за најголемото дерби во Франција на кое се среќаваат клубовите од двата најголеми градови во Франција. Ривалството е големо и меѓу навивачките групи кои редовно прават нереди на денот на средбата. На 11 април 1995 година кога се сретнаа во полуфиналето од Купот, полицијата уапси 146 навивачи, а 9 полицајци беа хоспитализирани во болница. ПСЖ е лидер во Лига 1 со 6 победи и 2 нерешени, а Марсеј е на 15-та позиција со само 8 бода по 8 кола.

Ајакс – ПСВ

Едно од најголемите ривалства во Холандија е она меѓу Ајакс од Амстердам и ПСВ од Ајндховен. Разликата во победи е тесна 56:51 за Ајакс, а тие ја имаат и највисоката победа од 5:0 остварена во 1964-та. Ајакс е прв на табелата со 6 победи и едно реми, а ПСВ е четврти со 4 победи, 2 нерешени и еден пораз.

Саатницата на натпреварите е по англиско време кое е еден час пред средно европската временска зона, во која што сме ние.