„Маус" е дело на американскиот уметник Арт Шпигелман, кој за него ја доби Пулицеровата награда во 1992. На руски графичкиот роман беше преведен во 2013, а досега е продаден во над 10,000 примероци. Но од рускиот издавач Корпус деновиве се пожалиле дека големите синџири книжарници, кои до сега немале ништо против книгата, почнале да ја повлекуваат од продажба, и од книжарниците и од интернет сајтовите.
Причината е што во декември минатата година Русија изгласа закон кој забранува нацистичка пропаганда, а тоа вклучува и јавна употреба на какви и да е нацистички симболи. Инспекциските служби, особено во пресрет на големата прослава на сојузничката победа над фашизмот на 9 мај, си ја сфатиле пресериозно работата, па влегуваат и во антикварници и ги проверуваат тезгите по пазарите за да проверат дали некој продава кукасти крстови или други непожелни ознаки. Оттаму, книжарните превентивно, но масовно, ја отстрануваат и книгата на Маус, сметајќи дека би биле казнети заради свастиката на нејзината корица.
Всушност, „Маус" е антифашистичка приказна за холокаустот раскажана низ спомените на таткото на Шпигелман, полски Евреин кој се преселил во САД. Во неа Евреите се прикажани како глувци, а Германците како нивни ловци-мачки. И, за иронијата да е поголема, зборува токму за забраната на слободата на говор и ужасите на Втората светска војна, на кои прославата треба да потсети.
Самиот автор изјавил дека иако не верува дека неговата книга е директна цел на забраната, таа сепак е знак за репресијата на слободата на говорот во Русија. Тој се соочил со слична ситуација кога книгата била објавена во Германија - неговиот издавач тогаш морал да ги убеди властите дека стрипот е всушност (како што и е) „сериозно дело", бидејќи само во тој случај тие би дозволиле свастика на корицата. Шпигелман сепак бил одлучен во ставот дека меморијата на холокаустот не смее да биде избришана, па во сите договори кои од тогаш ги потпишува постои одредба која вели дека кукастиот крст мора да биде вклучен во дизајнот на кое и да е издание на „Маус".