Кога Ремзи како мал го одбрал фудбалот и преминал во Кардиф, во неговиот роден град имало многу тренери по рагби и атлетика. Арон бил крал меѓу децата и јуниорите во Кајрфили: тој го играл секој спорт со таква леснотија поради што другите можеле само да му завидуваат.
На девет години, Арон станал шампион на Велс во десетобој меѓу учениците (трчале и 60 метри со препони и 800 метри без), скок во далечина и висина, како и пливање во езерото. По раководство на учителите, Арон тренирал три пати неделно и мечтаел да стане професионалец.
„После четири етапи на второ-трето место, успеав да побегнам на 800 метри и бев лидер. Трчањето ми беше најсилна страна, така што победував без никакви проблеми", се присетил подоцна Ремзи.
Според рејтингот за младите атлетичари во категорија десетобој до 17 години ширум Велика Британија, Ремзи во еден момент бил четврти. „Ми рекоа дека имам силни спортски гени. Мајка ми играла хокеј, а татко ми до 40 години настапувал за локалниот фудбалски тим. Од нив се навлеков на спортот", вели Ремзи.
Во рагби, работите му оделе уште подобро. Кога играл за школската екипа го забележал скаутот на „Сент-Хеленс". Сиромашниот рагби клуб од Кардиф набрзо го добил најпознатиот отказ: „Жалам, но дечкото веќе потпиша договор со друг тим. Но не рагби. Тој е фудбалер".
Целата приказна станала многу сериозна, затоа што Ремзи веќе неколку години паралелно со школувањето, тренирал фудбал во младинската академија на Кардиф каде што го донел тренерот Гери Луис. Ремзи бил толку подобар од другите што во април 2007. година станал најмладиот играч во историјата на клубот - дебитираше на 16 години и 124 дена. Дури и легендарниот Џон Тошак кој беше селектор на Велс, дебитирал подоцна во националниот тим како играч.
Смешната страна на приказната е што Арон за повикот во сениорскиот тим дознал од наставникот по математика. „Отидов кај него во кабинетот и не знам зошто оваа вест стигнала во школото. Се испостави дека клубот барал дозвола да пропуштам настава и оправдано да ме пуштат од часовите", раскажува Арон Ремзи, денес еден од најдобрите фудбалери на Арсенал.
Но не бил без трема. Арон тогаш имал многу долга коса а ноќта пред дебито сфатил дека не би било пријатно да се појави на дебито со така неуредна коса. Му се јавил во паника на другар му, кој рано сабајлечки дошол со машинка за бричење, но следувала катастрофа.
„Сечивото на машинката работеше само од левата страна, така што наеднаш ми собра голем прамен коса од таму и ми направи дупка на главата. За да ја извадам ситуацијата, морав да ја избричам цела глава на нула. Бев како маринец, а тоа беше далеку од мојот вообичаен стил. Не се сакав таков, а еден од вработените во клубот дури и ме помеша со брат ми", раскажува Ремзи за првите фудбалски денови во Кардиф.
Меѓутоа фризурата никого не збунила. За помалку од една година, Ремзи кој уште не наполнил 18 години играл против Ливерпул, Арсенал и Манчестер Јунајтед. На почетокот на јуни 2008. година Манчестер Јунајтед на својот сајт објавил дека постигнал договор со Кардиф за Арон, но тогаш се појавил Арсен Венгер.
Арсенал притиснал многу силно и со сите сили решил да го доведе младиот Велшанец во својот состав. Венгер се вратил од подготовките во Швајцарија во Лондон и откажал неколку гостувања на француски телевизии само поради Арон Ремзи.
Во тоа време се играло Европското 2008. година, а Арсен бил стручен коментатор и како што се испостави подоцна го гледал Андреј Аршавин. Поради тоа клубот морал да го прати Рамзи и неговите родители и менаџерот во Цирих во приватен авион. Состанокот со Венгер променил се.
„Почуствував дека во Арсенал многу сакаат да ме видат. Беа многу поактивни во преговорите, а тренерот ми претстави детален план на тренинзите во кампот. Венгер точно ми раскажа што ме чека и јас бев импресиониран", додава велшкиот фудбалер кој го пропушти историското полуфинале со Велс на Европското поради жолти картони.
Следно нешто кое го „поразило" Велшанецот во Арсенал бил автопаркот во тренинг кампот. „Видов какви коли има на паркингот и сфатив дека што побрзо мора да се ослободам од старата Ford Fiesta", се смее Рамзи денес кога вози Mercedes-Benz SLS AMG.
Ремзи речиси целата кариера ја мина со тешкотии поради двојната скршеница на ногата која што ја заработи на крајот од февруари 2010-та година. Девет месеци се опоравуваше, па го позајмија во Нотингем Форест и родниот Карид и сето тоа било ништо во споредба со психолошката бариера во главата на Арон. Стартот над него кога ја доживеа ужасната повреда беше прогласен за најгруб во историјата на англискиот фудбал.
Арон долго време не можел да влезе во дуел, се плашел од лизгачки старт, избегнувал жесток контакт со противниците и со оглед на тоа што тој имаше активно учество во играта на „Топџиите", сега неговиот стил беше многу негативен. Така му отидоа цели три години.
Целосно опоравен Ремзи се врати во сезоната 2013/2014 кога играше неверојатен фудбал: даде 13 голови и го направи Арсенал лидер на Премиер лигата на Божиќ. Потоа одново се повреди во април и тимот на Вегнер заврши на традиционалното четврто место.
Време беше за нов трофеј на Арсенал и токму Ремзи ги водеше до пехар во Купот против Хал Сити во 2014. година кога го постигна златниот гол во месец мај таа година. Тоа беше прв трофеј за Топџиите после цели девет години.
„Сигурен сум дека созреав како играч. Чуствувам одговорност за игра на тимот и се трудам што повеќе да ја водам напред екипата. Сакам да се вклучам во средината наместо да играм десно. Сакам да ја допрам топката во секој напад", изјави самоуверено Ремзи пред една година.
Да ги издржи максималните напори, Ремзи два пати неделно спроведувал индивидуален тренинг со суво трчање и строго следел диета.
„За доручек имав овесни снегулки, пар јајца, зелен чај и банана. За ручек ручав риба со голема чинија зеленчук и ориз. Избегнував секакви десерти, иако можев да јадам пудинг и колачи во одредена количина. Но дома не држев никакво слатко, за да не паднам во искушение", додава Ремзи.
За исхраната дома е задолжена жена му на Ремзи - Колин. Таа поминала многу кулинарски курсеви и нејзиниот Инстаграм е поплавен со фотографии од омилените јадења. Посебно е интересно што Арон и Колин ги убедиле пријателите и роднините да дојдат без подароци и пари на венчавката - наместо тоа барале сите блиски да ги префрлат средствата во добротворниот фонд кој се бори за болните од Паркинсова болест.
И тоа не е единствена таква иницијатива на Ремзи. Арон исто така му помогнал на фондот за заштита на животните во кампањата за спас на африканските слонови (од 2011 до 2014 ловокрадците убиле повеќе од 100.000 животни од овој вид поради слоновата коска).
Со свадбената прослава има и други поврзани приказни во животот на Ремзи. Тој на пример е страстен љубител на велшкиот јазик а во една прилика напишал твит за венчавката на неговиот мајчин јазик: „Точно пред една година се оженив". Навивачите на Арсенал виделе нејасни букви (велските не се ниту близу на англиските) и во коментарите се смееле дека Арон бил наводно пијан. Велшаните пак биле одушевени колку добро го владее велшкиот јазик што е реткост во репрезентацијата. На пример Герет Бејл и селекторот Крис Колман зборуваат само на англиски јазик.
„Горд сум што сум Велшанец. Ние имаме потполно поинаква култура, посебно во смисла на секојдневниот живот и друштвото. Многу луѓе се познаваат меѓу себе. Во Лондон сите се вечно зафатени и немаат време да помуабетат со луѓето. Сите брзаат. Во Велс може да одите во продавница, да најдете пријател по пат и 20 минути да муабетите во убава атмосфера", констатира Арон Ремзи, велшкиот заменик-капитен кој постигна 1 гол на Европското и имаше дури 4 асистенции.