Македонски фан клуб на Манчестер Јунајтед

Македонските срца кои чукаат за Манчестер Јунајтед

Играта на Црвените ѓаволи привлекува внимание и кај деца од 9 години. Таков е случајот со Фросина која ѕиркала во телевизорот додека била на роденденска забава и се заљубила во Манчестер. Во Македонија има 397 навивачи на Јунајтед кои членуваат во здружение кое го координира Васко, навивач од времето на легендарниот Ерик Кантона.

По дружбата со македонските навивачи на Рома, Интер, Јувентус и Ливерпул, дерби пресметката во Англија меѓу Манчестер Јунајтед и Челси ја гледавме со најзагреаните фанови на Јунајтед. Резултатот не им се посреќи, но оваа сезона се задоволни што наследникот на Мојс ќе им го врати тимот онаму каде што се навикнати да го гледаат. Во Лигата на шампионите. Импресиите од најелитното клупско натпреварување ни ги раскажаа Васко, Ане и Петре, а за историјата ни зборуваше Фросина.

Наброј ми 5 историски моменти кои ги паметиш како навивачка на Манчестер Јунатед?

Фросина: Тоа треба да започне со финале против Баерн 1999-та. Бев на роденден кај роднини и на тв одеше финалето од ЛШ против Баерн кој водеше 1:0, а јас имам некоја навика да навивам за послабиот, така што веројатно тогаш сум го засакала Манчестер Јунајтед. Во судиското продолжение видов дека дадоа гол, па си викам веројатно ќе успеат да дадат уште еден. Кога влезе Сојлскер и го реши мечот гледав како се радуваат и може да се каже дека од тогаш мојата љубов кон Манчестер Јунајтед започна. Тогаш имав 9 години и ова би го издвоила како прв најважен момент кој го паметам за Манчестер.

Втор момент ми е голот на Македа против Астон Вила за 3:2, кога Манчестер Јунатед го отпиша Ливерпул од битката за титулата. Тоа беше 2009 година, последната на Роналдо, Манчестер губеше од Астон Вила 2:0 и таа сезона клубот ги покажување едни од најслабите игри, но Роналдо некако успеа да го спаси полувремето на 2:2 и потоа имаше голема нервоза на Олд Трафорд. Навивачите беа уште понервозни кога Фергусон го стави Македа, па дури и коментаторите се прашуваа што мисли да прави со дете од 17 години. Но ете среќата ги прати храбрите, се случи пресврт за ерупција на трибините и тогаш знаевме дека шансите за титулата на Ливерпул се сведени на нула.

Челси - Манчестер Јунајтед (18.04.2015)

Трет момент ми е голот на Ван Перси против Манчестер Сити за 3:2. Се сеќавам дека тоа дерби го гледавме во Мондано, водевме 2:0 и игравме многу добро. Претходните 2-3 кола не блескаше тимот и сите бевме песимисти за тој дуел. Но Фергусон им ја прочита тактиката, го умртви Јаја Туре, дадовме два гола од контра и ни поништија еден гол на Ешли Јанг. Во второ им тргна на Сити, влезе Тевез и стигнаа до израмнување. Во 90 и некоја минута Ван Перси изведуваше слободен удар, тогаш се сеќавам дека беше многу ладно, пцуевме, се нервиравме и кога падна голот во првите 5 секунди не ни беше јасно дали топката е во гол бидејќи мрежите на Етихад се црни. Потоа кога е видовме дека е гол урлавме од радост, излеговме надвор, врнеше снег и бевме сигурни дека титулата е наша.

Во овие пет моменти би вметнала и еден лош момент кој го паметам, а тоа е кога ја загубивме титулата од Манчестер Сити на гол разлика. Иако таа сезона не бевме сјајни и вадевме резултати што се вели низ заби со 1:0, 2:1 и тоа едвај со голови постигнати многу доцна, додека Сити ги торпедираа противниците и заслужено ја освоија титулата. Тој натпревар ни даде една трошка надеж дека нешто може ќе се случи. Јунајтед го победи Саутемптон, но голот на Агуеро избриша се. Во тој момент тоа беше многу тешко да се соџвака, но кога видовме дека да не беше тој гол Фергусон ќе се пензионираше и немаше да го донесеме Луи ван Гал, можеби немаше да имаме уште многу други работи и едноставно полесно ни доаѓа сега од оваа перспектива.

Петтиот момент би требало да биде трансферот на Кристијано Роналдо во Манчестер Јунатед. Се гледаше дека детето е екстремен талент, го пратеа скоро пола клубови од Европа и како што дознаваме сега десетина клубови биле блиску до негов трансфер. Но Фергусон успеа уште во ходникот на стадионот на Спортинг да го договори трансферот и понатаму нема што да се збори, остатокот е историја.

Како го доживеа неговото заминување?

Фросина: Мислам дека сите бевме свесни дека тоа ќе се случи. Роналдо никогаш не лажеше и отсекогаш кажуваше дека Реал Мадрид е неговата дестинација од сонот. Си дававме надеж како фанови дека нема да замине, но длабоко во себе знаевме дека кога тогаш тоа ќе се случи. Единствено ми беше криво што тогаш Фергусон ги зема сите пари, а не направи замена со Снајдер и Робен со доплата. Манчестер така ќе земеше пари и плус двајца играчи докажани на светската сцена.

Како ти се допаѓа сегашниот Манчестер со Ван Гал?

Фросина: Ми се допаѓа. Им требаше на некои играчи да се прилагодат на онаа игра со додавања, со градење на триаголници, со стрпливост, со дисциплина. Тие што не можеа да се навикнат на таа игра го напуштија клубот. Ми се допаѓа и на иднината на која цели Ван Гал, внимава на детали, не сака ништо да му избега од негова контрола, така што мислам дека овој тим ќе има многу достигнувања во иднина. Добро е што дава акцент и на младите играчи.

Каква беше атмосферата во фан клубот минатата сезона со Дејвид Мојс?

Фросина: Не бевме навикнати на такви резултати и нормално атмосферата беше негативна. Сите имавме различно мислење. Очекувавме нормално мал пад, бидејќи не е лесно да се замени Фергусон, но никој не очекуваше да заврши на седмо место и да паузира во Лига на шампиони. Тоа го забележа управата и го отпушти. Таа сезона се создаде чувство на нервоза меѓу нас, сите имаа различни критики, негодуваа, никој не знаеше што ќе се случи и сè се сруши како кула од карти.

Прославата на 19. шампионска титула

Очекувавте ли пензионирањето на Фергусон дека ќе се случи токму во тој момент?

Фросина: Не, затоа што кога првиот пат кога рече дека ќе се пензионира пред 12-13 години и потоа се предомисли изјави дека тоа навистина ќе се случи кога најмалку ќе се очекува. Ние го очекувавме тоа, но тогаш рече дека го спрема тимот за следната сезона, дека никогаш не му е доста од трофеи, дека пензионирањето е за стари луѓе. Тогаш го купи Заха, младото крило од Кристал Палас и се понадевавме дека тој и другите млади играчи кои ги најави ќе напредуваат со него. Но потоа како гром од ведро небо излезе статијата на Гардијан дека Фергусон ќе се пензионира. Сабајлето во 9 часот веќе ја дознавме веста.

Што коментиравте меѓу вас и како реагиравте?

Фросина: Сите бевме утепани, имаше тага, нервоза, тоа е човекот кој бил менаџер на еден клуб, другите фанови не го сфаќаат тоа, како може еден човек да е тренер толку многу време. Единствена грижа со него беше кога ќе седневме да гледаме да видиме дали ќе победиме. Менаџери како него не се раѓаат секој ден и затоа бевме толку тажни.

Како почна групното следење на Манчестер?

Васко: Македонскиот фан клуб на Манчестер Јунајтед го формиравме за време на Мундијалот во Јужна Африка 2010 или поточно на 12 јули. Од тогаш функционираме беспрекорно, а дел од нашите членови кои се во можност одат на Олд Трафорд и на натпревари од Лига на шампиони кои се играат во близина. Инаку би напоменал дека Манчестер е единствениот клуб во светот кој има посебна процедура за признаваме на официјален фан клуб. Бараат минимум 50 официјални членови да имате во здружението со плаќање на годишна чланарина таму, покрај таа што ја плаќаме и во Македонија. Така што тоа е единственото нешто што не кочи, финансиската состојба.

Колку ве има во Македонија?

Васко: На Фејсбук сме многу фанови, а официјалната бројка на членови заклучно со 2014-та беше 397 кои имаме членски карти и кои плаќаме чланарина. Дел од тоа добиваат и реквизити. Ние поднесовме до клубот барање доколку може да ја намалат бројката која се бара за официјални членови, но таа важи за цел свет и нема отстапување. Сумата инаку не е голема со оглед на тоа што важи за цела година и ги поканувам сите заинтересирани да стапат во контакт со нас и да го оствариме тоа што сите го сакаме, а тоа е да отидеме на Олд Трафорд, полесно да стигнеме до влезници, поевтини реквизити и сл.

Олимпијакос - Манчестер Јунајтед (2014 година)

Одите ли на Олд Трафорд?

Васко: Има доста луѓе што биле, точна бројка не знам, но има многу членови што биле и на други натпревари низ Европа. Би го потенцирал патувањето на 10 члена кои беа на гостување во Романија. Тоа беше натпревар против Отелул Галати на кој бев и јас. Секој што може да оди ќе си помине извонредно, посебно на гостување на Манчестер Јунајтед, бидејќи со англиските навивачи кои одат на гостувања е феноменално. Поради тоа што не сме се уште официјален фан клуб, немавме можност да добиеме карти до нив, бевме одвоено, но немаше некоја разлика бидејќи бевме на истата страна од стадионот. Атмосферата пред натпревар низ град и во пабовите беше неопислива.

Ане: Јунјатед ги има најдобрите гостински навивачи во Англија. Минатата сезона имав среќа да го гледам можеби најдбриот натпревар на Јунајтед во сезоната, победата во гости против Леверкузен од 5:0, но и "несреќа" на Бај Арена да седам помеѓу домашните фанови кои, нормално, не беа воодушевени што фан на спроотивната екипа седи помеѓу нив и се радува. Ако имав среќа да го гледам Јунајтед во одлично издание во Леверкузен на гостувањето во Атина, против Олимпијакос, гледав еден очаен натпревар, но имав среќа да се дружам со фановите кои допатуваа од Англија, да се дружам со дел од моите пријатели кој ги запознав на гостувањата во Романија и Германија како и натпреварот да го проследам од трибината за гостинските навивачи. И покрај поразот и очајната игра тоа беше прекрасно искуство што му го посакувам на секој фан на Манчестер Јунајтед да го доживее. Со помош на мојот пријател од Англија успеав да добијам, пред крајот на минатата година дрес потпишан од сите играчи на Јунајтед.

Петре: Летото 2011 година, заминував на пракса во Глазгов, Шкотска. Уште пред тргнувањето од Македонија, во разговор со Ане (Бошковска) се договоривме да се обиде преку контактите кои ги имаше воспоставено со навивачи на Манчестер Јунјтед од Англија, да ми најде карти за еден од натпреварите на нашиот тим.

Како што започна сезоната во Премиер Лигата, со нетрпение очекував некаква информација во врска со можноста да ми се оствари сонот од детството да го гледам мојот омилен тим како игра во живо на Олд Трафорд. Сонот ми се оствари уште во моментот кога добив порака од Ане дека успеала да најде карти. Возбудата беше уште поголема бидејќи стануваше збор за дерби натпревар, во кој Јунајтед го дочекуваа Арсенал на Олд Трафорд.



Уште од надвор стадионот делуваше фасцинантно. Како и секој посетител се упатив во официјалниот Megastore и направив обиколка околу стадионот. Дојде време за почетокот на натпреварот. По некоја случајност мојата карта за овој натпревар беше за на познатата Stretford End трибина. На оваа трибина во текот на целиот натпревар се стои и постојано се пеат сите навивачки песни. Атмосферата на стадионот е феноменална. Она што го гледаме на малите екрани при преносите на натпреварите не е ни одблиску споредливо со тоа каква е атмосферата на трибините. Еуфоријата беше уште поголема со секоја измината минута. За секој постигнат гол, се пееше песна за играчот кој го постигнал голот. И верувајте ми многу песни се испејаа тој ден. Конечниот резултат беше 8:2 во корист на Манчестер.

Манчестер Јунајтед – Арсенал 8:2 (2011 година)

Ни на сон не би можел да поверувам дека мојата прва посета на Олд Трафорд, да го гледам мојот омилен фудбалски тим, може да биде едно големо дерби, во кое Јунајтед ќе го декласира противникот. Се надевам дека во иднина повторно би имал можност да присуствувам во живо на натпревар на Манчестер Јунајтед, но спомените и импресиите од моето прво присуство на Олд Трафорд секогаш ќе ми бидат најдобрите и засекогаш ќе го паметам тој ден 28.08.2011 година.

Колку активни членови има низ Македонија кои се собираат како вас?

Васко: Има буквално од сите градови, Струмица, Велес, Радовиш, Битола, Струга, Охрид, со дел од нив имаме гледано и заедно во нивниот град. Во втората година од формирањето на Здружението гледавме заедно во Велес. Тоа беше мечот против Вест Хем на кој губевме 2:0 на полувреме, а конечниот 3:2 за нас. Атмосферата не се опишува откако ќе губиш 2:0 и потоа ќе направиш пресврт.

Навивачи од Велес

Се дружите ли регионално?

Васко: Контактираме со сите здруженија на Манчестер од Балканов. Најдобра соработка моментално имаме со Хрватите. Жал ми е што никој не успеа да дојде со мене на третиот и четвртиот роденден на хрватското здружение на навивачи на Манчестер Јунатед. Иако со дечките се знаев само преку Фејсбук, си поминав феноменално. Тие се признаени како официјален фан клуб и имаат многу олеснувања со карти, затоа и постојано се на Олд Трафорд. Тие мислам дека имаат околу 500 официјални членови и заедно со Словенците се единствени кои се признаени од клубот како официјални здруженија.

Како ти се случи Манчестер Јунајтед?

Васко: Многу одамна навивам за нив. Нешто слично како Фросина, така и јас од мали години почнав да ги следам и да ги бодрам, а тоа е уште кога бев во основно. Не можам да се сетам точно од кога, но од прилика тоа беше 1993 или 1994 година.

Најдобриот напаѓачки тандем во изминативе 20 години?

Васко: Двајт Јорк и Ешли Кол, дефинитивно се незаменлини.

Колку Руни, Ван Перси и Фалкао се блиску да ги стигнат тие две легендарни имиња?

Васко: Не се баш блиску. Ван Перси дојде пред извесно време и веќе години го стигаат, а Фалкао имаше тешка повреда.

Кога најмногу се израдува, а кога се разочара откако си навивач на Манчестер Јунајтед?

Васко: Најсреќен бев на финалето против Баерн од ЛШ, а најтажен момент за мене е пензионирањето на Ерик Кантона.

Потпис на Ешли Јанг

Кој постапи правилно кога Фергусон го удри Бекам со копачка?

Васко: По мене Фергусон, а Бекам се најде во погрешно време на погрешно место.

Колку го ценеше Дејвид Бекам кој истовремено беше и модна икона?

Васко: Како играч беше феноменален, а маркетиншкиот пазар на светско ниво го расипа фудбалот поради тие работи.

Роналдо или Бекам?

Васко: Зависи. Ако зборуваме за слободни удари и прецизни пасови, тогаш Бекам, а за дриблинг Роналдо.

Галати - Манчестер Јунајтед (2011)

Фросина: Јас би рекла сепак Роналдо. Бекам од нигде никаде реши да го смени клубот. Сите знаеме дека си барал трансфер уште една година претходно и тоа некако ме олади. Додека Роналдо не криеше дека сака да си оди, му донесе на клубот и Лига на шампиони, никогаш не задоцни на тренинг, а Бекам со Фергусон често имаше некои несогласувања, така што како професионалец би го избрала Роналдо.

Сте имале ли некои други активности како фан клуб?

Фросина: Имавме неколку хуманитарни акции во соработка со црвениот крст на Македонија. Инаку имаше и некоја најава за организирање на фудбалски турнир меѓу фан клубови, но тоа не се случи веројатно нема кој да организира за да ги спои сите.

20 април 2015 - 18:20