Утрото на 22 август 1911 година еден париски уметник, познат по своите копии на славни уметнички дела, влегол во Лувр за да почне да ја копира Мона Лиза. Кога пристигнал во салонот каде обично висела сликата, таму нашол само празен ѕид.
Драматично ги известил подзаспаните чувари, кои најпрвин мислеле дека сликата е можеби привремено отстранета заради чистење или фотографирање. Но по неколку часа е потврдено - дека таа е украдена. Лувр бил затворен на цела недела, дел од вработените добиле отказ, на границата биле пребарувани сите бродови и возови, а за информација била понудена награда од 25.000 франци.
Високо на списокот на осомничени, благодарејќи на сведочење на крадец на уметнички дела кој не бил вклучен во конкретниот настан, Јозеф Гери Пјере, биле никој друг туку Пабло Пикасо и Гијом Аполинер. Аргументот на Пјере бил дека првиот откупил од него неколку мали статуи кои тој самиот ги имал украдено од Лувр, и притоа наводно се распрашувал за начинот на кој овој ја извел кражбата. Оттаму испаднало некако „логично“ тој и неговиот пријател Аполинер, член на групата уметници околу славниот шпански сликар кои себеси се нарекувале „Дивите мажи од Париз“, освен уметници да се и крадци на уметнички дела.
И сега доаѓа најчудното - Аполинер, веројатно заради сензација и пуст експеримент, го признал „злоделото“, додека Пикасо на суд ронел солзи, хистерично викајќи дека никогаш не го ни сретнал Аполинер. Сосема збунет од контрадикторноста на сведоштвата, судијата Енри Дриу го отфрлил случајот, ослободувајќи ги обајцата само со прекор.
Две години подоцна конечно се дознал идентитетот на вистинскиот крадец - Винченцо Перуџија, вработен во Лувр, кој лесно го изнел платното и го чувал во камион, чекајќи добра прилика да го врати во татковината, каде што според него припаѓало.
Во сатиричен текст во Хафингтон пост се изнесуваат неколку „докази“ за тоа дека Пикасо сепак ја украл сликата. Еден од нив - дека во тоа време живеел во Франција. Второ - ја сакал уметноста:)