
Нов систематски преглед на 52 студии на животни, делумно финансиран од Светската здравствена организација, го поврзува радиофреквентното зрачење на мобилните телефони со два типа на тумори кај животните: глиоми во мозокот и малигни шваноми во срцето.
Прегледот „Ефектите од изложеност на радиофреквентно електромагнетно поле врз рак во лабораториски студии за животни“ исто така открил „умерена“ сигурност на докази за зголемен ризик од ретки тумори, како што се феохромоцитоми во надбубрежните жлезди и хепатобластоми во црниот дроб. Можна е и поврзаност со лимфоми, иако наодите не се конзистентни. Веќе имаше и истражување што покажа негативно влијание врз машката плодност.
Имајќи предвид дека опишаните тумори се пронајдени и во студии кај луѓе, секој што користи смартфон или друг паметен уред, ако е во мрежа на WiFi, во модерен автомобил, во воз или телекомуникациски предавател, долгорочно се изложува на ризик од рак.
Ако СЗО ги прифати заклучоците од сопствените истражувања, тоа ќе биде целосен пресврт во долгогодишниот став за ризикот од радиофреквентните електромагнетни полиња. СЗО претходно извршил 12 посебни прегледи на постоечките студии при што имало цврсти докази дека потенцијалната штета од безжичната радијација е мала.
Онкологот и епидемиолог Ленарт Хардел уште во 2017 година тврдеше дека Проектот ЕМФ на СЗО е компромитиран, бидејќи се спроведува со Меѓународната комисија за заштита од нејонизирачко зрачење, воената индустрија и телекомите.
Меѓународната комисија за биолошките ефекти на електромагнетните полиња (ICBE-EMF) повикува на итна политичка акција за заштита на јавното здравје поради глобалниот пораст на употребата на уреди за безжична комуникација. Се бара и промена на актуелното упатство од СЗО дека „никаков негативен ефект врз здравјето не е причински поврзан со изложеноста на безжични технологии“, врз кое се потпираат јавните здравствени тела ширум светот.
Сегашните стандарди за изложеност, засновани на застарени претпоставки, не ги одразуваат научните докази што го поврзуваат радиофреквентното зрачењето со ракот и другите здравствени ефекти, соопшти ICBE-EMF.