Ташко Гуџов, Горан Теодосиевски, Дарко Василевски и Мухамед Халили се основачи на здружението Пења мадридиста од Македонија. Иако се од различни градови, се собрале околу љубовта за Реал Мадрид и основале фан клуб кој од година во година масовно се зголемува.
Кога беше вашето прво заедничко гледање натпревар на Реал Мадрид?
Како фанови на Реал Мадрид од Македонија не се познававме лично, живееме во различни градови во Македонија. Нè има од Скопје, Велес, Кочани, Битола и други места. Се запознавме на социјалните мрежи и нè спои љубовта кон Реал Мадрид. Не организиравме групно гледање натпревари во кафулиња, пабови и слично, туку пењата ја формиравме со цел повеќе луѓе од Македонија да може да го остварат сонот и да го гледаат Реал Мадрид во живо.
Задоволни сме што ја остваруваме целта, што луѓето се запознаваат меѓусебно, се дружат на патувањата, се пријавуваат сами за да патуваат групно. Тоа е нашата базична идеја, тоа е нашиот идеал бидејќи и ние самите основачи на пењата така се запознавме меѓусебно.
Од кога официјално постои вашиот регистриран ФАН клуб?
Пењата ја основавме во август месец, 2014 година. Аплициравме во пења департментот во Мадрид, тие го одобрија нашето барање и добивме документирана потврда дека сме официјална пења на Реал Мадрид во Македонија. Следуваше регистрација како здружение на граѓани во Централниот регистар на Македонија. После тој чекор, имаме свои членски карти, сите наши членови имаат бенефиции кои ги користат преку нашата пења. Тоа е добивање карти за сите оние кои сакаат да патуваат во приватна режија. Членовите имаат предност во сите активности пред останатите фанови.
Имате фотографии и автограми со некои од фудбалерите на Меренгес. Дали сте разговарале со некој од нив и како течел разговорот?
Нашето прво заедничко патување беше на натпреварот на Реал Мадрид – Галатасарај, од ¼ финалето на Лигата на шампионите. Тој натпревар беше во последната година од ерата на Жозе Мурињо во Мадрид. Следното, можеби и највредно гостување беше реваншот во Истанбул, кога отпатувавме 10 души и бевме сведоци на убедливата победа на Реал против Галатасарај (1-6), но и поради средбата со Пепе. Познат е како матадор и бескурпулозен борец на теренот, но надвор од него е мошне фина и пријатна личност. Нè воодушеви кога го напушти карантинот во хотелот и дојде да се запознае со нас и да се фотографира. Средбата со него беше евидентирана од клубот и ја објавија на нивниот веб сајт. Исто така и најгледаните шпански тв канали направија прилог за нашата средба со Пепе. Тоа беше одлична реклама за Македонија и за фановите на Реал Мадрид од земјава.
Како набавувате карти за натпреварите на Реал Мадрид?
За гостувањата процедурата оди преку клубот. Резервираме влезници и потоа ги земаме најчесто од хотелот каде што се сместени играчите. Така беше и првиот пат, кога во Истанбул отидовме по картите до хотелот Кемпински каде што беа сместени играчите. Најголем белег од гостувањето во Торино против Јувентус ќе остане нашата средба со Флорентино Перез кој пред хотелот каде беа сместени фудбалерите се фотографираше со нас, ни се потпиша на неколку транспаренти кои ги носевме со нас и поразговаравме на кратко.
Некоја анегдота од патувањата ширум Европа?
Без сомнение најинтересен момент беше гостувањето во Базел. Тоа патување ќе остане во трајно сеќавање, затоа што имавме комична ситуација во трамвајскиот превоз. Еден наш член самоуверено тврдеше и нè убедуваше дека ја знае траекторијата на трамвајот. Беше сигурен дека ја знае нашата станица на симнување, но на крајот завршивме во депото на трамваите. Толку многу се смеевме, што буквално ечеше целиот кварт во Базел во доцните ноќни часови.
Како реагираат Шпанците и воопшто навивачите на Реал од Мадрид кога ќе им кажете дека сте дошле од Македонија да го бодрите Кралскиот клуб?
Реал најчесто го следиме и надвор од Шпанија. Покрај Истанбул, го бодревме Реал и против Шалке во Гелзенкирхен, против Јувентус во Торино, против Лудогорец во Софија... Токму во Бугарија бевме најмасовно, околу 180 членови на пења. Во Софија неколку наши претставници беа на состанок со спортскиот директор на клубот, легендарниот Емилио Бутрагењо. Состанокот беше во Хилтон Хотел каде што беа сместени фудбалерите, а на состанокот присуствуваа и претставници на пењите на Бугарија и Романија. Интересно патување имавме и до Гелзенкирхен кога Реал играше против Шалке. Летавме до Дортмунд, па потоа до Дизелдорф и од таму со воз до крајната дестинација. Сите гостувања ни се вистински патешествија и приказна за себе.
Најмакотрпно патување?
Искрено, дружбата е многу добра така што не се чувствува заморот од патувањата. Многу пропатувавме за овосезонското Ел Класико на Бернабеу. Во вторник ни јавија дека имаме карти, а дуелот беше во сабота. Имавме малку време да се организираме и гледавме да поминеме најбезболно. Сепак и покрај тоа, тргнавме прво од Солун со авион до Џирона во петок. Од Џирона до Барселона со автобус, па од таму до Мадрид со воз. Веднаш по натпреварот фативме воз од Мадрид до Рим, па од таму до Солун и во недела назад во Македонија.
Дали имате некои заеднички акции (од типот мал фудбал, хуманитарни акции, донација на крв и слично како што имаат некои од другите ФАН клубови)?
Како здружение на граѓани во план сме да организираме поголеми проекти во иднина, како што се организација на фудбалски турнир на пењите од регионот како што се бугарската, хрватската, словенската пења итн. Во моментов работиме на една фантастична идеја, би сакале да организираме камп за млади фудбалери од Македонија на кој би присуствувале тренери од академијата на Реал Мадрид. Тоа беше една од главните теми на кои разговаравме на приемот кај шпанскиот амбасадор Фернандо Лопез, и самиот долгогодишен социо (член) на Реал Мадрид и голем фан на клубот. Имавме чест да му подариме членска картичка и некои скромни подароци со логото на нашата пења.
Раскажете ни го ривалството со Барселона. Дали имате контакт со ФАН Клубот на Каталонците од Македонија? Се дружите ли со нив?
На Ел Класико лани патувавме 20 луѓе од Македонија, 10 бевме навивачи на Реал а 10 на Барселона. Тоа е доказ дека и меѓу нив имаме доста пријатели со кои имаме здраво ривалство и добри односи. Натпреварите против Барселона се нешто посебно, тоа е тензија, страст, ривалитет кој може да се разбере само ако се доживее. Тоа беше неверојатно чуство , на трибините имаше фанови на Реал Мадрид од цел свет но имаше и фанови кои го следат Реал Мадрид со децении, енергија и љубов од целиот фудбалски свет на едно место, луге од сите раси, сите вери со една иста цел, да победи Реал Мадрид. За жал контроверзното судење на судијата Малењнко нè остави разочарани таа вечер.
Јувентус?
Очекуваме победа против Јувентус и пласман во финалето во Берлин. Квалитетот на фудбалерите е на наша страна, а Карло Анчелоти како Италијанец многу добро го познава Јувентус и италијанскиот начин на фудбал. Убедени сме дека тој ќе биде клучна фигура и со негова помош ќе се пласираме во финалето. Веруваме во историска одбрана на титулата во Лигата на шампионите.