За првиот впечаток велат нема втора шанса. Затоа Садио Мане на своето деби за Ливерпул ги измеша Начо Монреал и Калум Чемберс и со неодбранлив шут го постигна првиот гол за „Црвените“ и тоа на гостински терен. Од тој момент престанаа сите дебати околу тоа дали Ливерпул го преплатил со трансферот од 34 милиони фунти летово од Саутемптон.
Со овој трансфер, Мане стана најскапиот африкански фудбалер во историјата. И не само тоа, туку станал и еден од поомилените играчи во кампот на Ливерпул „Мелвуд“. За неговиот трансфер најзаслужен е Јирген Клоп којшто се повеќе доведува играчи по примерот на Сер Алекс Фергусон кој купуваше играчи со цврст карактер.
Садио Мане израснал во малото село Бамбали, на крајниот југ од Сенегал, каде татко му бил имам во локалната џамија. Кога некој сенегалски репортер неодамна го посетил местово, дознал дека Мане платил за реконструкција на џамијата. Фудбалерот на Ливерпул, како и многу други африкански ѕвезди планира да вложи пари во родниот крај за да се стартуваат многу проекти кои ќе помогнат на мештаните.
„Не пипкам алкохол. Никогаш. Религијата ми е многу важна. Ги почитувам правилата на Исламот и се молам пет пати дневно, секогаш“, вели Мане кој се смета за верник.
Во однос на религијата во Сенегал, тој вели:
„Во Сенегал 90% од населението се Муслимани и можеби 10% се Христијани, но сите живеат во хармонија и нема никакви проблеми. Мојот најдобар другар Луке е Христијанин и редовно си одиме на гости едни со други. Нема конфликт, а јас како мал сакав да играм само фудбал. Израснав во здрава средина и ме воспитуваа на прав начин. Моите уште живеат во истото село, иако купив куќа во Дакар така што може да одат таму кога сакаат“.
Како мал му кажувал на вујко му дека еден ден ќе игра во Франција за голем тим, а тој само му се смеел. Му велел дека се наоѓаат на крајот од Сенегал, далеку од фудбалските случувања во главниот град Дакар.
„Не му верував. Но, ете, тој веруваше. Дури и зимно време кога се играа турнирите, цело време повторуваше дека ќе успее“.
Садио Мане најпрво заиграл за селската екипа во дуели против поголемите ривали Тинтинконг и Марсасум.
„Цело време зборуваше дека само фудбалот го интересира. Викаше и дека не стигнува да се избања од што сака да има време да игра повеќе. Викаше дека кога ќе има пари ќе се бања“, се сеќава еден него другар во разговор со репортерот кој дошол во селото од каде потекнува Садио Мане.
Како мал најмногу го сакал клубот Каса Спортс, екипа од јужниот град Зигиншор во Сенегал, најблизок град до неговото село Бамбали до каде има час и половина возење.
„Моето село е многу далеку од Дакар и не верував дека некој ќе дојде кај нас да скаутира фудбалери. Така се заинатив и на родителите им кажав дека толку го сакам фудбалот што би отишол да тренирам во некој клуб каде ќе ме видат. Со вујко ми на 15 години отидов 500 километри северно до Дакар за да одам на проба.“, раскажува Мане.
На првиот ден од пробата во еден поголем клуб во Сенегал, присутните му се смееле затоа што носел скинати копачки и шиени шорцеви.
„Имаше многу деца кои ги тестираа и ги делеа по тимови. Никогаш нема да заборавам кода еден постар човек ме здогледа како да сум го промашил местото. Ме праша: ’Ти си овде на проба? Му реков да. ’Па каде си дошол со овие копачки? Гледај какви се, како ќе играш во нив. Копачките беа многу многу лоши. Стари и скинати. ’Немаш ниту соодветни фудбалски шорцеви, кај си дошол вака’. Му кажав дека сакам само да играм. Кога излегов на теренот, тој се изненади. Дојде до мене и ми кажа те пикирав мали, ќе играш за мојот тим. После тие проби отидов на Академијата“, вели 24-годишниот Мане за почетоците.
Еден од најдобрите фудбалери на Ливерпул денес вели дека како мал многу сакал да ја гледа репрезентацијата и нејзините херои. Во 2002 година Сенегал беше сензација на Светското во Јужна Кореа и Јапонија откако во првото коло ја совладаа Франција а потоа стигнаа до четвртфиналето.
Мане вели и дека кога се преселил во Дакар една фамилија го примила да живее кај нив иако не го ни познавале. ’Моите познаваа едни луѓе кои ги знаеа на нив така што луѓето ме прифатија како свој. Се грижеа за мене и ми помогнаа да мислам само на фудбалот’.
Како најталентиран меѓу децата, го забележала Académie Génération Foot, сенегалска академија од каде заминува во Мец, Франција. За новиот клуб дебитирал на 14. јануари 2012 во втората лига.
Неговиот талент го препознал богатиот Ред Бул Салцбург кој за него дал 4 милиони евра. Веќе во Австрија тој почнал редовно да дава голови а наскоро играл и во квалификациите за Лигата на шампионите. Следна дестинација во неговиот живот бил Саутемптон кој за Сенегалецот одвоил 11,8 милиони фунти. Мане потпишал 4-годишен договор.
“Искрено тешко се навикнував на новата средина поради врнежливото време, но фудбалот е тука центар на се, така што успешно се адаптирав во Англија“.
Европската јавност за него дозна кога го постигна најбрзиот хет-трик во историјата на Премиер лига. Даде три гола за само 2 минути и 56 секунди во триумфот над Астон Вила од 6:1 и го сруши рекордот на Роби Фаулер кој во ’94-та даде три гола против Арсенал за 4 минути и 33 секунди.
Одличните настапи за „Светците“ беа препорака летово Ливерпул да го одврзе ќесето и во јуни за него да плати неверојатни 34 милиони фунти! Но Мане веќе ги оправда вложените средства и заедно со Фирмино и Кутињо го претставува најопасното трио во Премиер лигата.
Садио Мане присуствувал на многу дерби натпревари, почнувајќи од оние жестоките во Дакар каде навивачите носеле и оружје, па во Мец и во Салцбург. Но вечерва го чека неговиот најголем меч во кариерата, градското дерби Евертон - Ливерпул каде ќе игра против Роналд Куман, човекот кој го тренираше во Саутемптон.
Мане во моментов е првиот Сенегалец во последните 10 години кои конкурира за престижната награда „Најдобар фудбалер на Африка за 2016“.