Брат за брат, Лига Европа за Италијанци

Дуелот Фиорентина - Рома ќе биде 17 натпревар меѓу два клуба од Серија А во едно европско натпреварување. Од Интертото на времето, па до Лига на шампиони, Италијанците често играа едни против други.

Вечерва во 21:05 на стадионот Артемио Франки во Фиренца ќе се игра 17-то италијанско дерби во Европа. Во последните 30 години во еден европски дуел на две италијански екипи играа Марадона, Роналдо, Платини, Руи Коста, Кака, Џоркаеф, Роберто Баџо, Батистута, Франк Рајкард, Руд Гулит.

За некои италијански клубови беше благодет кога ќе им паднеше некој „земјак“ во Европа, затоа што секогаш стигнуваа до финале после таков епилог. За други пак дуел против своите беше табу тема.

1985/1986 - Куп на шампиони, осмина-финале

Верона - Јувентус

Првата средба на Бентегоди заврши 0-0, а во реваншот во Торино, пред затворени врати поради трагедијата во Хејсел, шампионите на Европа ја победија Верона со гол на Платини од пенал и еден на Серена. Натпреварот го одбележа лошото судење на Германецот Вурц.

1988/1989 - Куп на Уефа, четврт-финале

Јувентус - Наполи

Еден од натпреварите со кои започна лутото ривалство меѓу Бјанконерите и Аѕурите беше оној пред 26 години. Јувентус дома победи 2:0 со голот на Пасквале Бруно и автоголот на Корадини. Но во реваншот, Сан Паоло буквално гореше и Наполи ја стигна негативата со головите на Марадона од пенал и Карневале. На минута пред пеналите, во продолженијата гол за Наполи даде Реника а Неапол експлодираше.

1989/1999 Куп на Уефа, финале

Јувентус - Фиорентина

Старата дама царуваше во Европа во раните 90' години. Торинскиот клуб во сезоната 89/90 го освоија Купот на Уефа, откако прво на домашен терен ја совладаа Фиорентина 3:1 со головите на Галија, Казираги е Де Агостини. Реваншот се одигра во Авелино и заврши 0-0, по што Јуве се радуваше на Купот.

1990/1991 Супер Куп на Европа, финале

Сампдорија - Милан

Шампионот на Европа, Милан се сретна со освојувачот на тогашниот Куп на Купови, Сампдорија предводена од Манчини. Првиот меч во Џенова заврши 1-1, а во реваншот Гулит и Рајкард се погрижија Милан да го збогати трофејниот музеј.

 

1990/1991 Куп на Уефа, четврт-финале

Аталанта - Интер

Малкумина од нас знаат за славните денови на Аталанта, особено во сезоната 90/91. Во Бергамо заврши 0-0, а на Сан Сиро, Интер предводен од Џовани Трапатони победи со два гола постигнати за три минути преку Серена и Лотар Матеус. Во полуфиналето Интер се сретна со Спортинг Лисабон и го совлада со истите резултати како Аталанта претходно.

 

1990/1991 Куп на Уефа, финале

Интер - Рома

Таа година во финалето на Купот на Уефа играа Интер и Рома. На Сан Сиро Интер победи 2:0 со головите на Матеус од пенал и Николо Берти, двата постигнати во вториот дел. Во реваншот на Олимпико, голот на Рицители не беше доволен Волчицата да стигне до големиот пехар. Тоа беше прв трофеј во Уефа Купот во историјата на Интер.

 

1994/1994 Супер Куп на Европа, финале

Парма - Милан

Една од најголемите победи во историјата на Парма е триумфот над Милан во февруари 1994 година. „Млекарите“, како освојувачи на Купот на Купови од претходната сезона, загубија од Милан (финалист на ЛШ). Сепак во реваншот, благодарение на головите на Сенсини и Крипа (во продолженијата), избраниците на Невио Скала ја изненадија фудбалска Европа.

 

1993/1994 Куп на Уефа, четврт-финале

Каљари - Јувентус

Ако за Милан, Интер, Рома и Јувентус е очекувано да стигнат до завршница на едно европско натпреварување, тогаш право изненадување е Каљари. Тимот од главниот град на Сардинија го победи Јувентус на Роби Баџо и дома 1:0 и на гости 1:2, по што се пласираше во полуфиналето.

Лига Европа, осминафинале - први средби:

Зенит - Торино 18:00 часот
Бриж - Бешикташ 19:00
Днипро - Ајакс 19:00
Волфсбург - Интер 19:00
Евертон - Д. Киев 21.05
Фиорентина - Рома 21.05
Наполи - Д. Москва 21.05
Вилјареал - Севилја 21.05