Најголемата собиранка, македонскиот фан клуб на Баерн ја направи на плоштадот во Скопје за време на финалето во ЛШ против Челси за што ќе ви прикажеме и тв прилог. Во 2010 година фан клубот им стана официјален, а едни од најзаслужните за тоа се Наум и Фросина.
Кажете ми како почнa вашата приказна наречена Баерн Минхен, од кога навивате за нив и што ве привлече?
Наум: За Баерн најверојатно навивам цел живот, но „свесно“ почнав од мои 6 години, од финалето во Лигата на Шампионите во ’99 против Манчестер Јунајтед, кога Баерн ја испушти титулата во последните 2 минути. Оттогаш ретко и да пропуштам натпревар.
Александар: Jaс почнав да навивам за Баерн во сезоната 1998/1999 кога сите добро знаеме дека Баерн беше поразен во тоа епско финалето од Лигата на шампионите против Манчестер Јунајтед, меѓутоа иако бев разочаран од тој пораз знаев дека Баерн ќе се врати уште посилен и дека ќе го освои пехарот кој несреќно го изгуби во тоа финале и тоа се случи после 2 години кога ги победија Валенсија во истотака интересно финале кое го добија на пенали. Кај Баерн ме привлече упорноста и борбеноста што ја краси секоја германска екипа која никогаш не се откажува и игра до самиот крај. Како што има изјавено поранешниот англиски репрезентативец Гари Линекер фудбалот е едноставна игра која 22 играчи ја бркаат топката 90 минути меѓутоа на крајот победуваат Германците.
Кога почнавте заеднички да го гледаме Баерн и како се собравте?
Наум: Почнавме да се запознаваме преку форуми и блогови на интернет уште во 2007. После се среќававме неколку пати за натпревари во мал број, за да со тек на време членството се повеќе и повеќе се зголемува.
Фросина: Првиот фан-собир беше организиран во 2007 година, за првиот осмина-финален дуел од ЛШ против Реал Мадрид. На собирот бевме 10тина фанови од Скопје.
Имате ли формирано официјален фан клуб кој е регистриран во Минхен и колку навивачи членувате?
Фросина: Фан клубот официјално беше регистриран во 2010 година, односно по повеќе од три години од првиот собир. Во моментов, регистрирани сме околу 100 навивачи.
Знаете ли отприлика колку навивачи во Македонија навиваат за Баерн и во кои градови има групно следење натпревари?
Наум: Бројката на луѓе кои навиваат за Баерн во Македонија е доста голема, но на навивачи кои што комуницираат со останатите по форуми и групи отприлика има околу 800.
Фросина: Се до стартот на штотуку завршената сезона, фан-собири се организираа само во Скопје (со исклучок на неколку помали во останатите градови). Сосема разбирливо, најголем е интересот за ЛШ особено во нокаут фазата. Од септември лани, навивачите на Баерн организираа големи собири на кои присуствуваа повеќе од 100тина фанови од земјава во неколку градови: Велес, Битола, Прилеп, Штип, Радовиш, Охрид...
По колку се собирате во просек и кога сте направиле рекордна бројка?
Фросина: Интересот за заедничко следење на натпреварите на Баерн најмногу зависи од самото натпреварување, односно, дали станува збор за Бундеслигата и германскиот Куп каде Баерн е супериорен или пак за ЛШ. Сепак, сметам дека најголем собир беше оној од пред 3 години, кога Баерн несреќно загуби од Челзи во ЛШ. Мислам дека таа сезона сите бевме оптимисти дека „пехарот со големите уши“ нема да го напушти Минхен.
Наум: Најголем собир најверојатно беше собирот за финалето против Челзи во 2012 година на плоштадот во Скопје, кога најверојатно имаше повеќе од 150 навивачи.
Навистина ли навивач на Баерн патувал 100 км со точак од Демир Хисар до Охрид само за да гледа заедно со останатите навивачи?
Фросина: Да, тоа е вистина. Инаку станува збор за момче од Прилеп.
Колку од вас до сега биле на Алијанц арена или на некој друг стадион да го гледаат Баерн во живо?
Наум: Бев на натпреварот против Вердер Бремен во Бундеслигата на 18 Октомври 2014, кога Баерн славеше со убедливи 6:0. На ден на натпреварот во Минхен, а особено пред Алијанц Арената се случува вистински панаѓур. Фанови доаѓаат од сите страни, сите се весели, распеани. Штандовите со пиво и колбаси се разработени 4-5 часа пред почетокот на натпреварот. Пополека доаѓаат навивачи од различни фан клубови, од различни градови и од сите возрасти, од мали деца до пензионери. Чувството е прекрасно, каде и да се завртиш гледаш фанови на Баерн, сите облечени со секакви навивачки реквизити, оптимисти пред натпревар, распеани и дружељубиви. Карти набавив пред стадион на денот на натпреварот, типичен балкански стил. Но скоро и да не постои поинаква можност, бидејќи стадионот се распродава уште во Јули за целата сезона.
Александар ти имаше можност во Рим да ја гледаш најголемата гостинска победа на еден тим во Европа, кога Баерн ја совлада Рома со 7:1, опиши ми го тоа доживување?
Александар: Сосема случајно се договоривме со мојот другар Новица Сандевски, кој инаку е навивач на Рома да одиме да го проследиме овој дуел во Рим. Знаевме дека ќе биде интересен за гледање бидејќи до тој дуел и двете екипи се бореа за тоа кој ќе биде прв во групата во која беа уште и Манчестер Сити и ЦСКА Москва .Пред натпреварот сосема случајно налетавме на навивачите на Баерн кои што се собираа на Шпанските скали во центарот на Рим и уште од таму почнавме да се спремаме за натпреварот на Олимпико се песни и пиво. Откако влеговме на стадионот јас најпрво влегов на трибината кај што беа навивачите на Рома и имаше малку пцовки на моја сметка, меѓутоа на истата трибината, но на другиот крај беа навивачите на Баерн и му кажав на мојот другар дека ке мора да одам таму бидејќи ако седам со него нема да можам да навивам и да ги бодрам Баерн. Кога влегов на трибината каде што беа навивачите на Баерн се спремаше кореографија за натпреварот, но никој не очекуваше толкава победа и мило ми е што на првиот натпревар што бев да го проследам на Баерн заврши со ваква убедлива победа. Од друга страна ми беше малку жал за мојот другар Новица кој што мораше да гледа како неговиот омилен тим вака беше поразен.
За 36 минути резултатот беше 0:5, каква беше атмосферата на Олимпико, им беше ли до пеење на навивачите на Рома?
Александар: Атмосферата не се опишува со зборови тоа треба да се доживее. Како што реков никој не очекуваше за толку кратко време да се знае победникот, навивачите на Рома беа во неверување имаше и по некоја провокација од нивна страна, меѓутоа се се заврши во најдобар ред бидејќи на крајот се разменуваа дресови и шалови како што може да се види на видеото.
Како сте прифатени кај германските навивачи кога ќе им кажете дека сте македонски фанови на Баерн?
Александар: Одлично дури и некој се изненадени од тоа колку многу знаеме за историја на Баерн иако сме од Македонија
Фросина: И покрај големината на Баерн во европскиот фудбал, Германците или го сакаат клубот или не. Не постои нешто помеѓу тие две крајности. Сепак, од она што јас го имам како искуство, тие се горди кога ќе запознаат странец кој навива за нивни клуб, иако морам да потенцирам дека воопшто не се изненадени од популарноста на Баерн бидејќи тоа е најуспешниот германски фудбалски клуб.
Наум: Првичната реакција им е каде е тоа Македонија и повеќето се интересираат и се воодушевуваат што на натпревари доаѓаат фанови од една така мала држава за да навиваат за Баерн.
Стадионите во Баерн се најполни во конкуренција на топ 5 лигите, на што се должи тоа?
Фросина: Добрата организација на натпреварите, релативно поефтините билети во однос на останатите лиги, финансиската моќ на Германците и оние кои живеат во оваа европска земја како и атрактивноста на германскиот фудбал, се причините поради кои стадионите „вријат“ од публика секоја недела.
Наум: Дефинитивно на одличната атмосфера и специфичниот начин на кој што се третира фудбалот во Германија. Значи денот на натпреварот таму е вистински празник. Атмосферата е одлична, се пие пиво по цел ден.
Александар: Јас мислам дека се должи прво на прекрасната Алијанц арена, еден од најубавите стадиони во Европа, па после тоа поради атмосферата. Сите стадиони во Германија се полни и распродадени има коректно навивање и нема инциденти како во другите лиги.
Баерн има три шампионски титули по ред во Бундеслигата, ви паѓа ли мотивацијата за гледање домашно првенство?
Александар: Не баш, напротив Бунделигата е најубава за гледање и оваа година очекувам Волфсбург да се бори со Баерн за титулата до самиот крај.
Фросина: Интересот за Бундеслигата и понатаму е присутен, меѓутоа самата супериорност на клубот ни дава за право, германскиот шампионат да го следиме релаксирано. Вистинско изненадување е доколку еднаш во неколку години Баерн не ја освои „салатарата“.
Наум: Зависи од фан до фан, според мене Бундеслигата секогаш треба да биде број 1 приоритет на Баерн.
Кој Баерн е посилен, овој со Гвардиола или претходниот со Јуп Хајнкес и чија игра повеќе ви се допаѓа?
Фросина: За прв пат во клупската историја, Баерн ја освои тројната круна во 2013 година под водство на Јуп Хајнкес. Оттаму, одговорот е логичен- Баерн со Јуп е посилен од Баерн со Гвардиола.
Наум: Тешко прашање. Повеќето би аргументирале тој на Хејнкес, бидејќи освои тројна круна, меѓутоа сепак, доколку јас се прашувам имам некоја благонаклонетост кон овој тим со Гвардиола. Сè уште верувам дека Гвардиола е вистинскиот човек за оваа задача и дека може да го донесе Баерн до уште една тројна круна.
Александар: На мене повеќе ме се допаѓаше стилот на игра со Јуп Хајнкес кој што играше типичен германски стил со многу борбеност сличен на стилот што го играше Борусија Дортмунд со Јирген Клоп последниве неколку години
Сте се сликале ли со некој играч на Баерн Минхен?
Фросина: Со Марио Манџукиќ кој тогаш беше член на Баерн, а гостуваше во Скопје со Хрватска.